Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ English

→ Српски

01.08.2012

Американскиот State Department го објави годинешниов Извештај за состојбите со верските слободи во Р. Македонија.

Во Извештајот е констатирано дека власта во Р. Македонија не демонстрирала настроение ниту кон подобрување, ниту кон назадување, во однос на заштитата на верските слободи. Белешката дека „нема настроение кон подобрување”, недвосмислено упатува на фактот дека постојат состојби, коишто бездруго треба да бидат подобрени!

Во Извештајот е забележано дека постојат верски заедници, коишто се жалат дека законот за регистрација на верските групи, не се спроведува еднакво. Извештајот нотира дека постојат и заедници, коишто се жалат на политичкото влијание во процесот на регистрација. Доминантата МПЦ останува единствена регистрирана православна група! Сите останати барања за регистрација на православните се одбиени. Со овој исказ во Извештајот се потврдува познатата пракса, дека државата го штити монополот на МПЦ, и дека недостасува целосна имплементација на законот за регистрација на верските заедници, бидејќи во судскиот регистар постојат повеќе одбиени, отколку регистрирани верски заедници! Во прилог на реченото сведочи и оној дел од Извештајот во којшто се вели дека иако нема официјална државна религија, амандманот на Уставот од 2001 год., изрично наведува пет верски групи: МПЦ, ИВЗ, римо-католичката црква, еврејската заедница и евангелистичко-методистичката црква. Членовите на останатите верски заедници тврдат дека владата ја фаворизира МПЦ.

Понатаму, во Извештајот е нагласено дека постојат и извештаи за општествена злоупотреба или дискриминација базирана на верската припадност, убедување или пракса.

Ја потсетуваме јавноста дека против Архиепископот Јован, десет години во континуитет, штом заврши еден, започнува нов судски процес и тој по шести пат се наоѓа во затвор; а, судско-полициски притисок започна и против останатите Епископи, монаштво и верници на Православната Охридска Архиепископија. Делот за корумпираното и исполитизирано судство, е поместен во Извештајот на State Department-от за човекови права.

Дека има уште многу да се работи на полето на целосно почитување на верските слободи за сите граѓани подеднакво во Р. Македонија, сведочи и оној дел од Извештајот, во којшто се вели дека Амбасадорот на САД и други службеници на амбасадата, редовно се среќаваат со верските групи и со владата, како дел од политиката за промоција на човековите права. Логичен е заклучокот дека кога човековите права и верските слободи би се почитувале во целост, тогаш не би постоела потреба од горепредочените средби!

Извештајот посебно се осврнува и на исказите на припадниците на Православната Охридска Архиепископија, коишто нагласуваат дека се подложени на малтретирање од страна на некои медиуми и на неоправдано следење од страна на властите, вклучително и задржувања од страна на граничарите, малтретирања коишто велат дека се базирани на нивните верски убедувања.

Забележано е дека Архиепископот Јован и Православната Охридска Архиепископија не ја признаваат самопрогласената автокефалија на МПЦ.

Извештајот го нотира и фактот дека автокефалијата на МПЦ, исто така, не ја признаваат ниту останатите помесни православни Цркви.