Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ Српски

28.08.2012

Празникот на Успението Богородично беше прославен во сите богослужбени места на Православната Охридска Архиепископија.

Оваа година припадниците на канонската Црква во Р. Македонија, го празнуваа Успението Богородично со возвишена радост, радост којашто произлегува од мачеништвото и жртвата, коишто Архиепископот охридски г.г. Јован ги исповеда за единството и соборноста на Црквата, та и во затвор се моли за оние што нè гонат, како и радост од благословот за најновиот претстоечки судски прогон на дел од Епископите, монаштвото и верниците на Архиепископијата.

Од една страна, посочениот прогон ја прави Православната Охридска Архиепископија позната и почитувана ширум Православието, а од друга, на Црквата ѝ е јасно дека само тогаш кога се жртвува, само тогаш и се сродува со Христа, бидејќи Христос е жртва.

Неговото Преосвештенство Епископот полошко-кумановски и Местобљустител дебарско-кичевски г. Јоаким, на денешниот празник богослужеше во параклисот посветен на Успението Богородично, во Охрид.

Во манастирот „Успение Богородично“, покрај Скопје, на Архиерејската Литургија началствуваше и беседеше Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко, во сослужение на Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид, и свештенослужители од Архиепископијата.

Денешниот празник беше прославен и во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Лагово, Прилеп.