Православна Охридска Архиепископија
Свет Архијерејски Синод
Протокол бр. 6 од 24 февруари 2006
Соопштение
од Светиот Архијерејски Синод на
Православната Охридска Архиепископија
Светиот Архиејерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија соопштува дека некои од средствата за информирање, како што впрочем многу пати до сега се правело, пренесоа една, наменски извитоперена ситуација од Москва, а тоа е дека Неговата Светост, Патријархот на Москва и на цела Русија г.г. Алексеј на приемот за амбасадорот на Р. Македонија во Русија г-динот Ристо Никовски му соопштил дека е против воспоставување на паралелна црковна јерархија во Р. Македонија. Впрочем, за сите кои ги следат црковните случувања оваа вест не е воопшто нова, но во зависност од тоа каков тон ќе ѝ се даде може да послужи и како дезинформација, односно да биде само за пропагандни цели на религиозната организација позната како МПЦ, и тоа исклучиво за внатрешна употреба.
Сепак, преку подобра анализа, којашто, за жал, недостасува во МПЦ, а особено недостасува во средствата за информирање, би се видело дека така произведените полувистини најмногу и штетат токму на МПЦ. Со тоа само се продолжува со долгата лага која комунистите ја создадоа во 1967 год., а МПЦ ја тегне низ последниве четири децении.
Имено, неспорно е дека Рускиот Патријарх, како и секој канонски Епископ на Црквата Божја е против постоење на паралелна јерархија, односно како уште ја нарекуваме расколничка ерархија.
Од друга страна не веруваме дека толку брзо избледело од сеќавањато на некои, зашто тоа беше многу скоро, пред не цели два месеци, во Божикното интервју за „Дневник“, кога Рускиот Патријарх изјави кого во Р. Македонија го смета за канонска ерархија, а кого за расколничка. И, тоа не беше само тогаш, туку многу пати претходно Рускиот Патријарх кажал дека јерархијата на Православната Охридска Архиепископија е канонска а, јерархијата на МПЦ е расколничка.
Неговата, пак, желба, расколничката МПЦ да пристапи во единство со Православната Црква е желба којашто веруваме дека со него ја дели целата Православна екумена. Но, иако тоа може да е желба на сите добронамерни, таа не може да се оствари додека МПЦ учи погрешно црковно учење, или, како што го нарекуваме ерес, и додека има неморални епископи од коишто некои се веќе расчинети од Православната Црква. Значи, МПЦ не може да биде во единство со Православната Црква додека вистински не е Православна Црква.
Од друга страна, не постојат никакви шанси некоја Црква да посредува во евентуални преговори со МПЦ без согласност на Православната Охридска Архиепископија, којашто е единствена канонска Црква на територијата на Р. Македонија.
Православната Охридска Архиепископија, пак, никогаш нема да се согласи да учествува во било какви преговори со расколничката организација МПЦ, се додека по нејзино барање, нашиот Поглавар, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, власта во Р. Македонија го држи во затвор.
После ова, се надеваме дека ако има искреност и професионалност во средствата за информирење, ќе престанат да произведуваат полувистини кои во суштина се полоши од самата лага. Со лажната и нереална поддршка којашто ì се дава на МПЦ, таа многу скоро ќе го изгуби дури и приматот на сервис за давање на погребни услуги, коишто до денес со помош на власта монополски го држи. А, за наредни преговори, изгледа долго ќе одмара како што вели заморениот Стефан.
Од Канцеларијата на Светиот Архиерејски Синод на
Православната Охридска Архиепископија