Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija


13.07.2005

Параклисот пред демолирањето Параклисот пред демолирањето
Параклисот денес Параклисот денес

Масакрот којшто, на 12-ти Јули 2005 г., режимот на Р. Македонија го изврши врз верската слобода, приватниот имот и правото на живот дефинитивно ќе ја определи како земја со неизречив варваризам и примитивизам.

На 10-ти Јули 2005 г., десетина алкохолизирани индивидуи предводени од Зоран Спасовски вработен во Градски сообраќај, веднаш после доаѓањето во параклисот „Свети Нектариј Егински“ го извлекле свештеникот Борјан Витанов и легнувајќи го на асфалтот, брутално го претепале за што постои и лекарски наод. Притоа му ги одземале клучевите од параклисот и мобилниот телефон, така што тој не можел ниту да повика помош, ниту да се засолни. Со него биле уште двајца верници коишто исто така настрадале од алкохолизираната група. Истовремено го демолирале и автомобилот со којшто свештеникот Борјан Витанов пристигнал во параклисот. Се разбира, како и секогаш, полицијата не само што не превзела ништо, туку отворено се ставила во одбрана на насилниците обидувајќи се пред јавноста целосно да ја искриви сликата за настанот.

Нерегистрирањето на Православната Охридска Архиепископија од страна на Власта во Р. Македонија, поттикнувањето на верска дискриминација и говорот на омраза протежирани од органите за прогон на Р. Македонија, на 12-ти Јули 2005г., резултираа со претепување на верници на Православната Охридска Архиепископија и демолирање на параклисот „Свети Нектариј Егински“ во населбата Драчево, Скопје.

Утрото на 12-ти Јули 2005 г. во 7ч. и 30мин. толпа од над пеесетина луѓе предводени од расколничкиот свештеник, старешина на драчевскиот храм на расколничката Македонска православна црква, поп Горан со одборниците, вооружени со секири, копачи и друго оружје, почнале да го демолираат параклисот „Свети Нектариј Егински“ при што физички го нападнале и го претепале црковниот псалт Никола, човек познат по својата кроткост којшто, воопшто и неможел да се заштити. Пред очите на псалтот Никола и припадникот на Православната Охридска Архиепископија г-динот Трајан тие продолжиле со демолирањето. Во 8ч. и 30мин. во параклисот пристигнале клириците, а почнале да доаѓаат и граѓани коишто припаѓаат на Православната Охридска Архиепископија. Во исто време се собрале уште околу стотина луѓе со секири и чекани во рацете коишто со четири автомобили ја блокирале улицата „Војвода Ивец“, и брутално ги нападнале свештениците, ѓаконите и верниот народ на Православната Охридска Архиепископија кои во духот на христијанската љубов и разбирање биле собрани, на приватен имот, да се помолат на големиот празник Петровден. Според веќе добро разработеното сценарио, со доаѓањето на полицијата тие успеале да се извлечат делумо и заради тоа што помеѓу припадниците на Православната Охридска Архиепископија се наоѓал и еминентниот репрезент на македонската култура, господинот Томе Витанов, актер, за полицијата потоа, како што им налага тактиката, сосема свесно, да ги остави насилниците непречено да ја демолираат бараката – параклис, приватен имот на познатиот актер Славко Нинов.

Р. Македонија само формално е потписник на меѓународните конвенции со коишто се гарантираат верските слободи и човековите права. Но, масакрот којшто го организираше на верска основа на 12-ти Јули 2005 г., кристално јасно покажува дека Р. Македонија спроведува државен тероризам врз сите оние коишто не се сообразуваат со тоталитаристичката цезаропапистичка матрица.

Ваквиот вандализам упатува на фактот дека Р. Македонија целосно транспарентно го има укинато правото на слобода на вероисповед, според што логично произлегува дека органите за прогон, сеедно во која формација, можат слободно во повеќе наврати да го линчуваат секого којшто не е подобен на нивните верски убедување притоа демолирајќи го и неговиот приватен дом со асистенција на полицијата.

Масакрот којшто се случи во параклисот „Свети Нектариј Егински“ останува да виси како морбидно потсетување дека власта на Р. Македонија на сопствениот народ систематски му ја убива природната потреба за толеранција и почитување на различностите, на тој начин безмилосно фрлајќи ги луѓето, и воопшто земјата, во специфичен вид аутизам којшто себе си се брани со насилие.

Искорнатите ѕидови на бараката и потписот на напаѓачите

Фотографиите од масакрот доволно гласно сведочат дека државата Р. Македонија во содејство со расколнчката организација – Македонска православна црква којашто го има оставено и својот потпис врз нејзиното злодело, дефинитивно и спротивно на сите евро-атлантски и христијански принципи, ја имаат јавно егзекутирано слободата на вероисповед и правото на живот и дом.

Нам, единствено ни преостанува, по молитвите на свети Нектариј Егински, да кажеме дека ниту на најголемите душмани не посакуваме да им се случи тоа што ѝ се случи на Православната Охридска Архиепископија од сите помесни православни Цркви во светот призната како канонска Црква на Р. Македонија.