16.04.2005
ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ПРАВОСЛАВНАТА ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА ВО ПОСЕТА НА СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ И КАНАДА
Посетата на Делегацијата на Православната Охридска Архиепископија на северноамериканскиот континент започна на 24.03.2005г., кога Претстоителот на Православната Црква на Р. Македонија, Охридската Архиепископија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот велески и повардарски и Егзарх охридски г.г. Јован придружуван од секретарот на Светиот Архиерејски Синод Игуменот Давид, пристигнаа во Торонто, Канада.
За време на триседмичниот престој беа остварени бројни средби на коишто Митрополитот г.г. Јован ги запозна своите соговорници со канонскиот начин на решавање на црковниот проблем во Р. Македонија, подржан од сите помесни православни цркви. Тема за разговор, бездруго, беше и жестокиот прогон врз канонската Православна Црква на Р. Македонија.
Една од најзначајните средби (на 12.04.2005), беше приемот на Делегацијата на Православната Охридска Архиепископија во американскиот State Department, во Вашингтон. На состанокот со Џенет Л. Мејланд, Мајкл Меитс, Пол Фајфер и Трој Пидерсон, високи претставници на Канцеларијата за Интернационална религиозна слобода при Одделот за Надворешни работи на State Department-от, Митрополитот г.г. Јован имаше можност да го образложи кршењето на основните човекови права и верската дискриминација коишто младата македонска демократија селективно и тенденциозно ги применува врз дел од своите даночни обврзници. Акцентирајќи дека Православната Охридска Архиепископија не е српска црква, туку Православна Црква на територијата на Р. Македонија, Митрополитот г.г. Јован на своите соговорници им предочи дека Црквата секогаш е отворена за заеднички опсервации на состојбите и соработка во духот на меѓусебното уважување и почитување. Тој особено потенцираше дека Православната Охридска Архиепископија е вистинска авангарда во интегративните процеси на македонскиот народ и во приопштувањето на неговото богато духовно наследство на сеправославната сцена. На средбата беа презентирани и документите со коишто, на антицивилизациски и недемократски начин се одбива регистрирањето на Православната Охридска Архиепископија, а беше договорено соработката со високите претставници од американскиот State Department да продолжи пред сè со редовното информирање за кршењето на основните човекови права и особено верската дискриминација којашто на болшевистички начин се спроведува врз Православната Охридска Архиепископија.
Во Чикаго (на 10.04.2005), Митрополитот г.г. Јован се сретна со членот на Федералниот Конгрес на САД, госпоѓата Мелиса Л. Бин. Госпоѓата Бин остана вчудоневидена пред фактите дека во 21-от век се затвораат Епископи и против нив се водат бесмислени судски процеси, без судски налог се протеруваат монаси и монахињи, дека се рушат храмови и палат манастири, дека заради верски уверувања државјани на Европската Унија се протеруваат од Р. Македонија. Нејзината вџашеност стана уште понагласена кога Митрополитот г.г. Јован ја запозна со бесмислените одбивања на државата да ја регистрира Православната Охридска Архиепископија којашто не е ниту српска, ниту грчка, ниту било каква друга, туку е канонска Црква на македонскиот народ и другите православни народи коишто живеат на територијата на Р. Македонија. Госпоѓата член на Конгресот констатираше дека таквото однесување е нетипично за демократските земји. Таа истакна дека ваквото кршење на основните човекови права и ваквата верска дискриминација бездруго се предмет со којшто ќе го запознае Федералниот Конгрес и дополнително сенаторите со коишто таа негува професионални односи. Госпоѓата Бин побара да биде редовно информирана за сето она коешто се случува во врска со нарушувањето на човековите права и верските слободи на припадниците на Православната Охридска Архиепископија.
За време на престојот во САД и Канада Митрополитот г.г. Јован оствари и средба со Архиепископот на Грчката православна Архиепископија за Америка којашто припаѓа на Вселенската Патријаршија г.г. Димитриј, а со седиште во Њујорк. Архиепископот г.г. Димитриј за кршењето на човековите права и верските слободи во Р. Македонија го има запознаено и Претседателот на Соединетите Американски Држави г. Џорџ Буш. Потоа, во духот на христијанската љубов и меѓусебно разбирање, коишто отсекогаш биле карактеристика на вистинољубивите луѓе, Митрополитот г.г. Јован за актуелните состојби во Црквата водеше разговори со помошниот Епископ на Архиепископот на Православната Црква на Америка г. Венјамин, со Митрополитот на Питсбург г. Максим, со Митрополитот на Лос Ангелес од Антиохијската Патријаршија г. Јосиф, со Епископот за Америка и Канада на Новограчаничката Митрополија г. Лонгин, со Епископот г. Калистос Вер, со помошниот Епископ на Архиепископот за Америка од Вселенската Патријаршија г. Димитриј, со Епископот канадски г. Георгиј, со Митрополитот на Чикаго г. Јаков, со Архиепископот од Руската задгранична Црква г. Кирил, со Митрополитот западно американски г. Христифор. Исто така, во манастирите под нивна јурисдикција, Митрополитот г.г. Јован се сретна и разговараше со Игумените Герасим од Платина - Калифорнија, Паисиј од Аризона, Јосиф од Смит Крик - Мичиген, Игуманијата Меланија во Кеноша - Висконсин, Архимандритот Гаврил и Игуманијата Евпраксија од Њу Карлајл - Индијана.
Митрополитот г.г. Јован за време на престојот во САД и Канада се поклони на моштите на свети Јован Шангајски во Сан Франциско, го посети Богословскиот факултет во Либертвил, одржа неколку предавања и даде интервјуа за различни телевизиски, радио и печатени медиуми.
За предочување е фактот што при сите горенаведени средби беа искажани најискрени надежи дека македонското општество час-поскоро ќе се демократизира и сериозно ќе почне да ги почитува основните човекови права и неприкосновените верски слободи. Верската дискриминација, којашто македонската власт ја спроведува врз православните свештеници од целиот свет со тоа што им забранува влез и богослужба во Р. Македонија, е недопустлива за земја којашто во 21-век претендира да практикува демократија. Претставниците на канонските православни цркви во Америка со кои се сретна делегацијата на Православната Охридска Архиепископија, сите без исклучок посакаа да се на местото на Митрополитот Јован на кого по голема милост Божја дадена му е шанса во нашата современост да сведочи за верата и за единството на Црквата. Исто така, кај сите присутно беше убедувањето дека во најскоро време македонската власт, расколничката организација МПЦ и дел од новинарите во Р. Македонија ќе ја одболедуваат болеста манифестирана во односот кон Православната Охридска Архиепископија. Таа, пак, болест со којашто боледува неизживеаната власт на Р. Македонија, во американските политички и црковни кругови беше дијагностицирана како – менаџирање на тешкотијата.
Неговото високопреосвештенство Митрополитот велески и повардарски и Егзарх охридски г.г. Јован при запознавањето на американската, политичка и црковна јавност со верската дискриминација и кршењето на човековите права во Р. Македонија, поентираше со христијанската максима на љубов и кон непријателите. Имено, додека бива гонета од своите, Православната Охридска Архиепископија работи на широка промоција на Православието од Р. Македонија, работа којашто во денешнинава се поклопува и со изострувањето на критериумот за демократичност и почитување на елементарните граѓански права и слободи.
Делегацијата на Православната Охридска Архиепископија во татковината Р. Македонија се врати на 15.04.2005 г.
Од Канцеларијата на Православната Охридска Архиепископија


