Протокол бр. 39 од 10.07.2005
Поттикнат од неизвестноста кога полицијата на Р. Македонија ќе зачука на вратата на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован за го уапси и одведе на робија, денес, на 10 јули во 18ч., во манастирот Св. Јован Златоуст во с. Нижеполе, Светиот Архијерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија се собра на вонредна седница и од неа го издава следново:
С О О П Ш Т Е Н И Е
Најостро протестираме против повторното воспоставување на тоталитаристички режим во Р. Македонија. После нечовечките гонења на Црквата во времето на комунизмот, гонењата на Црквата во Р. Македонија во 21 век се нови обиди таа да се подвласти под режимот, да й се одземе гласот, да се миноризира и по можност да се уништи.
Го повикуваме сиот демократски свет да превземе остри мерки против нетолерантноста на властите на Р. Македонија кон верата на припадниците на Православната Охридска Архиепископија. Тоа е вера која надживеала векови, се покажала како конструктивна и нема причина на припадниците на православната Црква, која патем речено ја има во повеќето држави во светот, да им се забранува да ја исповедаат својата вера во Р. Македонија.
Со својата нетолерантност кон верската припадност на своите граѓани, Р. Македонија се покажува пред лицето на целиот свет како земја во која живеат нецивлизирани луѓе, спремни да ги исползуваат само парите на меѓународната заедница, а од својот варваризам ништо да не променат.
Да затвориш во 21 век Поглавар на една Православна Црква, под обвинение дека „распалувал национална и верска омраза” треба да си навистина изгубен во цивилизациските поместувања. Но, со пресудата на Апелациониот суд во Битола не е осуден на робија само Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, осудени се во затвор членовите на Православната Црква насекаде во светот кои имаат иста вера со Архиепископот. Во суштина Апелациониот суд во Битола кој според сите меѓународни истражувања е најкорумпираната институција во Р. Македонија, ги осуди и Патријархот константинополски г.г. Вартоломеј и Патријархот московски г.г. Алексиј и Претстоителите на другите помесни Православни Цркви кои имаат иста вера со Архиепископот Јован. Судот во Битола ја судеше верата на сите оние кои т.н. Македонска Православна Црква ја сметаат за расколничка, а не се судеше личноста на Архиепископот Јован. Тој не направи ништо поразлично од она што би направил секој Поглавар на Православна Црква со оние кои се во раскол со Православната Црква.
Светиот Архијерејски Синод бара од Собранието, Власта и Судот во Р. Македонија да ги почитуваат конвенциите за човекови права и слобода на вероисповеста на кои потписник е и Р. Македонија.
Од Власта во Р. Македонија, Синодот бара итно да ја регистрира Православната Охридска Архиепископија и да и даде легитимитет на верска заедница. Со тоа што Власта на Р. Македонија го крши Уставот на државата по однос на верските слободи на граѓаните, а да не говориме за меѓународните конвенции за слобода на вероисповеста, остава впечаток дека сака по угледот на тоталитаристичките системи да се пресмета со сите оние кои не мислат исто како владеечката гарнитура.
Од меѓународната заедница, Синодот бара да изврши притисок врз Власта на Р. Македонија таа да ги почитува меѓународните конвенции за слобода на вероисповеста, а не само да проси пари кои завршуваат како во вреќа без дно. Да настојува започнатите реформи во судството во Р. Македонија да бидат навистина радикални, зашто вака судовите во Р. Македонија по ништо не се разликуваат од лошите провинциски цирукуси.
Од средствата за информирање во Р. Македонија, Синодот бара минимум професионална етика. Сите уредници и секој новинар поодлено треба да се замислат на пресудата на Апелациониот суд во Битола која е атак на слободата на мислењето. Денес без никаква вина го осудија Архиепископот, утре е многу полесно да осудат било кој новинар и уредник на средствата за информирање затоа што не мисли како владеечката гарнитура.
Од помесните Православни Цркви, но и од сите други христијански вероисповеданија, како и од оние другославните кои во својата вера развиваат слобода на духот и толеранција кон другите, очекуваме да ја поддржат Православната Охридска Архиепископија и да испратат протест до Властите на Р. Македонија за нивниот нецивилизиран однос кон сопствените граѓани од православна христијанска вероисповед.
Заменик Председател на
Светиот Архијерејски Синод
на Православната Охридска Архиепископија
Е П И С К О П
+Полошко – кумановски Јоаким