Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

12.12.2013

Денес, на 12-ти Декември 2013 год., се исполнија две години откако Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован се наоѓа во затвор. Тој беше уапсен и затворен на 12-ти Декември 2011 год., кога доброволно влезе во Р. Македонија очекувајќи дека ќе го добие тоа што според законот му следуваше – да се брани од слобода при обновениот судски процес. Сосема спротивно, Архиепископот охридски г.г. Јован беше притворен и осуден, а згора на тоа, против него, како и против Епископи, свештенство, монаштво и верен народ на Православната Охридска Архиепископија започна нов монтиран судски процес, со цел уништување на канонската православна Црква во Р. Македонија. Овој најнов прогон го започна токму истиот суд, којшто упорно ја одбива регистрацијата на Православната Охридска Архиепископија, а епилогот е: уште три години затвор за Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, и две години условна затворска казна за останатите Епископи, свештеници, монаштво и верници на канонската Црква во Р. Македонија.

Во текот на оваа година итно ослободување на Архиепископот охридски г.г. Јован побараа: Неговата Сесветост Вселенскиот и Константинополски Патријарх г.г. Вартоломеј како и мноштво претставници на други помесни православни Цркви, Светскиот Совет на Црквите, Конференцијата на Европски Цркви, а затворањето на Архиепископот охридски г.г. Јован е предмет на многу меѓународни извештаи за загрозување на верските слободи во Р. Македонија. Исто така, во текот на оваа година истакнати личности од нашата земја (Стојан Андов, Љубчо Георгиевски, Мирјана Најчевска, Арсим Зеколи), јавно и недвосмислено јасно истакнаа дека Архиепископот охридски г.г. Јован е политички затвореник во Р. Македонија.

Сметаме дека е излишно да предочуваме дека со затворањето на Архиепископот охридски г.г. Јован не само што не ѝ се помага на расколничката МПЦ во решавањето на нејзиниот проблем со расколот, туку дополнително ѝ се одмага! Околностите покажуваат дека со изминатите единаесет години на прогон и со затворањето на Архиепископот охридски Јован, МПЦ не постигна ништо, туку само изгуби време, продолжува да тапка во место и сè повеќе бива препознавана како организација која го гони Архиепископот охридски г.г. Јован и канонската Црква, наместо да направи сè за да се понесе христијански и да ја заживее Соборноста на Православното Христијанство!

Повторно упатуваме апел до севкупната демократска јавност да се покаже човештина и да се запре државниот верски прогон против Архиепископот охридски г.г. Јован и Православната Охридска Архиепископија, бидејќи е сосема јасно дека на темелите на непочитувањето на верските слободи на сите граѓани подеднакво, невозможно е да се гради иднина на напредна демократска земја.