Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

→ Greek version

15.10.2004

Ветувањата кои претседателот на Р. Македонија Бранко Црквенковски му ги даде на архирасколникот Стефан дека „ќе го дисциплинира Вранишкоски” под услов МПЦ да не се меша во организирањето на референдумот, многу брзо почнаа да се исполнуваат. Денес, само малку пред полноќ, државната инспекција при Министерството за транспорт и врски на Република Македонија, без да покаже било какво решение за рушење, под силно обезбедување на полицијата ја сруши манастирската црква во манастирот Св. Јован Златоуст, како и потпорните ѕидови кои го крепат стрмниот терен на кој се подига манастирот. Бесрамно, расколничкиот Митрополит Петар соопшти дека упатил дури седум барања за рушење на црквата и како со ликување рече: „рушењето требало да се случи уште пред пет месеци.” Без никаква совест христијанска, а да не зборуваме за доблест епископска, расколникот Петар откако ги протера на сред зима на полноќ монасите и монахињите кои пристапија кон Православната Охридска Архиепископија, сега сака да го сотре во корен сето монаштво во битолскиот крај. Монасите им сметаат само на непобожните, на ѓаволот и на Петар. Каква долност од човек е таа некој да бара и да се радува да се рушат цркви и манастири. Од тоа се плашат дури и муслиманите зашто знаат дека некогаш ќе ги снајде Божјата правда, а не се плашат само расколниците кои веќе на сите им го покажаа своето лице.

После сè што се случи околу Православната Охридска Архиепископија во последниве две и пол години скоро и да нема нешто недоречено. Да изгониш еден Епископ од неговото место на живеење, насилно со полиција, без судска одлука, да ги претресуваш полициски становите на Епископите и на членовите на Православната Охридска Архиепископија во кое време кога ќе ти се посака, да ги судиш и осудуваш Епископите затоа што влегле во црква, да ги притвараш и да ги судиш и осудиш за тоа дека распалувале верска омраза служејќи во катакомбите во кои ги протера власта, да ги бркаш монасите и монахињите од нивните манастири кои во непреспани ноќи на бдение и во молитва за сите луѓе градале присен оснос со Бога, треба да си крајно надвор од долговековната христијанска цивилизација.

Ден пред рушењето:

Црквата и потпорните ѕидови срушени:

Република Македонија која е многу далеку од правна држава е земја во која политичките одлуки се над законот. Но, ако за сиов овој вандализам еднаш е виновна државата, расколничката организација која себеси се нарекува МПЦ е барем двапати. После инквизицијата од средниот век својствена на римокатоличката црква, до денес не беше познато на друго место функционирање на истата. Сега го гледаме во Република Македонија како расколниците вршат „свет суд” односно инквизиција, а државата тоа го спроведува. Во православната Црква немало инквизиција и според еклисиолошката и канонска уреденост неможе ниту да има. По тоа ќе се познае дека расколниците и не се Црква. Тие се банда собрана за остварување на лични интереси и ќе постојат додека имаат интерес за тоа. Жално е само што ниту средствата за информирање, ниту народот кој го информираат може тоа да го сфати. Може ли да се нарече Црква таа која руши храмови? Ако се сетиме подобро, тоа не го правеа ниту турците кои имаа друга вера. А, каква иднина може да очекува еден народ кој почнал да ги руши црквите? Тоа е исто како да си го рушиш домот, уште повеќе, како да си го рушиш телото, зашто храмот е и тело и душа на еден народ.

Силата, пак на Црквата е во Духот кој сè одново гради. Прв пат ли се случува во историјата на Црквата да се рушат храмови? Рушеше и Нерон, и Диоклецијан, и Јулијан Отстапник, и Хитлер, и Сталин, и Тито, а сега и Бранко. Мислите дека има разлика помеѓу Хитлер и Нерон, или помеѓу Бранко и Сталин? Тие се деструктивни луѓе, кои рушат, а не градат, кои трошат, а не печалат, кои сакаат да имаат робови, а самите да останат робови на страста.

Ден пред рушењето:

Црквата и потпорните ѕидови срушени:

Манастирот се гради во неурбанизирана зона во чија околина има повеќе од 50 објекти во тврда градба од кои ниту еден нема градежна дозвола. Не затоа што луѓето не сакаат да се легализираат нивните објекти, туку затоа што според законот, во неурбанизирани зони не може да се даде дозвола за градба. Но, тогаш зошто не ги срушат сите објекти во околината на манастирот, зошто не ги срушат сите села и половина градови кои се изградени во неурбанизирана зона?

Затоа што најлесно е да се справиш со голораките монаси и монахињи кои немаат друго оружје освен солзите. Нека појде градежната инспекција да сруши шупа, а не куќа во Тетово или Гостивар. Каков ви е тој претседател, каква ви е таа држава кога те тепа и не ти даваат да плачеш?

Во една земја и меѓу еден народ штом почнат да се рушат цркви и манастири веќе стигнала „мерзоста на пустошта” за која зборува Евангелието. Од таа земја и од тој народ тешко е нешто да очекуваш. Но, без разлика колку паднал, заради иконата Божја која ја носи во себе знае да ги распознае оние кои носат маски на светец, а во срцето се волци. Петар веќе одамна во Битола е препознат како волк. Битолчани не го почитуваат, а многу далеку е од тоа да го сакаат. Неговата злоба и лицемерие веќе ја надминаа секоја мера и сега се поистоветуваат само со ѓаволската.

Познато е дека Евреите од ѕидот на плачот направија држава. Православната Охридска Архиепископија денеска е пред ѕидот на плачот. Но, не држава, таа од тој ѕид ќе направи Царство кое не е од овој свет. Остатокот од ѕидот кој не успеаа да го срушат расколниците со помош на државата ќе влезе во проектот на новиот Ерусалим кој го гради Христос. Зашто камењата од тој ѕид се клесани по мерата на кулата на Ерма, зашто се залепени со солзи на очистување, зашто се стегнати со радосната тага на страдањето заради правдата Божја.

Расколот е многукратно полош од ереста. Еретиците се надвор од Црквата и лесно се распознатливи, расколниците одвнатре рушат. Само човек кој немал работа со расколник не знае за каков вид на луѓе се работи.