До:
Кривичниот совет во
Основниот Суд Скопје 1
Одделение за организиран криминал и корупција
Скопје
Врска КО бр. 39/12 од 08.08.2012 година
Приговор на Обвинителниот акт КО бр. 39/12 од 08. 08. 2012 год., од обвинетиот Јован Вранишкоски
Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на 08.08.2012 год., поднесе во основниот суд Скопје 1, во Скопје, обвинителен акт КО бр. 39/12 против Јован Вранишкоски и уште 18 други лица, дека обвинетите: Јован Вранишкоски, Марко Кимев и Магдалина Ицова сториле по едно кривично дело - перење пари и други приноси од казниво дело по чл. 273 ст.1 в.в. чл. 45 и чл. 22 од КЗ, а другите обвинети (16 лица), сториле по едно кривично дело - перење пари и други приноси од казниво дело по чл. 273 ст.1, од в.в. чл. 22 од КЗ Обвинителството предлага: Основниот суд Скопје 1, како стварно и месно надлежен да закаже и одржи: главен, јавен и усмен претрес на кој покрај Јавниот обвинител и обвинетите ќе бидат поканети и сведоци, но и претставник од МПЦ.
Обвинителството исто така предлага да се продолжи мерката притвор против обвинетиот Јован Вранишкоски и тоа до правосилност на пресудата, како и да се конфискува имотот и паричните средства, коишто наводно биле прибавени со кривично дело.
На крај, под точка V, се предлага судот по одржаниот претрес: „обвинетиот да го огласи за виновен и казни според законот за стореното кривично дело”.
Во законски предвидениот рок го поднесувам овој приговор кон обвинителниот акт КО бр. 39/12 од 08.08.2012 год., а заради следново:
Целта на обвинителниот акт не е да се докажува некаква вина на обвинетите, зашто јасно е од предложените докази од страна на обвинителството дека во обвинетите нема никаква вина по однос на кривичното дело што им се става на товар, туку целта е да се продолжи со политичкиот прогон против Јован Вранишкоски, како и да се конфискува имотот и парите што се предмет на обвинението, а за сметка на МПЦ.
Ова се воочува преку предлогот на обвинителството позициониран во точката V, виновен да се огласи и да се казни само Јован Вранишкоски, како и од предлогот позициониран во точка IV, да се конфискува недвижниот имот и паричните средства, коишто наводно биле прибавени со кривично дело.
Да бидам искрен, не верувам дека овој приговор кон обвинителниот акт ќе донесе некаква промена во генералната државна политика да се гони Првојерархот на Православната Охридска Архиепископија. Моите политички прогони, кои најрадикално се манифестираат преку осудителните судски пресуди траат веќе полни десет години.
Само делумно точно е она што обвинителството го наведува во обвинителниот акт дека Јован Вранишкоски бил осудуван за кривичните дела: „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост” по чл. 319 ст. 1 од КЗ, и за кривичното дело „затајување” од чл. 394 ст.4 в.в. ст. 1; туку, осудуван сум во последниве десет години и за кривичното дело „самовластие” по чл. 392 ст.2 од КЗ, со пресуда 447/03 од 31.10.2003 год., потврдена од Апелациониот суд со пресуда бр. 92/04 од 17.03.2004 год., и тоа на затворска казна од една година. Исто така осудуван сум и по вторпат за кривично дело „затајување” по чл. 239 ст. 4 в.в. ст. 1, со пресуда К. бр. 359/02 – II од 23.09.2005 год., и потврдена од Апелациониот суд со К.ж. бр. 2495/05 од 14.03.2006 год., на затворска казна на една година и шест месеци.
Овие пресуди му ги предочувам на кривичниот совет, а коишто обвинителството, не знам од кои причини, ги изоставило, за да го поткрепам горниот исказ дека последниве десет години, имено од 21.06.2002 год., од датумот кога ја напуштив МПЦ и влегов во единство со Српската Православна Црква бев осудуван од судовите во Р. Македонија на затворска казна од вкупно пет години. Значи, според пресудите, од последниве десет години, пет години требаше да ги поминам во затвор. Друго е тоа што Господ не сакал толку време да бидам во затвор, па тоа не го дозволил, но политичката тенденција низ сиве изминати десет години била јасна и се резимира преку неодамнешната изјава на Митрополитот црногорско–приморски г. Амфилохиј, кој при посетата на Православната Охридска Архиепископија, во Јули 2012 год., кажа дека ако само би можеле, властите во Р. Македонија би го осудиле Архиепископот Јован Вранишкоски и на смртна казна.
Во овој приговор кон актот, нема да навлегувам зошто властите во Р. Македонија непрестано започнуваат нови судски гонења против Јован Вранишкоски, и пред да му заврши една затворска казна му досудуваат нова, но не би сакал ниту да испаднам пред верниците на мојата Црква, како и пред историјата, дека не сум се обидел барем да ги бранам своите верски и граѓански слободи, како и верските слободи на оние кои Господ ми ги поверил како словесно паство.
Нема да го прескокнам ниту фактот што претходно го наведов, дека власта сака на верниците на Православната Охридска Архиепископија да им го одземе и она најнеопходното, храната и водата. Ова во контекст на суштинската духовна вистина дека црковниот човек побезболно би прифатил фактот да му ги одземеш храната и водата отколку да му го рушиш и одземеш местото каде што се моли на Бога.
Откако по десет години од кога бевме избркани од објектите во кои живеевме и се молевме, а истите наводно припаѓале на МПЦ, со Божја помош едвај успеавме да собереме материјални средства за да купиме свое место за богослужба; сега се појави завист по единствената наша овца (како во приказната на пророкот Натан кажана на Царот Давид), па прават напори и тоа „легално”, со судска одлука да ни го одземат. Срамно, жално, неправедно, но вистинито.
Власта во Р. Македонија цели 10 години ги одбива барањата за регистрација на Православната Охридска Архиепископија. А, тоа го прави со една и единствена цел, секогаш кога ќе ѝ затреба, да ја посочи Православната Охридска Архиепископија како нелегална пред законот. Како што веќе сум кажал пред истражен судија, а во контекст на овој судски предмет, Православната Охридска Архиепископија немаше никаква потреба да регистрира здружение на граѓани под име „Анастасија“, а кое е предмет на ова гонење, ако оваа Црква беше регистрирана судски и ако можеше да се ползува со привилегиите што законот ги нуди за регистрираните верски заедници, да биде правно лице, да има своја банковна сметка и т.н.
Од причина што властите упорно ја одбиваат регистрацијата на Православната Охридска Архиепископија, принудени бевме да се снаоѓаме, но со почитување на законите во Р. Македонија, а само за да преживееме.
Од таа причина, верниците на Православната Охридска Архиепископија што сакаат да донираат средства за Црквата, за да се купи место каде што ќе можат да се собираат за извршување на нивните верски потреби, ги вложија нивните средства на банковната сметка на здружението на граѓани „Анастасија“, кое е основано од верници на Православната Охридска Архиепископија. Што има во тоа нелегално? Не смеат ли тие ниту своите средства да ги подарат кому сакаат, или не смеат само затоа што ги подариле на Православната Охридска Архиепископија?
Но, за да ги заплени вложените средства, што е срамно, како и за да ме остави во затворските окови, власта, преку Јавното обвинителство поднесува обвинителен акт против дародавците, дека преку нив се переле парите што јас претходно сум им ги дал, а истите потекнувале од извршено кривично дело. Станува збор за 14.804.211,00 денари што наводно незаконски сум ги прибавил од кривичното дело „затајување” во периодот од 1998 до 2002 година, за кое од неодамна сум осуден наводно со правосилна пресуда.
Единствениот „доказ” кој обвинителството го приложува за кривичното дело за кое нѐ обвинува, опишан е на стр. 28 од обвинителниот акт, а тоа е посебниот извештај за спроведување на мерката „следење на комуникациите“, која се спровела во периодот од 21.01.2012 год., до 21.03.2012 год., и откриено е дека: „биле реализирани комуникации помеѓу дел од обвинетите Давид Нинов и Филип Нинов, Олимпијада Мижимаковска и Магдалина Ицова, Орде Иваноски и Горан Иваноски, кои меѓусебно интензивно комуницирале, особено за начинот како да воспостават комуникација со обвинетиот Јован Вранишковски, кој во тој момент се наоѓал во притвор”.
Обвинителството, значи, единствениот доказ кој го предлага е дека гореспоменатите личности меѓусебно комуницирале и тоа: Давид Нинов со Филип Нинов, а тие се родени браќа, Олимпијада Мижимаковска со Магдалина Ицова, а тие се монахињи во ист манастир и Орде Иваноски со Горан Иваноски кои се исто така родени браќа.
Периодот на следење на комуникациите и не беше толку краток како што се наведува во обвинителниот акт. Имаше следење на комуникациите и во други периоди, сè до завршување на истражната постапка. Да не кажам дека за мене, за членовите на Светиот Архијерејски Синод на ПОА, за монасите и монахињите има мерка за следење на комуникациите веќе десет години наназад.
Но, единствено што откриле од тоа следење на комуникациите е дека горе споменатите личности во горепосочениот период „интензивно комуницирале” и дека од тие разговори што се следеле „всушност се гледало дека обвинетата Олимпијада Мижимаковска била таа што раководи со здружението”.
Еве, ова е цврстиот доказ на кој обвинителството го темели обвинението. Иако барем четири пати до сега сум се уверил дека ако власта сака да те суди не ѝ требаат докази, доволно е само да се има „политичка волја” за тоа, сепак заради историјата ќе продолжам да образложувам зошто не било можно да се направи кривичното дело перење на пари и други приноси од казниво дело за кое сме обвинети.
Целото обвинение е засновано на претпоставка дека парите што сум ги затаил преку кривичното дело „затајување”, за кое од неодамна сум осуден, а во износ од 14.804.211,00 денари сум ги перел преку купување на имот на име на други лица. За споменатото дело „затајување”, во обвинителниот акт се вели дека имало правосилна пресуда, но тоа е само делумно точно. Имено, иако Апелациониот суд заседаваше на 28.06.2012 год., и донесе пресуда која веќе ја примив, пресудата не може да се смета за правосилна од причина што мојот адвокат Васил Ѓорѓиев од адвокатското друштво „Ипсо Јуре“, има поднесено барање за преотварање на седницата на Апелациониот суд и на тоа негово барање сè уште нема одговор од судот.
Имено, Апелациониот суд на споменатата одржана седница на која донесе пресуда, не ја разгледуваше жалбата од адвокатот Васил Ѓорѓиев на пресудата од Основниот суд во Велес бр. 136/12 од 11.05.2012 год., бидејќи до датумот на одржување на седницата на Апелациониот суд (28.06.2012 год.), жалбата не била пристигната во судот, иако постои уверлив доказ дека истата била навремено испратена по пошта. Сè до одговорот од Апелациониот суд на барањето на мојот адвокат за преотварање на седницата пресудата за „затајување” бр. 136/12 не може да се смета за правосилна, особено и заради фактот што мојот адвокат не присуствуваше ниту на седницата одржана во Апелациониот суд на 28.06.2012 година.
Покрај тоа, на јавната седница одржана во Апелациониот суд на 28.06.2012 год., по однос на мојата лична жалба поднесена врз пресудата бр. 136/12 од Основниот суд во Велес, побарав Апелациониот суд да се произнесе дали сум ги присвоил за себе или за некој друг средствата во износ од 14.804.211,00 денари за кои бев со пресудата задолжен да ги вратам на МПЦ. Тоа го побарав од причина што беше веќе отворена истражна постапка по предметов за кое е подигнато ова обвинение. Неопходно беше судот да се произнесе по тоа мое барање, но судот не знам од која причина, намерно или ненамерно, тоа не го направи.
Сега, такво барање, да се произнесе по однос дали споменатите средства сум ги присвоил, упатив до Врховниот суд во барањето за преиспитување на пресудата. Прецизирањето на тој факт е многу значаен за оваа постапка и тоа заради следново:
За делото „затајување” за кое сум осуден со пресуда од првостепениот суд во Велес бр. 136/12 од 11.05.2012 год., во два наврати, во две судења од првостепениот суд бев ослободуван од обвинението затоа што судот констатираше дека ништо не сум присвоил од имотот на МПЦ, па кривичното дело за кое бев обвинет не е кривично дело според законот. Апелациониот суд во Скопје на двапати го враќаше предметот на повторно одлучување, со инструкции првостепениот суд да утврди „дали обвинетиот располагал со средствата на МПЦ како да се негови лични, дали истите ги пренасочувал и пренаменувал, па со тоа постапувал спротивно на законските прописи”. Ова се гледа од пресудата на Апелациониот суд за предметот „затајување” К.ж. бр. 1553/07 од 13.09.2007 година. Тоа значи дека не само за првостепениот суд кој ме ослободувал, туку и за Апелациониот суд кој имал увид во списите, а особено во вештачењата, било јасно дека Јован Вранишкоски не присвоил за себе, ниту за друг од средствата или инвентарот што припаѓал на МПЦ, туку препораката на Апелациониот суд била да се испита дали обвинетиот „располагал со средствата на МПЦ како да се лични негови”, со што, според мислењето на Апелациониот суд, и ако средствата не се присвојуваат, сепак се остварува природата на кривичното дело.
Значи, за да се подигне обвинение дека Јован Вранишкоски се обидел да ги испере споменатите 14.804.211,00 денари, прво некој суд треба изрично да утврди дека тој тие пари ги присвоил за себе или за друго лице. Таква пресуда до сега нема. Постои пресуда со која Јован Вранишкоски е огласен за виновен за кривичното дело „затајување”, осуден е на две и пол годишна затворска казна, наложено му е износот од 14.804.211,00 денари да го врати на МПЦ, но во пресудата не е констатирано дали споменатите средства ги присвоил или пак со нив располагал само како да се негови.
Ако во пресудата нема изрична одредба дека Јован Вранишкоски ги присвоил средствата во износ од 14.804.211,00 денари, јасно е тогаш дека тој тие средства не ги присвоил за себе, туку дека според процена на судот располагал со тие средства како да се негови. Но, тоа се случило во периодот од 1998 до 2002 година.
Впрочем, ако судот докажел дека Јован Вранишкоски присвоил сума од 14.804.211,00 денари што одговара на противвредност од нешто повеќе од 240.000 евра, зарем би добил Јован толку мала затворска казна од само две години и шест месеци затвор?
Единствено што е чесно во обвинителниот акт, за кое не сум сигурен дали е направено со добри намери, или е превид, е тоа што обвинителството како доказ ги предлага и наодите и вештачењата за материјално финансиското работење кое е правено за предметот К. бр. 86/04 што во повторена постапка е идентичен со предметот К. бр. 136/12 во кој бев осуден. Имено од тие наоди и мислења: СВ 1234/2003 од 22.01.2004 год., СВ 1234/2003 од 22.02.2005 год., СВ I 511/08 од 21.05.2009 год., јасно се воочува дека со средствата во вредност од 14.804.211,00 денари се одржувале тековни трошоци, се плаќале плати, се купувал инвентар и се правеле други материјални трошоци, кои сите до еден, покриени се со сметки и описи на каков начин и по која основа се потрошени.
Дури и само површен поглед врз вештачењата доволен е да потврди дека не постоела никаква можност Јован Вранишкоски да присвои за себе толкава сума на пари. Сумата од 14.804.211,00 денари е сума на четири годишни буџети на епархиите со кои сум раководел, во периодот од 1998 до 2002 година. Кој е тој што може да присвои четири годишни буџети и тоа да се открие дури по четири години? Невозможно е да се присвои еден годишен буџет, а не четири! Што правеле епархиите со кој сум раководел во тие четири години? Биле заклучени?
Но, најчудно е што обвинителството подигнува обвинение, ама баш без никаков доказ дека парите кои сега се переле (во 2012 год.), потекнуваат од казниво дело правено од 1998 до 2002 година. Пред да го подигне обвинението, обвинителот требало да прибави барем елементарен доказ дека парите со кои се купувале имотите што се предмет на обвинението, се токму тие пари за кои постои претпоставка дека јас сум ги присвоил. Обвинителот испитал и утврдил дека јас немам никакви приходи на територијата на Р. Македонија, ниту пак имам имот на мое име. Но, требало и да претпостави дека јас од нешто живеам во изминативе десет години. Па дури и да се усвои претпоставката што паушално и од ракав (без никаква судска одредница), ја тресе обвинителството, дека Јован Вранишкоски ги присвоил во целост четирите годишни буџети во епархиите во кој раководел во периодот од 1998 до 2002 година, недостасува фактот на поврзување на тие пари со парите потрошени за купување на имот на име: Здружение на граѓани „Анастасија“, Марко Кимев и Исајло Поповски.
Имено, да трошел само по илјада евра месечно за сопствените расходи и расходите на Архиепископијата, монасите и монахињите, за десет години Јован Вранишкоски би потрошил 120.000 евра; на таков начин не би останале пари кои би биле употребени за перење. Но, може ли некој да поверува дека една Архиепископија може да се издржува со расход од само 1000 евра месечно? Да не беше трагично ќе беше смешно поврзувањето на настаните на присвојување на средства пред четиринаесет години и обидот за нивно перење во 2012 година е голем безобразлук.
Во првиот дел од обвинителниот акт се вели дека Јован Вранишкоски, дел од стекнатите со казниво дело 14.804.211,00 денари, и тоа: 4.940.790,00 денари, ги раситнил во износ од по пет илјади евра во денарска противвредност и им ги дал на обвинетите (шеснаесет лица), па тие ги уплатиле на сметката на здружението на граѓани „Анастасија“. Ако не сакал да верува во мојот исказ даден пред истражен судија, обвинителот лесно можел да провери дека од почетокот на Март 2008 година, па сè до 12.12.2011 година, Јован Вранишкоски бил надвор од Р. Македонија, освен во еден краток период од Февруари до Јуни 2010 година. Како сум можел да се сретнам со другите шеснаесет обвинети лица за да им ги предадам парите? Претходно, како сум можел да ги раситнам еврата во денари како што се вели во обвинителниот акт дека сум направил, а во периодот од речиси три години пред да бидат парите уплатени, па се до критичниот ден сум се наоѓал во странство? Парите се уплатени на сметката на „Анастасија“ на 06.12.2011 год., а јас сум влегол во Р. Македонија шест дена подоцна, на 12.12.2011 год., и веднаш од граница бев префрлен во затворот Идризово. Не сум имал можност да се сретнам со ниту еден од обвинетите до 06.12.2012 год., а не пак да им дадам пари, коишто никогаш и не сум ги поседувал.
Сите обвинети, без исклучок, недвосмислено кажуваат дека се членови на Православната Охридска Архиепископија. И недвосмислено пред истражен судија изјавиле и дека сакале да ја помогнат со свои лични средства Црквата на која припаѓаат, како што тоа го прават сите верници во светот за своите религиозни организации. Само во Р. Македонија ли претставува казниво дело верниците да ја помагаат со свои лични средства Црквата во која се црквуваат?
По однос, пак, на тоа зошто сите обвинети, средствата од својот подарок ги уплатиле во ист ден, јасно е од доказите обезбедени во истражната постапка дека тоа било наложено од потребата. Имено склучен бил преддоговор (спомнат во предложените докази од обвинителството), помеѓу продавачот ДППУ „Ван Мак“ ДООЕЛ Скопје и здружението на граѓани „Анастасија“ од Битола, за купување на станбен простор во Скопје што го продавал „Ван Мак“. Преговорите траеле подолго време. Во тие преговори јас не сум учествувал бидејќи сум бил надвор од Р. Македонија.
Но, од причини што се доцнело со пререгистрирањето на „Анастасија“, според новиот закон за пререгистрација на здруженијата на граѓани, се задоцнило и во исполнување на обврските по договорот. Затоа, веднаш по добивањето на законската можност да се отвори банковна сметка на здружението „Анастасија“, а тоа било на 05.12.2011 год., донаторите ги внеле парите од своите донации. Тие уште претходно сакале да донираат, но не постоеле правни и законски услови за тоа. Условите се стекнале дури откако сосем легално се отворила жиро сметка на здружението „Анастасија“, а тоа било на 05.12.2011 година. Каде има овде перење на пари?
Обвинителството смета дека е некаков доказ исказот даден од сестра ми, Марија Петровска, пред истражен судија затоа што јас сум ѝ посочил во кој ден да ги уплати парите, па со тоа се докажувало дека јас сум знаел за целата трансакција.
Па, јас ниту во мојот исказ пред истражен судија не сум одрекол дека знаев за купувањето на просторот. Каков Поглавар на Црквата би бил, а да не сум барем известен за таква крупна работа? Не треба никој никакви докази да прилага за да докажува дека јас сум знаел за купувањето на просторот во Скопје, чудно би било ако некој тврди дека не сум знаел, но важно за предметот е што никому од лицата споменати во обвинението не сум му дал пари, евра или денари, за да ги уплати од негово име, зашто како што претходно образложив такви пари јас сум немал.
Сево погоре речено произлегува не само од исказите на сите обвинети, туку и од исказите на сведоците, како и од доказите што ги прилага обвинителството.
Но, ако властите решиле повторно да го осудат Јован Вранишкоски и да го конфискуваат имотот за да ѝ го дадат на МПЦ, сево горе опишано е безначајно. Нормално, останува гревот на секој оној кој лично ќе учествува во таквата неправда; но, кој денес се интересира за гревовите?! Оној кој во Бога верува прави сè да ја исполни волјата Божја, оној пак кој не верува, тој прави сè да ја исполни волјата на оној кој има сила и моќ, а тоа е владетелот.
Во вториот дел од обвинението се вели дека за нивата што Марко Кимев ја купил во Штип на 07.11.2008 год., добил пари од Јован Вранишкоски и тоа во износ од 908.900,00 денари. Тоа што од Март 2008 година, па сè до 12.12.2011 год., јас не сум бил во Р. Македонија, за обвинителството е безначајно. Ниту тоа што нема никаков доказ дека јас сум му ги дал средствата на Марко Кимев за да ја купи нивата во Штип не е важно за обвинителството. Важно е дека има директива Јован да биде повторно осуден, а на Православната Охридска Архиепископија да не ѝ се даде можност да стекнува имоти. Срам и грев! Но, гревовите нека ги бројат тие што ги прават. Еден ден сите ќе излеземе пред Големиот Судија кој ќе ни суди на сите.
Третиот дел од обвинението се однесува на парите со кој е купен имотот на Исајло Поповски (мој вујко), во с. Нерези, Скопско. Многу е чудно што обвинителството се одлучило да подигне обвинение само за имотот на овој мој роднина. Моите роднини, воглавно, сите се имотни, па треба ли да очекуваме ако успее оваа заврзлама во догледно време да добијат кривични пријави и другите мои роднини? Мајка ми и сестра ми се исто така обвинети во ова дело. Па, ставете го во затвор целото мое пошироко семејство и веројатно ќе се решат проблемите во државата. Исајло Поповски е мој вујко, но тој е доктор специјалист кој е во пензија и кој не се женел и не формирал семејство. Немал ли тој можност од свои примања низ долгогодишниот работен стаж што го имал да си приушти да купи една нива во с. Нерези, Скопско, каде, како што кажува, сакал да гради болница?
Главното прашање по однос на купувањето на нивите како во с. Нерези, Скопско, од страна на Исајло Поповски, така и во Штип од страна на Марко Кимев, а кое обвинителството очигледно одбегнува да си го постави и да обезбеди докази за тоа е следново: ако споменатите места биле купувани од пари што јас претходно сум ги присвоил од МПЦ, ако постоело едно неограничено купче на пари од кое се купувале сите имоти што се предмет на обвинението, тогаш зошто купувачите Исајло Поповски и Марко Кимев нивниот имот го купувале на неколку рати? Тие ќе си кажат зошто купувале на рати, но не треба многу мудрост за да се констатира дека тој што има пари да исплати нешто одеднаш и истото да биде веднаш по исплаќањето впишано на негово име, нема да ризикува да исплаќа на рати и да го одложува со месеци префрлањето на сопственоста на негово име. Додека ова го пишувам, господо судии од кривичниот совет многу често воздивнувам, но не од страв дека повторно невин ќе бидам осуден. Јас веќе навикнав да страдам за мојот Бог и ниту еден политички притисок нема да ме одврати од моето животно дело: воспоставувањето на единството на Православната Охридска Архиепископија со сите други Православни Цркви во светот. Воздивнувам за другите, воздивнувам за моите браќа и сестри по дух, а некои дури и по тело, што сакаат нив, побожни и чесни луѓе да ги прикажат како криминалци. И, бидејќи тоа не можам да го променам, го оставам на вашата совест, а токму совеста е таа која или се сеќава на грвовите или ги потиснува истите во потсвеста.
По однос на предлогот од обвинителството да ми се продолжи притворот до правосилност на пресудата, џабе ќе трошам мастило да му објаснувам на судот дека нема, ама баш никаква, опасност од мое бегство. Имено, мојот животен пат е врзан за оваа земја, јас сум се оженил духовно за мојата Архиепископија и само краен злобник би можел да тврди дека при евентуалното мое ослободување од притвор би побегнал од државава, особено затоа што имам и друго државјанство. Да знае власта со сигурност дека ќе избегам од државава, спремна би била да ми организира и бегство од затворот, само да не им стојам на вратот. Знаат тие дека Јован повеќе тежи кога е во затвор, но знаат и дека никогаш доброволно не би ја напуштил службата, која не му ја дала власта, туку Бог лично.
Ако јас сакав да бегам од оваа држава, познато ѝ е на целата јавност дека можев и да не се враќам во Р. Македонија, барем до застарување на казната затвор на која бев осуден во отсуство, но јас се вратив зашто знам дека Бог е со мене, дека не ме напушта ни во затворот и дека ова дело што го вршам и оваа служба во која служам се Божјо дело и Божја служба. Знам, исто така, дека сум неправедно гонет и осудуван како и тоа дека кога сум во затвор собирам венци како од Бога така и од луѓето. Крајно, знам дека иако можеби некому му личи дека им пркосам на властите не ѝ пркосам воедно и на вистината, па совеста ми е чиста. Во политичките судења се зависи од „горе” и аргументите се обессилени.
Но, должен сум пред историјата да покажам дека се борев. Тоа што навидум губам, тоа не зависи од мене. Та нели и Христос според човечките критериуми загуби? Тој кој можеше со силата на еден легион ангели да ја промени политичката состојба на своето време, одбра тоа да го прави со „слабоста” на крстот и страдањето. Но, со таа „слабост” го постигна она што никој во овој свет не можеше да го постигне со наметнување на сила.
Последнава реченица ја ползувам да побарам од кривичниот совет и формално правно да го отфрли во целост обвинението подигнато против мене и уште осумнаесет други лица за кривичното дело „перење пари и други приноси” како неосновано, како и да ми го укине притворот со кој веќе неколку месеци наназад ми се нарушува и онака слабата здравствена состојба.
22.08.2012 год.
КПУ Затвор Скопје
Скопје
Приговорот го поднесува
Јован Вранишкоски с.р.