Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

05.09.2006

Во првата половина на минатиот век, една од највпечатливите личности во Црквата, воедно и една од најмаркантните фигури во светската културна јавност, личниот пријател на пр. на светиот Силуан Атонски, и на поетот Рабиндранат Тагоре, а како што уште го именуваат и Златоуст на 20-от век - светиот Николај Охридски и Жички, покрај охридското крајбрежје ги испеа неговите „Молитви на езеро“.

Една од нив е дел од секојдневните молитви на Архиепископот г. г. Јован, во централниот затвор „Идризово“, каде што на правдина е затворен, заради исповедање на православната вера.

На почетокот од 21-от век тајните полициски структури метастазирани во политиката, судството, универзитетот, МАНУ, расколничката МПЦ, сторија се да го вратат во сегашноста, типичниот за едно минато време - комунистички прогон против Црквата.

Агентите, преку дел од нивните колеги новинари, на сталинистички начин фабрикуваа цел куп лаги против Архиепископот г. г. Јован и Православната Охридска Архиепископија.

Блиската иднина ќе ги цени нивните дела. Тие, пак, само нека знаат дека ниту вратите на пеколот нема да ја надвладеат Црквата.

Ги уверуваме сите нив и целата македонска јавност дека Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г. г. Јован без престан се моли за сите негови непријатели, со молитвата којашто ја прекршува кодошката диоптрија, и којашто е утеха за множество личности во нашата татковина:

Благослови ги непријателите мои, Господи. И јас ги благословувам, и не ги колнам.

Непријателите ме турнаа многу повеќе во Твоите прегратки, отколку пријателите. Пријателите ме врзуваа за земјата, непријателите ме ослободуваа од земјата и ги рушеа сите мои надежи во земјата.

Тие ме направија странец во земските царства и непотребен жител на земјата. Како што гонетиот ѕвер наоѓа посигурно прибежиште отколку непрогонетиот, така и јас гонет од непријателите најдов најсигурно прибежиште, сокривајќи се под Твојата скинија, каде што ни непријателите, ниту пријателите не можат да ја погубат душата моја. Благослови ги непријателите мои, Господи. И јас ги благословувам, и не ги колнам.

Тие наместо мене ги исповедаа гревовите мои пред светот.

Тие ме удираа кога јас се снебивав да се удирам себеси.

Тие ме мачеа тогаш кога јас бегав од маки.

Тие ме грдеа тогаш кога самиот на себе, си ласкав.

Тие ме плукаа тогаш кога се гордеев со себе си.

Благослови ги непријателите мои, Господи. И јас ги благословувам, и не ги колнам. Кога јас се правев мудар тие ме нарекуваа луд.

Кога се правев моќен тие ми се смееа како на ништожен.

Кога сакав да водам луѓе тие ме туркаа во поздина.

Кога брзав да се збогатам, тие ме тепаа со железна рака.

Кога мислев мирно да спијам, тие ме будеа од сон.

Кога ѕидав дом за долг и спокоен живот, тие го рушеа и ме гонеа вон.

Воистина, непријателите ме ослободија од светот и ги продолжија рацете мои до скутот Твој.

Благослови ги непријателите мои, Господи. И јас ги благословувам, и не ги колнам.

Благослови ги, и умножи ги; умножи ги и уште повеќе огорчи ги против мене – за моето бегство кон Тебе да биде бесповратно; за надежта во луѓето да би се искинала како пајажина; за смирението исцело да би се зацарило во мојата душа; за срцето мое да би постанало гроб на мојте два зли близнаци: гордоста и гневот; за сето свое богатство да би го собрал на небесата; ах, за еднаш да би се ослободил од самоизмамата, којашто ме заплетка во страшната мрежа на лажниот свет.

Непријателите ме научија да го знам она – што малкумина го знаат – дека човекот нема непријател во светот надвор од себе.

Само оној ги мрази непријателите, којшто не знае дека непријателите не се непријатели, но сурови пријатели.

Воистина, тешко ми е да кажам кој ми направи повеќе добро, а кој повеќе зло во овој свет: пријателите или непријателите.

Затоа, Господи, благослови ги и пријателите, и непријателите мои.

Робот ги колне непријателите бидејќи не знае. А, синот ги благословува бидејќи знае.

Оти знае синот дека непријателите не можат да му посегнат по животот. Затоа слободно чекори помеѓу нив и се моли Богу за нив.

Благослови ги непријателите мои, Господи. И јас ги благословувам, и не ги колнам.