Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

12.05.2006

После донесената одлука на Врховниот суд на Р. Македонија за скратување на затворската казна на Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, тој беше пуштен од затворот во Идризово каде што ја издржуваше казната за кривично дело: распалување на национална и верска омраза. Меѓутоа, со тоа Архиепископот не беше и конечно ослободен. Имено, иако доби потврда од Основниот суд во Битола дека треба да му се врати патната исправа која му беше одземена пред два дена пред да биде ставен во затвор (јули 2005), Управата за внатрешни работи, секако под директива на Министерството за внатрешни работи, цели 20 дена, сосем бесправно му ја задржуваше патната исправа на Архиепископот. Тоа време им беше потребно за да издејствуваат од основниот суд во Велес да донесе одлука, надвор од судска расправа, да му се одземе пасошот на Неговото Блаженство.

По барање на јавниот обвинител, г-гица Славица Темелковски, само еден ден пред давањето на завршниот збор во судскиот спор во кој Архиепископот е тужен од јавното обивнителство на Р. Македонија за кривично дело затајување, судот донесе одлука, надвор од судска расправа, да му се одземе пасошот. Во образложението пишува дека тоа се прави за да се обезбеди присуство на обвинетиот (Архиепископот Јован). Само после два дена судот донесе ослободителна пресуда за Архиепископот, но пасошот нема да му биде вратен до правосилност на пресудата. Значи, без разлика што е ослободен од обвинението, Архиепископот Јован повторно е ставен во затвор.

Затворот не е само нечие физичко затворање во зграда наменета за тоа. Затвор е и тоа некому да му ја ограничи слободата на движење, без оглед при тоа што не е заклучен под стражарска контрола. Но, има ли на ова право државата Р. Македонија која бара да се интегрира во Европската Унија каде човековите права и слободи се база на правниот поредок?

Во своето барање за враќање на патната исправа од 26 април 2006г. упатено до Освновниот суд во Велес, Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован пишува:

„Почитуван суде,

Со ова молбено барање замолуваме да ни биде вратена патната исправа бр. 1904171 на име Јован Вранишкоски издадена на 25.12.2003г. за која на 27.03.2006г. од овој суд беше донесена мерка привремено одземање на истата.

Ова го бараме од причина што веќе не постои мотивот за кој ни беше одземена споменатата патна исправа, а тоа е обезбедување на наше присуство на судскиот процес против нас закажан за 30.03.2006г. во овој суд, бидејќи процесот веќе заврши и донесена е ослободителна пресуда во наша полза.

По однос на вториот мотив на судот, дека постои можност да ја напуштиме државата и тоа од причина што веќе сме осудени со правосилна пресуда на една година затвор, иако истата сеуште не ни е доставена, нека ни биде дозволено да забележиме дека судот ја превидел суштината на нашата мисија во Р. Македонија, а за тоа дека потполно ја промашил духовната структура на нашата личност нема ниту да се трудиме да објаснуваме. Ако судот мисли дека со тоа што сме осудени на една година затворска казна ќе се откажеме од нашето животно дело кое е усредсредено на подрачјето на Р. Македонија и ќе избегаме во некоја друга држава, навистина прави суштинско превидување. Та, Бранко Црвенковски би платил тешки милиони кога би се решиле да ја напуштиме државата, а да не говориме за тоа што би ни помилувал и повеќе од десет години робија. Да избегаме од државата и потоа да немаме право во неа да се вратиме со години кога знаеме и потполно сме уверени дека со пресудите за наше затворање државата врши услуга на Црквата на која й припаѓаме, Православната Охридска Архиепископија, секако на долгорочен план, би било повеќе од наивно и после сè што се случи последниве 4 години, дури и несериозно.

Но, без шеги, навистина сметаме дека е нечесно некој, па нека е тоа и судот да нè држи во затвор повеќе отколку што сме осудени. Имено, со тоа што не ни се дозволува да патуваме во странство во период кој е подолг отколку што е определена затворската казна со судската пресуда, судот покажува дека е под притисок на власта, особено на Претседателот на државата, г-динот Бранко Црвенковски кој не бира средства да ја уништи структурата на Православната Охридска Архиепископија.

Како доказ дека навистина имаме потреба да патуваме во странство ви прилагаме копија од поканата од Неговата Светост, Архиепископот пеќки и Патријарх српски г.г. Павле со која нè поканува да учествуваме на првиот овогодишен Архијерејски Собор кој ќе се одржи во Белград на 15 мај 2006г.

Со надеж дека судот ќе донесе позитивен одговор на нашето барање и ќе ни ја врати патната исправа, остануваме со особена почит.

Христос воскресе!”

Но, еве скоро цел месец после тоа барање, основниот суд во Велес се нема изјаснето. Човек навистина да се запраша, зошто државата Р. Македонија ги тера нејзините жители да поднесуваат барања, особено во соседна Бугарија за издавање на патна исправа од таа земја? Според последните официјални податоци од Министерството за надворешни работи на Р. Бугарија, безмалку 100.000 државјани од Р. Македонија имаат добиено бугарски пасош. Како да постои државна политика за поттикнување на граѓаните на Р. Македонија да имаат двојни државјанства.

Од Информативната служба на
Православната Охридска Архиепископија