Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
Протокол бр. 34 од 27.01.2004

И покрај тоа што Православната Охридска Архиепископија се наоѓа во една исклучително тешка ситуација на прогонство заради исповедање на вистинската вера во едниот Бог, имаме причина да се зарадуваме, бидејќи токму тоа сведоштво со сопствениот живот и по цена на сопствениот живот а со Божја помош, доведе до ситуација да постигнеме канонско и литургиско единство со уште еден манастир во нашава земја Р. Македонија, а тоа е машкиот манастир „Успение на Пресвета Богородица” познат како Трескавец со игуманот на манастирот архимандритот Софрониј заедно со неговото братство.

Во барањето на архимандритот Софрониј за канонско и литургиско единство со Православната Охридска Архиепископија, упатено до Светиот Архијерејски Синод на истата се вели:

„По неоснованото и нечовечно бркање од нашиот свет манастир „ Успение на Пресвета Богородица” – Трескавец и по тотално фарисејското и нималку христијанско однесување на архијереите на Македонската Православна Црква, а по извршеното темелно анализирање на новонастанатата состојба, нашата света обител одлучи да побара од Светиот Архијерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија да биде причислена во нејзините редови. Ова го чиниме првенствено од Христољубиви и еклисиолошки причини, копнеејќи што побрзо да стапиме во заедница со едната, света, соборна и апостолска Црква. Одлуката да побараме прием во Православната Охридска Архиепископија ја донесовме од апсолутно родољубиви и патриотски причини да останеме во својата татковина и да Mу служиме на Бога и на сопствениот македонски народ”.

Православната Охридска Архиепископија никого со сила нема да го стави под своја јурисдикција но, нејзината врата е отворена за секој кој сака да се спасува.

Искрено се надеваме дека овој пример ќе го следат и другите манастири но и останатиот клир и верниците, кои сеуште не се во единство со едната, света, соборна и апостолска Црква.

Од Канцеларијата на Светиот Архиерејски Синод
на Православната Охридска Архиепископија