12.08.2012
Изминаа осум месеци откако Архиепископот Јован се наоѓа во притвор
Денес, на 12 Август 2012 год., се исполнуваат осум месеци откако Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован се наоѓа во притвор.
Како официјална причина за определувањето на притворот за Архиепископот Јован е наведена можноста за бегство, но останува целосно нејасно како би избегал доколку од Шуто Оризари биде префрлен во затворот Идризово! Притоа, се заборава и непобитниот факт дека Архиепископот Јован доброволно ѝ се предаде на полицијата очекувајќи фер судење, а како гаранција за неговото присуство ја предаде патната исправа.
Архиепископот Јован, којшто има дијабетис и сериозни проблеми со рбетниот столб, се наоѓа во суров затворски режим, но никој ниту може, ниту го посетил, та следствено, во Православната Охридска Архиепископија никој нема ниту основна информација во каква здравствена состојба се наоѓа Претстојателот на сеправославно признатата Црква во Р. Македонија.
Апелираме до државните органи дека врз темелите на прогонот на луѓе, коишто својот живот му го посветиле на Христа Бога, и врз тортурата што се спроведува врз нив, не е возможно да се гради иднината на нашата татковина! Згора на сè, со споменатиот прогон ѝ се нанесува и ненадоместлива штета на расколничката МПЦ, и истовремено се гази фактот дека во демократските општества слободата на уверувањето не се решава со тортура и затворања!
Наместо неправдата којашто им се нанесува на недолжни луѓе, апелираме на нов почеток, на разум и расудување за општо, заедничко добро!
