Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

07.10.2007

Со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, викарниот Епископ стобиски г. Давид го предводеше поклоничкото патување низ Светата Земја (Израел), реализирано од агенцијата за организирање поклонички патувања „Доброчинство“, од Белград.

На 26 Септември 2007 год., Епископот г. Давид беше официјално примен од Неговото Блаженство Патријархот Јерусалимски и на цела Палестина г.г. Теофил, во просториите на Јерусалимската Патријаршија. Епископот стобиски г. Давид му ги пренесе на Патријархот г.г. Теофил најсрдечните поздрави и почитта од страна на Светејшиот Патријарх г.г. Павле и Блаженејшиот Архиепископ г.г. Јован, предочувајќи му дека Епископите и верниот народ од нашата Црква секогаш се блиску до него, подржувајќи го неговото дело во Светата Земја. Патријархот г.г. Теофил, којшто одлично е запознаен со односот на власта кон канонската Црква во Р. Македонија, детално се интересираше за затворањата на Блаженејшиот Архиепископ г.г. Јован и прогонот на Православната Охридска Архиепископија. Епископот г. Давид го запозна, конкретно, со донесувањето на новиот закон за верски заедници, како и, општо, со собитијата поврзани со црковниот живот во Р. Македонија. Во своето обраќање Патријархот г.г. Теофил нагласи дека „љубовта Христова е таа којашто не држи заедно“, ставајќи особен акцент на соборноста и единството на Црквата, без разлика на националната припадност. Тој, исто така, го замоли Епископот г. Давид, да им ја пренесе неговата голема љубов и на Патријархот г.г. Павле, и на Архиепископот г.г. Јован, нагласувајќи дека состојбата со Православната Охридска Архиепископија и состојбата на Косово и Метохија особено влијаат на неговото сострадание со нив.

Следниот ден, на Крстовденската Литургија, на 27 Септември 2007 год., Епископот г. Давид служеше со Јерусалимскиот Патријарх г.г. Теофил. На Литургијата, како и на литијата со крстот, на Патријархот г.г. Теофил му сослужуваа четиринаест Епископи од скоро сите помесни православни Цркви. Сите тие, живо се интересираа за прогонот врз Архиепископот г.г. Јован, искажувајќи ја својата подршка на Православната Охридска Архиепископија.

Подеднаков интерес и подршка искажаа и сите манастири низ Светата Земја, коишто ги посети поклоничката група: „Свети Сава Освештен“, „Свети Теодосиј Киновијарх“, „Свети Георгиј Хозевит“, „Свети Герасим Јордански“ и други.

Со благослов на Блаженејшиот Архиепископ на Синај, Фаран и Раит г.г. Дамјан од манастирот „Света Екатерина“ (Египет), Епископот г. Давид, во сослужение на повеќе свештеници, служеше Литургија и во храмот посветен на Пресвета Троица, изграден на врвот Синај, на висина од 2700 метри, точно на местото кадешто Бог му се јави на пророкот Мојсеј.