Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

12.07.2005

Од службата на 10.07.2005 По службата 10.07.2005
Параклисот пред демолирањето Параклисот пред демолирањето
Параклисот денес Параклисот денес
Параклисот денес Вандализирање на олтарот

После противзаконските протерувања (без судски налог), на Архиепископот г.г. Јован од катедрата во Велес во Јуни 2002 г., и на монасите од четирите манастири во Јануари 2004 г.;

после палењето на манастирот во с. Нижеполе и стрижењето на монахињите во Февруари 2004 г.;

после легализираното поистоветување на декларативно секуларната држава со една специфична религиозна заедница – Македонската православна црква (МПЦ), изразена преку Собраниската „Декларација за подршка на автокефалноста на МПЦ“ донесена на 23. 01. 2004 г.;

Црквата во с.Нижеполе еден ден пред рушењето Црквата во с.Нижеполе, срушена во октомври 2004

после рушењето на Црквата во манастирот „Свети Јован Златоуст“ во Октомври 2004 г. и потврдата на осудата на Архиепископот г.г. Јован на 18 месеци затвор во Јуни 2005 г.;

и, после континуираниот говор на омраза кој претставува отворен повик на линч спроведуван од одредена група новинари блиски до полицијата (Бранко Ѓорѓевски, Јанко Илковски, Билјана Јовановска, Ацо Кабранов, Александар Чомовски), повеќе од извесно е дека државните власти на Р. Македонија во содејство со, од нив спонзорираната Македонска православна црква спроведуваат државен терор, укинувајќи го правото на слобода на вероисповед и приватна сопственост.

Спротивно на сите цивилизациски текови според коишто почитувањето на слободата на вероисповедта претставува една од основите на универзалните човекови права и слободи, македонската власт која формално се јавува како потписник на меѓународните конвенции кои ги гарантираат тие права, деновиве прогресивно се покажува како циничен егзекутор на вредностите на коишто се темели секое цивилизирано и демократско општество.

Укинувањето на правото на слободен избор на вероисповед и уверување официјално е потврдено од страна на Македонската судска власт во пресудата против Архиепископот г.г. Јован од Јули 2004 г. каде што тоталитаристички од страна на судијата Мишко Стојковски е постулирано: „Македонската Православна Црква е единствената религиозна организација на Македонскиот народ“(!!!).

Исто така, како производ на цезаропапистичката сплотеност на државата со гореспоменатата „единствена религиозна организација на Македонскиот народ“, органите на прогон на Р. Македонија во повеќе наврати со насилство го повредуваа правото на приватна сопственост и непрокосновеноста на домот на граѓаните – даночни обврзници, коишто се членови на Православната Охридска Архиепископија (случаите во Ресен и Прилеп, Декември 2004 г.).

Ваквата политичка идеологија како темел за теророт и верската дискриминација коишто веќе транспарентно ги спроведува Македонската власт, зачинети со говорот на омразата и повиците на линч на 10-ти Јули 2005 г. резултираа со брутално претепување на свештеникот Борјан Витанов. И тоа не ѝ беше доволно на Македонската полиција, та два дена подоцна, на 12-ти Јули 2005 г. не превзеде ништо кога разулавената толпа од над стотина луѓе предводени од старешината на локалниот храм на МПЦ, поп Горан, со секири и други оружја во рацете ги нападнаа припадниците на Православната Охридска Архиепископија коишто се наоѓаа на сопствениот приватен имот, а потоа и пред очите на полицијата којашто немо набљудуваше, целосно ја демолираа бараката којашто е во приватна сопственост, а којашто беше малечка капела кадешто луѓето се собираат на молитва.

Сквернавење на олтарот од претходните упади Сквернавење на олтарот од претходните упади
Сквернавење на олтарот од претходните упади Вандализирање на параклисот во претходните упади

Пред да се случи ова, во седум наврати извршувани се упади, тешки кражби, закани со убиства и сквернавења во споменатата барака - параклис „Свети Нектариј Егински“. Во сите овие случаи полицајците, коишто никогаш не сакаа да се претстават, играа улога на притаен соучесник на напаѓачите заканувачки вршејќи притисок за наше иселување од сопствениот приватен имот.

Дали во било која земја од евроатлантската цивилизација во 21-от век може да се случи некој којшто се моли на приватен имот да биде тероризиран од државата чијшто даночен обврзник е? Дали модерниот свет познава ваква низа на верско дискриминирање и загрозување на правото на живот, дом и сопственост како што во нашата реалност во континуитет Македонската власт ги убива овие елементарни придобивки?

Искорнатите ѕидови на бараката и потписот на напаѓачите Внатрешноста на бараката
Искорнатите ѕидови на бараката Искорнатите ѕидови на бараката и потписот на напаѓачите

Фотографиите, коишто се повеќе од доволно илустративни, покажуваат дека во Р. Македонија секој којшто ќе посака може јавно да ги егзекутира припадниците на Православната Охридска Архиепископија со поддршка од Македонската власт, а на застрашувачки сличен начин како што и во времето на нацизмот секој неказниво можел да им го одземе правото на живот и сопственост на припадниците на дискриминираните религиозни и етнички групи. Овој религиозен тоталитаризам во 21-от век ќе остане забележан како феномен протежиран од Македонската власт.

Ова обраќање нема само информативен карактер, туку, пред сè претставува апел до сите слободољубиви луѓе без разлика на религиозната, политичка и национална припадност или неприпадност да ги заштитат правото на верска слобода, правото на живот и приватност на сите оние граѓани на Р. Македонија коишто моментално се соочени со нивно погазување и тероризирање од страна на режимот на оваа држава.

Во прилог на поттик неизоставно да се дејствува секогаш кога се загрозени елементарните верски слободи и човекови права, и конкретно во случајов кога Македонската власт пред очите на глобалната демократска јавност спроведува државен тероризам врз религиозна основа, го наведуваме следниов пример на еден Германски интелектуалец од времето на нацизмот којшто вели: Првин дојдоа по Евреите, меѓутоа јас не бев Евреин и не се побунив; потоа, дојдоа по синдикалците, но јас не бев член на синдикатот и затоа не се зазедов за нив; потоа дојдоа по мене, но тогаш веќе не остана никој кој би се застапил за мене.