Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ Српски

28.12.2019

Човековите права и верските слободи се основните вредности без кои едно општество не може ниту да се именува како демократско општество! За жал, сведоци сме дека во 21-от век, на еден незапамтен, тоталитаристички начин, со полициски блокади и затворање на пратеници, во Црна Гора е донесен т.н. закон за верските заедници, кој, во суштина, ја поништува демократијата во таа земја и ги укинува верските слободи на нејзините граѓани!

Напредните демократски системи ги градат своите општества водејќи грижа за слободата на човекот, макар тој бил поединец! Црна Гора, пак, демонстрира еден назадувачки процес со кој атакува не само на правата на поединецот, туку и на правата и слободите на мнозинството нејзини граѓани.

Од една страна, вчудовидени од настаните, кои будно ги следиме, од црковните собори на кои големо мноштво граѓани на Црна Гора мирољубиво повикаа на дијалог во однос на спомнатиот закон, и, варварското одбивање на дијалогот од страна на државниот апарат, како и примената на физичка сила од страна на црногорската полиција врз Црквата, а од друга страна, и самите живеејќи го државниот прогон, кој Северна Македонија сè уште го спроведува врз Православната Охридска Архиепископија, најостро протестираме против односот на државниот апарат на Црна Гора кон канонската Црква во таа земја!

Истовремено, им ја изразуваме нашата целосна поддршка на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот црногорско-приморски г. Амфилохиј, на Епископите, свештенството, монаштвото и сите граѓани припадници на канонската Црква во Црна Гора, цврсто верувајќи дека ќе опстанат во одбраната на својата верска слобода и на своите храмови!

Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија упатува молитви кон Господа, да му даде благодат и сила на братскиот православен народ во Црна Гора, за храбро да го поднесе и овој прогон, та да ги сочува своите светињи во слава на Светата, Единосуштна, Живототворна и Неразделна Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, и истовремено, за нивно добро, да ги вразуми оние, кои креваат рака на Црквата, како да заборавиле дека Црквата ниту вратите на пеколот нема да ја надвладеат!