12.01.2010
Излезе од печат книгата „Одговарања на народот на Литургиите“
Православната Охридска Архиепископија ја збогати својата издавачка дејност со книгата „Одговарања на народот на Литургиите“, којашто ја подготви Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован преведувајќи ја содржината од грчки и црковнословенски јазик.
Извесно е дека Архиепископот г.г. Јован во затворот „Идризово“ ги напиша книгите „Кратка историја на Охридската Архиепископија“ и „Слободата во затворот“. Оваа книга, трета по ред, Архиепископот Јован исто така ја подготви додека беше затворен во затворот „Идризово“.
Историјата покажува дека злобниците коишто ја гонат Црквата, всушност, без да сакаат, придонесуваат таа уште повеќе да се прослави и да даде пообилни плодови. Така, како што неплодната пустина даваше обилни плодови во ликовите на светителите коишто во неа се подвизуваа, сега и пустината на затворот се покажа плодотворна за Блаженејшиот Архиепископ г.г. Јован.
Книгата ги содржи одговарањата на народот на Златоустовата, Василиевата и Литургијата на претходноосветените дарови, а како додаток се поместени повеќе други богослужбени текстови коишто се потребни при служењето на Литургијата – секојдневните и празничните антифони, воскресните отпустителни тропари, како и отпустителните тропари на подвижните и неподвижните празници, молитвите пред и по причестувањето и др.
Во продолжение го објавуваме прологот на книгата, а целокупната содржина е поставена на следнава адреса: http://poa-info.org/izdavastvo/knigi/odgovaranja_na_liturgiite.html
