Сеправославна Подготвителна Комисија
Шамбези, 9 – 17 Декември 2009
СООПШТЕНИЕ
Од 9-ти до 17-ти Декември 2009 год., во Православниот Центар на Вселенската Патријаршија во Шамбези, се состана Сеправославна Подготвителна Комисија за Светиот и Велик Синод на Православната Црква. Со нејзината работа претседаваше Високопреосвештениот Митрополит пергамски г. Јован, претставник на Вселенската Патријаршија. Нејзин секретар беше Високопреосвештениот Митрополит швајцарски г. Јеремиј, секретар за подготовка на Светиот и Велик Синод.
Сеправославната Комисија, од една страна, како задолжение го имаше довршувањето на заедничкиот став на Помесните Православни Цркви за темата на Автокефалијата и за начинот на нејзиното прогласување, и од друга страна, изнаоѓањето на заеднички ставови за темата на Автономијата и начинот на нејзиното прогласување, како и за Диптисите.
После воведната беседа на Високопреосвештениот Претседавач и изложувањето на Високопреосвештениот Секретар, Комисијата:
а) ја проучи содржината на испратениот до неа параграф, од одобрениот текст за Автокефалијата и начинот на нејзиното прогласување, од нејзиното претходно Заседание од 1993 год., за поцелосна обработка и изнаоѓање на заеднички став на Помесните Православни Цркви. Овој параграф се однесува на прогласувањето на Автокефалијата со Томос и начинот на неговото потпишување. Комисијата едногласно се согласи дека „изразувајќи ја согласноста на Црквата-мајка и сеправославната согласност, Вселенскиот Патријарх официјално ја возгласува Автокефалијата на Црквата којашто ја бара, преку издавање на Томос за Автокефалија. Овој Томос се потпишува од Вселенскиот Патријарх, а за тоа преку своите потписи му сосведочуваат и Блаженејшите Претстојатели на Најсветите Православни Цркви, коишто за тоа се поканети од Вселенскиот Патријарх“. За следната Сеправославна Подготвителна Комисија се проследи прочувањето на начинот за спроведување на согласноста.
б) со прегледен и сеопфатен текст го опиша заедничкиот став на Православните Цркви по прашањето на Автономијата и на нејзиното прогласување, изложувајќи ги поимот и содржината на Автономијата, процесот што следи околу нејзиното прогласување и последиците од неа.
г) темата на Диптисите, заради недостаток на време, се проследува за следната Сеправославна Подготвителна Комисија.
Во Православниот центар на Вселенската Патријаршија во Шамбези, на 17-ти Декември 2009 год.
+ Пергамски Јован, Претседавач
