Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
Протокол бр. 09 од 11.01.2004

Имајќи двојна причина за радост, прво заради славното Христово раѓање во тело кое се збидна за да се соедини разединетото и да се спаси отпаднатото, и второ заради литургиското и канонско единство кое Охридската архиепископија го постигна со повеќе манастири токму на денот на Христовото раѓање, се обраќаме до јавноста за да соопштиме дека на ден Божик., машкиот манастир „Св. вмч. Димитриј” во Скопје, познат како Марков манастир, со игуманот на манастирот Максим (Ристески) заедно со целото негово братство и женските манастири: „Успение на Пресвета Богородица” во Ресен, со игуманијата Кирана (Парлиќ) целото нејзино сестринство и духовникот на манастирот игуманот Давид (Нинов) и „Св. пророк Илија” во Скопје со настојателката Таиса (Крцева) и целото нејзино сестринство, влегоа во литургиско и канонско единство со Православната Охридската архиепископија, а преку неа и со сета православна икумена.

Не сакајќи да останат во душепогубниот раскол во кој нема спасение и кој промовиран од високата јерархија на расколничката МПЦ сè повеќе постанува ерес, игуманите и игуманиите на споменатите манастири, поддржани од сето братство, односно сестринство на истите, пред празникот на Рождеството Христово поднесоа писмено барање до САС на Охридската архиепископија за прием под нејзина јурисдикција. Правилно сфаќајќи дека сета вина за тоа што сеуште има раскол во Црквата во Р. Македонија е во владиците на расколничката МПЦ, обвинувајќи ги нив дека се политички полтрони и дека работат само за сопствениот интерес, овие богобарателни души го оставија штетниот и неспасителен раскол и посакаа да бидат членови на едното тело Христово кое е Црквата. Бидејќи етнофилетизмот или создавањето Цркви според етничката припадност е осуден за ерес уште во 19-тиот век, бидејќи во Црквата нема ни јудеец ни елин, како вели апостолот, бидејќи Христос постана човек, токму за да се надминат сите поделби помеѓу луѓето, монасите од споменатите манастири, а кои заедно со оние кои претходно беа во заедница со Охридската архиепикопија се повеќе од 70% од севкупното монаштво во Р. Македонија, побараа да влезат во единствената канонска структура на Православната Црква на овие простори, а тоа е Охридската архиепископија.

Иако тие се званично примени во литургиско општење уште на Божик, првото сослужување и заедничко причестување се изврши во недела, на 11.01.2004г. во параклисот Воскресение Христово во Битола.

Од Канцеларијата на Светиот Архиерејски Синод
на Православната Охридска Архиепископија