30.12.2004
С О О П Ш Т Е Н И Е
Крајно дегутантно, црковно неодговорно и користољубиво е барањето на синодот на расколничката МПЦ да се ослободат од притвор осомничените за убиство: Горан Стојков, Александар Цветков, Бобан Утковски и Митко Кекереков на пакистанските државјани кои беа убиени во местото Раштански лозја. Црквата е милостива, но кон покајниците, а споменатите осомничени ниту го признаваат убистовото, ниту се каат. На убиец со умисла Црквата му дозволува да се причести само пред смрт. Тоа е најстрогата црковна казна која некој може да ја добие од црковниот суд.
Во случајов, недокажано е дали осомничените навистина ги извршиле убиствата, а расколничката МПЦ бара тие да се ослободат. Сигурни сме дека тоа не е од милост туку од користољубие и заради политичко декларирање и подршка. Ако се докаже дека обвинетите биле невини, нека им се плати дури и соодветна отштета, но да се бара да се ослободат убијци, кои во колку не се преумат можат повторно да го повторат делото, е нечесно и неморално, а ако тоа го прави некоја религиозна група, дури и дегутантно.
Само да потсетиме, Митрополитот велески и повардарски и Егзарх охридски г.г. Јован беше исфрлен на улица од страна на полицијата заедно со целото негово братство кое живееше во зградата на Митрополијата по директна наредба на тогашниот министер за внатрешни работи Љубен Бошковски кој денес е меѓу осомничените за убиство. Во месец февруар 2004г. неколкумина мажи маскирани и облечени во облека на „лавовите” влегоа во манастирот Св. Јован Златоуст, го опљачкаа, им ги истрижаа косите на присутните монахињи и го запалија манастирот.
Сево ова јасно објаснува зошто расколничката МПЦ има корист од криминалци и зошто се поврзува со нив.
Како им било на мајките и роднините на невино убиените пакистански државјани кои во потрага по парче леб тргнале далеку од својата родна земја? Некој на нивната несреќна судбина да гради кариера одземајќи им го животот е повеќе од гнасно.
Но, ако осомничените за убиство го извршиле истото и се прогласат за виновни, барем два пати повеќе виновни се некои од епископите на расколничката МПЦ кои тесно поврзани со подземјето издејствувале целиот расколнички синод да го вплеткаат во една крајно неиздржана, неморална и црковно неоправдана подршка.
Ако се сетиме дека пред неполна година кога Митрополитот Јован беше притворен долго време, расколничката МПЦ не само што не побара тој да биде ослободен, туку во времето додека тој лежеше во притвор му организира протестен митинг пред зградата во која живее, иако неговото обвинение беше за дело кое е барем стотина пати полесно од убиство, ќе се види колку лажиепископите на МПЦ се лицемерни и користсољубиви.
На крај, ние како единствена Православна Црква во Република Македонија должни сме да му укажеме и на народот и на власта со какви луѓе си имаат работа. Одтука па натаму работа е на полицијата, но за жал, таа досега беше преокупирана дали припадниците на Православната Охридска Архиепископија биле шпиони. Одеше од човек до човек, прибираше информации и многумина ги повикуваше на „информативен разговор”. Каква голема „завера” откри ќе видиме во следната епизода.
Од Канцеларијата на Светиот Архијерејски Синод