Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Оваа 2016 година се навршуваат 1100 години од блаженото упокоение на светиот Климент, Охридскиот Чудотворец, којшто се упокоил на 27 Јули 916 година. Овој значаен јубилеј Православната Охридска Архиепископија го одбележува на повеќе и различни начини. Централната прослава на 1100 годишнината од упокоението на светиот Климент Охридски, со црковно благолепие, се одржа на 1. и 2. Октомври во Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст“, Нижеполе, Битола.

На 2. Октомври беше отслужена света Архиерејска Литургија на којашто началствуваше Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, во сослужување на Архијереите: Епископот врањски г. Пахомиј, Митрополитот на Китрус и Катерини г. Георгиј, Епископот тимочки г. Иларион, Епископот полошко-кумановски и Местобљустител дебарско-кичевски г. Јоаким, Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко и Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид, и бројно свештенство од различни епархии на повеќе помесни Цркви, како и монаси, претставници на светогорскиот манастир Хиландар.

После прочитаното Евангелие, беседата на Митрополитот веријски, на Науса и Кампанија г. Пантелејмон ја произнесе неговиот официјален претставник на прославата. Литургиското торжество со своето пеење го збогатија и монасите од манастирот Ковиљ, коишто пееја на десната певница и псалтите од градот Катерини, коишто пееја на левата певница. На Литургијата присуствуваше и директорот на канцеларијата за односи со верски заедници при владата на Р. Србија, г. Милета Радојевиќ.

На соборното божествено Тајноводство, коешто сигурно му е најугодна прослава на светиот Климент Охридски, му претходеше свечена архијерејска вечерна богослужба, на којашто началствуваше Неговото Преосвештенство епископот врањски г. Пахомиј.

Инаку, после отслужената архиерејска Литургија, за присутниот броен народ беше подготвена трпеза, после којашто следеше и пригодна програма. Програмата со свое вдахновено слово за својот претходник, светиот Климент Охридски, ја отвори Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован. Во продолжение следеа музички изведби на хорот на ковиљските монаси и на псалтите од Катерини, предавање на Архимандритот Порфириј од манастирот „Св. Јован Крстител“, во близина на Верија, Р. Грција, кадешто се чува чесната и мироточива глава на светиот Климент Охридски, како и традиционални песни отсвирени на кавали во чија придружба, од страна на актерот Томе Витанов, којшто ја водеше програмата, беше изговорено прочуеното светиклиментово пасхално слово.

Во продолжение Ви пренесуваме боговдахновеното Слово за светиот Климент Охридски изговорено од Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован.

Слово за Свети Климент Охридски

Денес пред Вас имам пријатна, но многу тешка должност. Да словам за оној на кого му го должиме словото на мајчиниот ни јазик, за оној кој ни ги создал буквите, кој нѐ вовел во прекрасниот свет на знаењето и мудроста Божја, нѐ упатил во литургиската мистагогија, нѐ научил за силата на крстот и се потпишал во нашите срца со ракописот на надежта во Воскреснатиот. Тоа значи дека ќе словам за Свети Климент Охридскиот Чудотворец. Должноста навистина ми е пријатна, како негов наследник во епископската служба да го објавувам неговиот назаборав, да ја доближам до нашиот род кој живее во ова време неговата просветителска светлина, да го восфалам пред Вас и пред наредните генерации нашиот заеднички отец, учител и jерарх. Но, тоа што ми е тешко не произлегува од мојата безволност или отсуство на желба да му изразам достојна почит на оној кој нѐ научи за смислата на почитта, туку затоа што се плашам дека дека ќе се покажам немоќен да го пофалам онолку колку што Св. Климент заслужува. Ќе се покажам неумешен и дткав пред славата за која треба да говорам, неспособен до безгласност пред величината која сакам да Ви ја доближам.

Сепак неговата светителска љубов ме храбри да говорам како син за татко, да говорам за него како за најблизок роднина од родот во кој смртта Христова и неговото воскресение нѐ сроди во еден род и едно семејство. Затоа, „елате ваму чеда, чујте ме,”[1] „елате сите кои имате страв од Бога и ќе ви раскажам,”[2] како што еден друг мој претходник, светиот Теофилакт Охридски го започнува житието на Свети Климент, ползувајќи се со она што одамна го рекол псалмопевецот.

Ќе ви раскажам за она што е познато, но и за она што помалку е познато за светителот, за она што сте го чуле и читале, но и за она што можеби до сега не сте го чуле и прочитале. Ќе Ве потсетам на работи што Ви избледеле од сеќавањето заради долгото време не навраќање на нив.

Навистина не се познати многу биографски податоци за животот на Свети Климент. Не се знае со точност ниту кога, а ниту каде се родил. Ниту кој му бил татко, ниту со која песна го заспивала неговата мајка. Не го знае тоа ниту блажениот Теофилакт Охридски кој е неговиот прв познат животописец, иако некои претпоставуваат дека е можно да постоело и некое житие на светителот пред Теофилактовото, кое историјата не го забележала. Но, зарем тоа е важно ако со точност знаеме дека блажено преминал во вечноста во 916 година по Христа, и дека сега е меѓу оние од десната страна на Царот на Славата. Тоа што ја знаеме годината на неговото населување во Земјата на живите, нас, неговите чеда, ученици, последователи и почитувачи нѐ задолжува да се собереме, како што тоа го направивме, и со химни и песни, со слова, но и со свештен трепет и молчалива неизричивост да го прославиме јубилејот на 1100 години од неговото блажено преминување кај жителите на Царството Божјо.

Нова ѕвезда светна пред 1100 години во Царството на нашиот Отец небесен. Нова златоструна харфа од пред 1100 години пред престолог Божји заедно со ангелите пее: свети Боже, свети Крепки, свети Бесмертни, помилуј нѐ. Помилуј го родот кој го родив со мака и пот. Помилуј го родот кој по раѓањето го искапав и измив со најчисти солзи. Помилуј ги следбениците на оние кои толку ме измачија додека бев во тело, што побарав од царот Симеон да ме ослободи од јаремот на епископската грижа.

Кога умре за светот, а се роди во монашката схима го доби името Климент, по Светиот Климент I папа римски, чии свети мошти ги најдоа на Крим во нивната мисија меѓу Хазарите словенските просветители Методиј и Кирил. Во презвитерски чин беше хиротонисан од папата Адријан II, кога светите Методиј и Кирил дојдоа во Рим, заедно со нивните ученици меѓу кои беше и Свети Климент, за да ја одбранат својата мисија меѓу Словените во Панонија. По упокојувањето на Св. Методиј, неколку ученици на светите браќа, меѓу кои бил и Свети Климент, прогонети од Панонија дошле во Бугарија и нашле милост кај бугарскиот цар Борис. Многу добро прифатен од него, Свети Климент бил замолен да се прифати за просветителска служба во охридскиот крај. Климент дошол во овие краеви секако без да знае дека токму овде ќе постане светител и дека со својот светителски благослов ќе го осветува овој крај до судниот ден. Не е познато ниту кога, ниту каде, ниту од кого е ракоположен во епископси чин, но се знае дека кога дошол во охридскиот крај веќе носел епископска титула со име Велички. Каде точно да се лоцира Велика или по друго читање Белика има различни мислења. Во секој случај тешко би можело да се замисли дека тоа место било многу далеку од Охрид. Но, исто така не треба да се премолчи дека Климент за време на неговиот живот никогаш немал титула охридски. Охридски е наречен по неговото блажено упокојување и тоа најверојатно затоа што на пат кон Господа заминал токму од градот Охрид.

Како вели неговиот животописец Теофилакт Охридски, Климент околу себе собрал 3500 ученици кои ги поучувал не само да читаат и пишуваат, не само да калемат овошки и да го познаваат овоштарството и градинарството, туку и да го проучуваат Светото Писмо, да напредуваат во литургиското тајноводство и да се задлабочуваат во Божјата апофатика. Затоа неговата школа се нарекува универзитет, и тоа универзитет многу години пред да се појават на Запад првите универзитети.

Целиот живот и целото животно дело овој светител го остварил во време кога Црквата сѐ уште не била поделена. Општењето меѓу Истокот и Западот во таа неподелена Црква било многу живо, иако токму во тоа време се јавуваат првите спорења околу западните новотарии. Во животот поминувал многу искушенија, кратко време бил во затвор, а потоа сурово бил протеран од местото каде мисионарел со светите браќа Методиј и Кирил, но имал барем еден проблем помалку од оние што денес ги имаме ние. Тој никогаш за време на својот живот не почувствувал што е црковен раскол.

За жал, еден дел од родот негов, еден дел од оние чии претци токму Свети Климент ги родил во Духот Свети кога дошол како „втор Павле за другите Коринтјани – Словените”, како што вели Блажени Теофилакт, денес се во раскол со Соборната Православна Црква. Поголемиот дел од светите мошти на светителот се наоѓаат кај тие расколници, освен неговата чесна глава која се наоѓа во манастирот Св. Јован Претеча во Верија.

Но, каква почит кон личноста, кон делото, па и кон моштите на Свети Климент може да има некој кој упорно останува во раскол? Како може да се биде следбеник на човекот кој со секој свој збор, со секоја проповед, со секое свое дело и постапка го сведочел единството со Бога и со Црквата, а притоа да се нема единство со црковната полнота?

На овие прашања може да бара одговор само оној кој созреал во духовноста, само оној кој пиел од чистиот извор на верата кој во овие краеви го ископа токму Свети Климент. Да мисли некој дека е епископ или свештеник само затоа што носи иста или слична облека како што носат православните јерарси или свештеници, само затоа што чита исти молитви од исти книги како што тоа го прават и правоверните навистина е необјасниво. Зашто не ја прави формата Црквата, туку од Црквата произлегува формата. Црковното единство ги раѓа догмите, каноните, типиците и поредокот, но истовремено сите тие се заради единството, во служба на единството и го одржуваат единството. Доколку се нема единство со полнотата на Црквата, од какво значење е чувањето на догматите, исполнувањето на правилата и каноните, запазувањето на типиците и поредокот? Сите тие постојат само заради единството.

Затоа, прашање кое треба да си го постави секој кој го почитува светителот: Дали тој (Свети Климент) би можел некогаш да направи црковен раскол, а ако веќе се затекнал во некаков раскол, дали не би направил сѐ, па дури ако е потребно и животот да го даде за да се надмине таквата нецрковна состојба? И уште едно: Дали воопшто некој би го почитувал како светител ако луѓето, оние 3500 ученици кои секако дека имале некакво единство со него, ги учел дека е доволно да имаат единство само со него, а нема потреба да имаат единство во Бога, единство меѓусебно  и единство со целата Црква?

Важно е ова да го разбереме браќа, не само ние што сме собрани на ова торжество, туку да порачаме да го разберат и сфатат и оние чеда Климентови, и оние наши сонародници што сѐ уште пребиваат во раскол. Зашто нема повозвишен повик од оној Господовиот: „Сите да бидат едно, како што си ти Отче во мене и јас во тебе”[3]. Црква си само доколку си во единство со „едната, света, соборна и апостолска Црква”. А таа вредност нема цена. Господ рекол дека непријатели на човекот можат да му бидат неговите најблиски, оние од семејството, мајка, татко, син ќерка, доколку тие го оделуваат од Бога и единството со него. Тоа значи дека доколку го оделуваат од Црквата и единството со неа. Но, што ако од Бога и од Црквата те одделува етнофилетизмот?

За таков случај Господ ни рекол: „ако те соблазнува окото твое, извади го фрли го од себе, подобро ти е едноок во животот да влезеш, отколку да имаш две очи, а да те фрлат во пеколот на огнот”[4]. И што мислите? Би го извадил ли окото Свети Климент за да биде во единство со Црквата, и да влезе во животот вечен?

Јас денес на ова нема да ви одговорам, зашто сум убеден дека барем Вие што сте овде собрани тоа го знаете. Но, и на секој оној што го слушнал, прочитал или се поучил од словото и делото на Свети Климента одговорот му е познат. Оној пак, што знае како би постапил Свети Климент, ама заради одредени причини, па дури и колку тие нему да му изгледаат оправдани, не постапува така како што би постапил Свети Климент, ниту може да се нарече род светиклиментов, а уште помалку заедничар на Духот Свети.

Затоа браќа, денес кога прославуваме 1100 години спомен за него да не го забораваме неговото слово кое според сѐ и пред сѐ е Богочовекоцентрично и Христоцентрично. Да се сеќаваме на неговото дело кое е просветителско, духовно, учителско, хуманитарно, но пред сѐ црковно, побожно и саможртвено. Да се сеќаваме дека тој е првиот Епископ Словен во овие наши краеви. А тоа значи постојано да го молиме тој да се моли за нас. Зашто ние за тоа имаме потреба.

Не само потреба за здравје, душевен мир, внатрешен спокој, туку имаме потреба за единство, единство со Бога, единство меѓусебно и единство со другите Цркви. Луѓето во Црквата се браќа зашто имаат еден Отец кој ги собира во Духот Негов Свет, но и затоа што почитуваат светители кои обединуваат и повикуваат кон единство.

Се надевам дека за таков светител ви говорев, а вие веќе сфативте дека не сум достоен ниту врвците од обувките да му ги одврзам. Тој е нашиот Свети Климент кого го молиме да не нѐ заборави нас, но, и сите идни генерации што ќе го слават споменот негов.

 

 

02. Октомври 2016 г.

На денот кога прославуваме 1100 години

од блаженото упокојување на Св. Климент

Архиепископ охридски и Митрополит скопски Јован

[1] Псалм 33,12.

[2] Псалм 65,16.

[3] Јн. 17,21.

[4] Мт. 18,9.