Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

15.11.2008

Од 11-ти до 15-ти Ноември 2008 год., во Патријаршијата, во Белград, се одржа редовното, есенско заседание на Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква.

Информативната служба веќе извести дека на заседанието на Соборот учествуваа Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован и сите останати Архиереи на Православната Охридска Архиепископија.

На Соборот со којшто претседаваше Неговото Високопреосвештенство Архиепископот цетински и Митрополит црногорско приморски г. Амфилохиј, од причини што Патријархот Павле е спречен заради болест, беше разговарано за низа суштински прашања, коишто го засегаат непреченото одвивање на животот на Црквата.

Светиот Архиерејски Собор и овој пат апелира до надлежните власти на Р. Македонија да се престане со прогонот на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован и да се укинат сите забрани и други противправни мерки насочени против автономната Охридска Архиепископија.

Соборот, исто така, одлучи да ја дополни Нишката согласност од 2002 год., врз основа на којашто е издаден и Томосот за автономија на Православната Охридска Архиепископија.

Со тоа дополнение Соборот начелно го прифати предлогот за начинот на учество на Архиереите од автономната Охридска Архиепископија во работата на Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква. Со него, се прифаќа Архиереите од Охридската Архиепископија да учествуваат во работата на Светиот Архиерејски Собор посредно, преку својот Претстоител, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, којшто на соборот учествува редовно и непосредно.

Останатата чесна Јерархија од Охридската Архиепископија по правило присуствува на оние седници на Соборот на коишто се расправа било за исклучително важни прашања од значење за целата помесна Црква, било за прашања поврзани исклучиво за Охридската Архиепископија.

Право на учество во одлучување или евентуално гласање исклучиво има Архиепископот охридски и Митрополит скопски, а останатите браќа Архиереи од Охридската Архиепископија заради братољубие и во духот на заедништво и единство можат да присуствуваат и на сите седници на Светиот Архиерејски Собор, но без право на учество во одлучувањето или евентуалното гласање.

Сепак, при изборот на Патријархот српски, учествуваат сите Архиереи од Охридската Архиепископија, бидејќи Патријархот е Патријарх на сите.

Целосното соопштение од редовното, есенско заседание на Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква можете да го прочитате на следнава интернет врска: http://www.spc.rs/sr/saopstenje_za_javnost_svetog_arhijerejskog_sabora_spc