Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Во услови на влошена здравствена состојба на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г. г. Јован, Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија одржа вонредна седница во Р. Србија, каде што во моментов Архиепископот се наоѓа на лекување. Светиот Архиерејски Синод со жалење го прими на знаење писмото коешто Претседателот на Р. Македонија, г-динот Бранко Црвенковски, го упати до Неговата Светост Патријархот српски г. г. Павле, а со коешто тој одбива да даде аболиција на Архиепископот г. г. Јован за политичките судења коишто му ги подготвува власта во Р. Македонија. Таа аболиција беше неопходна како предуслов за знак на добра воља од власта дека нема да се меша во црковните проблеми и решенија.

Бидејќи власта со ова покажа дека не сака да остане по страна во решавањето на црковниот проблем, Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија донесе заклучок дека не е созреана ситуацијата да се започне дијалог со расколничката јерархија. Тоа уште повеќе следи од фактот што и самата расколничка јерархија на МПЦ решението го гледа во затворањето на Архиепископот г. г. Јован.

Уште пред Претседателот Црвенковски да донесе одлука дека нема да даде аболиција за Архиепископот г. г. Јован, расколничкиот митрополит Петар се огласи во јавноста со зборовите: „Нека се сети Црвенковски колку пати дотичниот (мислејќи на Архиепископот) го има навредено.“ Од друга страна, сите средства за информирање објавија дека, ден пред Црвенковски да ја донесе одлуката, бил на советување со расколничкиот архиепископ Стефан. На што го советувал тој, веќе е очебијно, но не е ли тоа нарушување на секуларниот принцип на државата?

Заради сево гореспоменато Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија заклучи дека расколничката т. н. МПЦ не е спремна да го решава нејзиниот неканонски статус со дијалог, туку сака, користејќи ја помошта којашто ѝ ја дава државата да го наметнува својот монопол насилнички, како што тоа го прави и до сега. Затоа, се одлучи да се прекине со чекање расколничката МПЦ да покаже добра воља за дијалог, и се реши да се пополнуваат упразнетите епархии.

Неговото Преосвештенство Епископот дремвицки и местобљустител битолски г. Марко, Синодот го разреши од должноста помошен Епископ на Архиепископот и од должноста прв секретар на Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија и го постави на упразнетата Брегалничка Епископија, со сите права и должности на епархиски Архијереј со титула Епископ брегалнички и местобљустител битолски. Неговото седиште ќе биде во Штип. Интронизацијата ќе биде закажана кога за тоа ќе се создадат услови.

Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија за помошен Епископ на Архиепископот го избра досегашниот игумен Давид (Нинов), со титула Епископ стобиски, и го постави за прв секретар на Синодот. Неговата хиротонија ќе биде дополнително закажана.

За втор секретар на Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија назначен е Архимандритот Софрониј (Димески).

Светиот Архиерејски Синод реши да упати писмо - протест до Врховниот суд на Р. Македонија бидејќи скоро две години не одговара на тужбата којашто е поднесена против Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи при Владата на Р. Македонија, за тоа што таа не ја регистрира Православната Охридска Архиепископија како религиозна група. Синодот смета дека Врховниот Суд само купува време за власта на Р. Македонија, бидејќи знае дека овој спор власта сигурно ќе го загуби на судот во Стразбур.

По однос на заканувањето од страна на власта во Р. Македонија за ново затворање на Архиепископот г. г. Јован, Светиот Архиерејски Синод реши да упати Окружно послание до сите помесни Цркви, до одредени амбасади во Р. Македонија и до некои меѓународни институции коишто се занимаваат со човековите права и верските слободи. Со продолжувањето на политичките прогони врз Архиепископот и припадниците на Охридската Архиепископија, власта на Р. Македонија повторно ќе си го покаже нејзиното тоталитаристичко лице пред светот.

Во породолжение го објавуваме интегралниот текст на Окружното Послание од Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија:


ОКРУЖНО ПОСЛАНИЕ

за објаснување за судскиот процес со којшто Неговото Блаженство Архиепископот охрдски и Митрополит скопски г. г. Јован е осуден на затворска казна од една година.

Власта во Р. Македонија со несмалена жестина продолжува со судскиот прогон против Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован. После впечатливото и јавно ругање коешто го доби од Меѓународната заедница, како и од многуте влијателни меѓународни институции коишто се занимаваат со човековите права и слободи, конкретно поврзано за затварањето на Архиепископот г. г. Јован, во Јули 2005 год., властите во Р. Македонија ја менуваат тактиката на делување, но не и целта на прогонување на припадниците на Охридската Архиепископија.

Неможејќи да ги објаснат пред меѓународните фактори причините за затворањето на Архиепископот г. г. Јован за кривичното дело „Распалување на национална и верска омраза, раздор и нетрпеливост”, судската власт во Р. Македонија, којашто не е независна, туку под директно влијание на извршната власт, го ослободи Архиепископот, после осум месеци поминати во затвор, и покрај тоа што беше осуден на две и пол години. Но, државната власт чијашто цел не е да го реши проблемот со верската слобода во Р. Македонија, ја промени татктиката и сега го гони и суди Архиепископот не за она што се однесува на неговата вера, бидејќи така повторно би ги привлекле реагирањата на меѓународната заедница, туку го судат под обвинение за наводно затајување на материјални средства, настојувајќи со тоа да го прикажат како недостоен за службата којашто ја врши.

Тоа се гледа и по последната извршна пресуда над Архиепископот г. г. Јован, којашто ја изрече Апелациониот суд во Скопје за кривично дело „затајување” по чл. 239, ст. 4, во врс. ст. 1, од Кривичниот законик на Р. Македонија. Станува збор за следново:

Во Јуни 2002 год., на барање на Архиепископот г. г. Јован, тогаш Митрополит велески со седиште во Велес, сегашниот градоначалник на Скопје, г-дин Трифун Костовски донираше 57.000 евра за реконструкција на храмот „Свети Пантелејмон“ во Велес. Бидејќи Црквата со законските промени за финансиско работење во Р. Македонија направени истата 2002 год., неможеше да располага со девизна сметка, донаторот, г-дин Трифун Костовски, се согласи парите да ги префрли на приватна штедна девизна книшка на благајникот на велеската епархија, г-динот Тони Петрушевски. Не поминаа ни десет дена откако парите беа префрлени на девизната сметка на благајникот, во меѓувреме, по воспоставувањето на литургиското и канонско единство со Српската Православна Црква во Јуни 2002 год., Митрополитот велески г. Јован, сега Архиепископ охридски и Митрополит скопски, насилно, во полициска режија, без било каков судски налог за тоа, беше протеран на улица од зградата на Митрополијата, кадешто живееше. Истиот ден отказ добија и сите коишто работеа со Митрополитот г. Јован. Така отказ доби и споменатиот благајник Тони Петрушевски. Никој од нив неможеше да влезе во зградата на Митрополијата. Оттука, парите коишто ги даде г-динот Трифун Костовски за реконструкција на храмот во Велес, останаа на штедната книшка на Тони Петрушевски.

Пред насилниот прогон од страна на полицијата (во текот на Јуни 2002 год.), Митрополитот г. Јован со изведувачите на работите околу реконструкцијата на споменатиот храм превзеде иницијатива за извршување на планираниот проект. Беа направени договори, па дури и одредени работи беа авансирани. Беа изработени проекти по коишто г-динот Трифун Костовски ги донираше споменатите средства. Значи, Митрополитот г. Јован, како договарач на тие работи, остана должен на луѓето коишто веќе имаа одредени трошоци во подготвувањето на работите околу реконструкцијата на храмот. Само да напоменеме, требаше да се изведе градежна реконструкција на носечките столбови на храмот, реконструкција на електричната инсталација, реконструкција на столаријата и лимаријата, да се воведе греење во храмот и да се постави ново озвучување.

Во Јули и Август 2002 год., ништо не се превзеде во однос на наплатата на долговите, прво затоа што Митрополитот г. Јован беше во прогонство, па беше отежнат контактот на изведувачите на работите со него, а второ, затоа што тоа беше период на летни одмори. Но, во Септември 2002 год., изведувачите на работите, коишто направиле извесни трошоци, почнаа да го бараат Митрополитот г. Јован, за да им се подмират дел од тие трошоци. Македонската Православна Црква ги информирала дека донацијата на г-динот Трифун Костовски сеуште е на штедната книшка на бившиот благајник г-динот Тони Петрушевески.

Во Септември 2002 год., Митрополитот г. Јован писмено му наложи на бившиот благајник Тони Петрушевски да ги подигне парите, 57. 000 евра, од неговата штедна книшка, за да може од тие пари да се исплатат пристигнатите долгови. Г-динот Петрушевски ги подигна парите, но веќе следниот ден полицијата го уапси. Првиот нареден работен ден после тоа, Митрополитот г. Јован го депонираше во судот во Велес полниот износ од донацијата од 57. 000 евра, со каматата за три месеци од 180 евра. Истиот ден г-динот Петрушевски е ослободен од притвор, но после тоа почна судење против него како првообвинет и против Митрополитот г. Јован како второобвинет, за кривично дело „затајување”

Судот најпрво донесе одбивателна пресуда, без изведување на доказна постапка, бидејќи немаше овластен тужител. Уште во текот на истрагата Македонската Православна Црква се откажа од кривично гонење, а истото го направи и во текот на главниот претрес. По завршувањето на судскиот процес и по добивањето на пресудата, Јавниот обвинител направи фалсификат и вметна во предметот предлог за гонење од Македонската Православна Црква. Тоа не беше заведено никаде, немаше судски печат, но без оглед на тоа, Апелациониот суд во Скопје, којшто, очигледно, работеше по директиви на извршната власт, го врати предметот на повторно разгледување во Основниот суд во Велес, усвојувајќи ја жалбата на Јавниот обвинител направена на основа на фалсификат.

На второто судење се појавија како сведоци: донаторот г-дин Трифун Костовски, којшто сега е градоначалник на Скопје, но и претставниците на фирмите коишто ги изведуваа работите во храмот. Сите сведочеа во корист на Архиепископот г. г. Јован, и на основа на писмените докази и сведоштва судот донесе ослободителна пресуда. На таа пресуда Јавниот обвинител повторно се жалеше и Апелациониот суд во Скопје донесе одлука предметот да се врати на повторно разгледување во Основниот суд во Велес.

На третото судење, со истите докази, истиот судија, којшто двапати донесе ослободителна пресуда, без изведувања, значи, на било какви нови причини коишто би влијаеле на донесувањето на поинаква пресуда, изрече осудителна пресуда и тоа во траење од две години затвор за Архиепископот г. г. Јован и петнаесет месеци за првообвинетиот, г-динот Тони Петрушевски. Апелациониот суд во Скопје, по жалбата на обвинетите ја намали казната и го осуди Архиепископот г. г. Јован на една година затвор како второобвинет, а првообвинетиот, г-динот Тони Петрушевски на пет месеци.

Сметаме дека не е тешко да се заклучи дека и ова е политичко судење. Бидејќи за да би направил некој кривично дело „затајување” треба да се стекне со некаква подвижна или неподвижна добивка за себе или за друг. Во овој случај, тоа го немаше. Парите беа депонирани во судот и тоа со каматата, во оној момент кога судот ги побара. Пред подигањето на парите, никој не ги побара тие средства. А покрај тоа, Македонската Православна Црква, во овој случај, не можеше да биде оштетена, бидејќи таа никогаш и не располагала со тие пари. Единствен оштетен би можел да биде донаторот, но тој не подигна обвинение. Така, не само што на основа на доказите немаше можност да биде осуден Архиепископот, туку немаше ни правна можност да се поведе постапка. Додуша, сево ова го констатираше и Основниот суд во Велес и затоа донесе прво одбивателна, а после и ослободителна пресуда. Но, кога извршната власт ја притисна судската за Архиепископот да мора да биде осуден, тогаш судот попушти.

Колку судот во Р. Македонија е под влијание на политичката власт и колку е корумпиран, сметаме дека на сите им е познато и затоа ништо не би зборувале за тоа.

Но, би сакале да се знае следново: не е првпат, за големите историски процеси да се даваат и големи жртви. Тоа овој пат падна на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г. г. Јован. Среќна околност е што тој со радост се жртвува, а тоа во суштина е жртва за целата Црква. Но, дури и да не сакаме да ја признаеме неговата жртва, или да се сомневаме, дали навистина е невин, не смееме да дозволиме една тоталитаристичка гарнитура, каква што е власта во Р. Македонија, во срцето на Европа, да ги крши основните човекови права, а Соединетите Американски Држави и Европската Унија да неможат ништо да сторат. Бидејќи, дури и да го оставиме по страна тоа што Архиепископот, веќе по вторпат неправедно е осуден, и тоа што по вторпат ќе оди во затвор, страшно е тоа, што ни после ова, никој од припадниците на Охридската Архиепископија не е веќе сигурен дека и тој нема да биде затворен без било каква вина.

А, таа несигурност ќе владее до оној момент додека Охридската Архиепископија не биде признаена од државата Р. Македонија како една од верските заедници во земјата. Значи, не е ова толку апел за неправедно осудениот Архиепископ г. г. Јован. Тој веќе издржа една неправедна осуда, ќе ја издржи и оваа. Една година во затвор ќе помине како ден, но кој може да биде сигурен дека политичкиот прогон нема да продолжи, а уште повеќе од тоа, кој може да биде сигурен дека политичкиот прогон ќе запре само кај Архиепископот г. г. Јован и нема да биде проширен на останатите припадници на Охридската Архиепископија? Тој беше двапати ослободуван од кривичното дело и дури по третото судење осуден. Пред неколку месеци првостепениот суд го ослободи по уште едно обвинение за друго кривично дело, многу потешко од предходното. Но, кој може да биде сигурен, после сево ова што се случи, дека Апелациониот суд, под политичка директива на извршната власт, нема да ја промени и оваа нова ослободителна пресуда? Со ова сакаме да предочиме колку му е тешко на Архиепископот г. г. Јован веќе пет години да живее под закани од нови судски обвиненија. А, можно ли е после сево ова да не се запрашаме, кој е гарантот дека сиве овие прогони ќе се запрат на него? Ако ништо не се превземе и не им се каже на властите во Р. Македонија дека не смеат да монтираат политички судења, утре ќе дојде ред и на некој друг Епископ од Православната Охридска Архиепископија, на некој од свештениците на оваа Црква, или на некои од лаиците коишто припаѓаат на неа. Од друга страна, поминаа веќе две години откако Охридската Архиепископија поднесе барање да биде регистрирана како верска заедница. Врховниот суд сеуште не одговара на тужбата подигната против државата Р. Македонија затоа што не ја регистрира Охридската Архиепископија. Се работи за еден крајно бесправен хаос, којшто прави голема несигурност кај граѓаните, а сметаме дека го дестабилизира и целиов регион.

Затоа молиме и преколнуваме, направете што е во Ваша моќ за да добие Охридската Архиепископија правен легитимитет во Р. Македонија. Сметаме дека со тоа не бараме преку леб погача. Тоа се основни човекови права, а токму тие човекови права сосема им се укинати на припадниците на Охридската Архиепископија во Р. Македонија.