Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

08.05.2014

Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко, на 08-ми Мај, го прослави својот именден, споменот на светиот Апостол и Евангелист Марко.

Во параклисот „Свети Николај Мирликијски“, во Штип, беше отслужена света Архиерејска Литургија на која началствуваше Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко. На Литургијата сослужуваше Неговото Преосвештенство Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид, како и свештенослужители од Охридската Архиепископија и од Православната Црква на Грција.

После прочитаното Евангелие беседеше Епископот стобиски г. Давид, воедно честитајќи му го именденот на Епископот брегалнички г. Марко. На крајот од Литургијата, со свое слово отпоздрави Епископот брегалнички г. Марко.

Епископите, свештенството и верниот народ се помолија за што поскоро ослободување на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован и за конечно решавање на проблемот на расколот во кој пребива МПЦ.

После Литургијата, за верниците и за псалтите од Р. Грција, од Брегалничката и од другите Епископии на Охридската Архиепископија, кои со своето присуство ја зголемија радоста на прославата на светиот Апостол и Евангелист Марко, Епископот г. Марко приреди трпеза.