Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
Протокол бр. 20 од 12.01.2004

По повод најновите случувања кои што по кој знае кој пат ја потврдуваат загрозеноста на човековите права и верските слободи во Република Македонија, за што бездруго веќе е, и дополнително ќе биде информирана демократската европска јавност, Православната Охридска Архиепископија го дава следнаво:

На ден 11.01.2004г. по отслужената Божествена литургија во параклисот „Воскресение Христово” полицијата изврши претрес барајќи огнено оружје. Не знаеме зошто МВР не ја извести јавноста дека такво нешто воопшто не најде, за што во записникот постојат двајца потпишани сведоци. После претресот полицијата приведе двајцата владици и сите монаси и монахињи и без никакво образложение нè држеше во полициската станица триесет часови во мизерни услови. После триесетчасовниот притвор бевме пуштени со обвинение дека служејќи литургија, (а тоа го правиме без проблеми досега една и пол година) го нарушивме јавниот ред и мир. На Неговото Високопреосвештенство митрополитот велески и повардарски и егзарх охридски г.г. Јован му е изречена мерка притвор во рок од 30 денови. На нашиот духовен пастир и горешт молитвеник пред Бога му ја даваме целосната подршка и никогаш нема да се откажеме од вистината зашто таа е Христос, и нема да и дозволиме на расколничката организација да го порази пастирот и да се разбегаат овците. Со ова таканаречерната МПЦ покажа дека не е мајка, но маќеа којашто ги погубува монасите, и преку од неа нарачаната интервенција на полицијата, не само нив, но сиот македонски народ и држава ги жртвува заради седумте духовни инвалиди коишто седат во расколничкиот синод на МПЦ. А, знаеме дека народот последниот денар од својата работничка плата го остава во храмовите коишто, пак, се претворија во ништо друго но во приватен бизнис на расколничката јерархија на МПЦ која што тие средства ги користи за да се вози во скапи автомобили, да живее на висока нога, да ја растура дијаспората демонстрирајќи вистински антимакедонизам. Ваквиот неродителски однос, со сигурност знаеме дека ќе предизвика припојување не само и на други манастири и монаси, но и на голем број од клирот.

Токму заради тоа верниот народ е решен да ја поддржи канонската јерархија на Охридската Архиепископија, и да ги одбрани манастирите од варваризмот на расколничката организација на МПЦ.

Во прилог на погоре кажаното како логосни битија подготвени сме наместо со примитивизмот демонстриран со тортурата на расколничката МПЦ, да дојдеме до вистината на културен и цивилизиран начин преку ТВ трибина со било кого од архиереите на расколничката МПЦ.

Од Канцеларијата на Светиот Архиерејски Синод
на Православната Охридска Архиепископија