Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

26.11.2019

Со црковно велелепие беше прославен празникот на светиот Јован Златоуст, именденот на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, што е воедно и слава на Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст“, во Битола.

Радоста на празникот беше зголемена со посетата на Неговото Преосвештенство Епископот мохачки г. Исихиј, игуменот на манастирот Ковиљ, близу Нови Сад, кој со дел од своето монашко братство пристигна за прославата на празникот, како и со присуството на дел од сестринството на манастирот „Свети Стефан“, Горно Жабско, од врањската Епископија, кое со своето пеење се погрижи за благолепието на службата.

Епископот мохачки Исихиј началствуваше на вечерната и утрената служба од сеноќното бдение, а Неговото Блаженство Архиепископот Јован, началствуваше на Архиерејската Литургија, во сослужение со Епископот мохачки Исихиј и Преосвештените Епископи на Православната Охридска Архиепископија брегалничкиот и Местобљустител битолски г. Марко и стобискиот и Местобљустител струмички г. Давид и свештенослужители од повеќе епархии на Православната Охридска Архиепископија, како и од Епископијата бачка.

По прочитаното Евангелие на Литургијата беседеше Епископот мохачки Исихиј.

На крајот од службата Епископот брегалнички Марко го благослови празничното коливо, а по богослужбата сестринството на манастирот имаше подготвено послужување за сите присутни.