Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

01.05.2008

По враќањето на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован од поклоничкото патување во Светата Земја, се одржа редовна седница на Светиот Архијерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, во Врање. Синодот беше свикан во Врање од причина што на Архиепископот охридски г.г. Јован му е определена мерка притвор, и доколку тој се обиде да влезе во Р. Македонија, ќе биде затворен.

Светиот Синод оцени дека мерката притвор е изречена токму во периодот кога на сила стапува новиот закон за верските заедници, а тоа е 1-ви Мај 2008 год., и со цел Архиепископот охридски г.г. Јован да не може одблизу да ја следи постапката за регистрација. Ова веќе покажува тенденциозност на постапката за регистрација, и повторно се очекува дека властите, овојпат преку судот, ќе прават проблеми во врска со регистрацијата на Охридската Архиепископија.

Синодот му препорача на Архиепископот охридски г.г. Јован да не влегува во Р. Македонија додека не биде укината мерката притвор. Исто така, Синодот ќе ја третира мерката притвор врз Архиепископот охридски г.г. Јован како негово бесправно бркање од државата, и со тоа ќе ги запознае сите меѓународни институции.

Светиот Синод донесе одлука да се поднесат потребните документи за регистрацијата на Православната Охридска Архиепископија во судот, и за тоа го задолжи Епископот стобиски г. Давид.

Заради пастирска потреба и организирање на црковниот живот на целата територија на Р. Македонија, Светиот Архијерејски Синод постави местобљустители на упразнетите епархии. Местобљустител на велеската и повардарска Епископија е Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, на дебарско – кичевската Местобљустител е Епископот полошко – кумановски г. Јоаким, а на струмичката Местобљустител е помошниот Епископ стобиски г. Давид.