15.08.2012
Епископите г. Марко и г. Давид на прием кај Претседателот на Србија, г. Томислав Николиќ
Претседателот Николиќ активно ќе се заземе за почитување на верските слободи во регионот
На 14-ти Август 2012 година, во Белград, Претседателот на Р. Србија г. Томислав Николиќ, ја прими делегацијата на Православната Охридска Архиепископија, Нивните Преосвештенства Епископите, брегалничкиот г. Марко и стобискиот г. Давид, и непосредно се запозна со сите проблеми со коишто се соочува сеправославно признатата Црква во Р. Македонија.
Делегацијата на Охридската Архиепископија од Претседателот Николиќ побара поддршка и заштита во одбраната на основните човекови права и верски слободи
Епископите на Православната Охридска Архиепископија му ги предочија на Претседателот на Р. Србија, и најновото продолжување на притворот, и, воопшто, севкупниот прогон врз верска основа со коишто, во последниве десет години, се соочува Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован. Тие одблизу го запознаа Претседателот Николиќ и со најновите подготовки за монтираниот политичко-судски прогон и врз останатите Епископи, монаштво и верен народ на Православната Охридска Архиепископија. Епископите на Православната Охридска Архиепископија истовремено изразија и надеж за поскоро решавање на посочените проблеми, за добробит на сите граѓани на Р. Македонија.
Соопштение за јавноста од кабинетот на српскиот Претседател
После средбата, кабинетот на Претседателот на Р. Србија, излезе со следново соопштение за јавноста:
Претседателот на Србија г. Томислав Николиќ денес, 14-ти Август 2012 година, ги прими претставниците на Охридската Архиепископија, Преосвештените Епископи брегалничкиот г. Марко и стобискиот г. Давид, членот на Светиот Архијерејски Синод на Српската Православна Црква Епископот бачки г. Иринеј, и Епископот јегарски г. Порфириј.
Епископите на Охридската Архиепископија ги изнесоа проблемите на својата Црква, податоците за неправедното затворање на Архиепископот охридски г.г. Јован и за загрозеноста на човековите права и верските слободи на Епископите, свештенството, монаштвото и верниците на Охридската Архиепископија.
Претседателот Николиќ ги увери своите гости дека активно ќе се зазема за целосно почитување на човековите права и верските слободи, не само за верниците на Српската Православна Црква, туку и за сите луѓе, за сите народи и за сите заедници во Србија, во регионот и во светот.
Извор: predsednik.rs
Епископот бачки г. Иринеј до јавноста
После одржаната средба, за претставниците на средствата за информирање, изјави даде Преосвештениот Епископ бачки г. Иринеј. Изјавите ги пренесуваме во продолжение.
Преосвештениот Епископ бачки г. Иринеј во своите изјави нагласи дека не станува збор за високополитички претензии туку исклучиво за заштита на основните човекови права и слободи. Во продолжение Епископот бачки оценува дека под плаштот на лажни обвинувања се приредуваат судски процеси и политички прогони против Епископи, свештеници, монаси и верници на Православната Охридска Архиепископија само заради нивната верска определба.
