Биографија на Eпископот стобиски и Mестобљустител струмички г. Давид
Епископот стобиски и Местобљустител струмички Давид (Нинов) е роден на 27-ми Јули 1972 год., во Скопје. Првите сознанија за православната вера ги добива од баба му, која подоцна се замонашува и се упокојува како монахиња Теодосија.
Пред заминувањето во манастир бил уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ и работел во редакцијата за култура на националната телевизија. Објавил четири книги стихови; добитник е на наградата „Студентски збор“ за најдобра дебитантска поетска книга и застапуван е, на повеќе јазици, во повеќе антологии поезија.
Во манастир заминува 1995 година. Во 1996 год., како расофорен монах, ракоположен е во ѓаконски чин. Во голема схима е замонашен 1997 год., и истата година е ракоположен за јеромонах. Од манастирот покренува издавачка дејност и ја уредува периодиката „Успение“.
После неговото пристапување во автономната Охридска Архиепископија (11.01.2004 г.), заедно со Претстоителот на Црквата, Архиепископот охридски г.г. Јован и останатите монаси и верници, се наоѓа под постојан прогон врз верска основа, спроведуван од страна на државните институции.
За викарен Епископ стобиски е избран во 2006 год., но заради затворањето на Архиепископот охридски г.г. Јован, хиротонијата во епископски чин е извршена на 17-ти Јуни 2007 година. Во 2008 год., поставен е за Администратор струмички.
Ја извршува функцијата прв секретар на Светиот Архиерејски Синод, уредник е на официјалната интернет страница на Православната Охридска Архиепископија, како и на „Соборност”, периодика на Архиепископијата.
Завршил средно културолошко училиште во Скопје и студирал старогрчка и латинска филологија на Институтот за класични студии при скопскиот универзитет.
Дипломирал теологија на Теолошкиот факултет при државниот Аристотелов универзитет во Солун, Грција.
Магистрирал (MTheol) на истиот факултет при Аристотеловиот универзитет, на Одделот за догматика, историја на философија и икуменска теологија.
Ги објавил книгите: „Логиум (обраќања на неделни и празнични евангелски теми)“, „Кон познанието (белешки од догматиката)“, „Човекот поет (збирка на преводи)“, „Секој крај, нов почеток (статии и колумни)“, „Времетворење (колумни)“, «Τέχνη και Αποκάλυψη».
Учествувал на меѓународни симпосиони и конференции.
Преведува богословски текстови од грчки јазик.
Личен блог: https://davidninov.wordpress.com/