Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

ЖИВА РАНА НА ЗДРАВОТО ТЕЛО НА ЦРКВАТА

Интервјуто со Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија г.г. Алексиј II го презедовме од „Православље“ (15.02.2005, издание на Српската Патријаршија). Разговорот го водел Славко Крстајиќ, а од него читателите на нашата интернет страница ќе можат да ги согледаат ставовите на Неговата Светост Патријархот Алексиј II во врска со расколот, та следствено и самите да расудат колку „пастирски“ расколничките епископи на МПЦ се однесуваат кон паствата штом толку лесно го жртвуваат нејзиното спасение. Конечно, македонската јавност изворно, а не низ призмата на расколничко-полициското новинарство, ќе може автентично да се запознае со мислата на Неговата Светост Алексиј II, овде преточена во слово.

„Расколите не се само прости амбиции на луѓе кои жеднеат за власт, тоа, пред сè, претставува злосторство против самата природа на Црквата. Нашиот Господ Иисус Христос им заповеда на Своите Апостоли, а преку нив и на сите нас, да го чуваме Црковното единство, зашто тоа го претставува мистичкиот израз на Неговото тело.“

„Ние како канонска православна црква не одржуваме контакти со непризнатата таканаречена Македонска црква и цврсто стоиме на ставот дека е неопходно мирно надминување на тој раскол по пат на помирување со Српската православна црква.“

„...ние ги признаваме одлуките на Соборите и Синодите на помесните Цркви и ги осудуваме сите расколници, зашто тие внесуваат смут и потпаѓаат под осуда на канонските Цркви.“

Ова е само дел од она што е поместено во интервјуто со коешто уште еднаш се потврдува фактот дека глава на расколничките епископи на МПЦ не е Христос туку минливите замешателства на политичарите. Предочувајќи дека единството на Црквата, во кое сите заедно сме повикани, е догма за којашто доблестно е да се пострада, ги оставаме читателите трезвеноумно самите да ја откријат мудроста и искуството коишто извираат од одговорите на Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија г.г. Алексиј II.




Интервју со Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Алексиј II

Сведоци сме на најновите иницијативи на Московската Патријаршија во правец на надминување на расколите, коишто ја потресуваат Руската Црква, потoа, сè подобрите взаемни односи помеѓу Црквата и Руската држава, грижата на Црквата за образованието на децата и младината и разрешувањето на крупните морално-етички проблеми, кои секојдневно се присутни во секоја сфера на општествениот живот.

Ова, Ваша Светост, јасно говори за виталноста на Црквата и по две илјади години.

На сите верни треба да им е јасно дека расколот претставува рак-рана на здравото тело на Црквата Христова. Руската Црква е на најдобар пат да го надмине тоа искушение, коешто ја потресува уште од царските времиња.

Кои уште помесни Цркви имаат такви проблеми?

Расколите не се само прости амбиции на луѓе кои жеднеат за власт, тоа, пред сè, претставува злосторство против самата природа на Црквата. Нашиот Господ Иисус Христос им заповеда на Своите Апостоли, а преку нив и на сите нас, да го чуваме Црковното единство, зашто тоа го претставува мистичкиот израз на Неговото тело.

Сепак, не можат сите разијдувања да се наречат расколи. Црквата во расколот гледа создавање на алтернативен духовен центар, кога ненадејно некој од архиереите ќе му откаже послушност на својот првоиерарх и започне да бара нему да му се оддаваат посебни почести. А кога народот ќе почне да се обраќа кон различни епископи, кои претендираат на иста титула и идентична евхаристијска мисија, доаѓа до раскол. И, во неговиот развој една од главните улоги ја играат лаиците (мирјаните) – паствата, која може да појде по самозванецот, но може и да го отфрли и да го остави во изолација, чувајќи ја верноста кон канонската Црква.

Затоа терминот раскол не може да се примени во однос на заедничарењето со Руската задгранична Православна Црква. Никој не создал алтернативен Синод, туку само во склад со указот на тогашниот Патријарх Московски Тихон се образува привремен автономен Егзархат за руската дијаспора. За среќа, годините на политичките и личните навреди се зад нас, и ние настојуваме повторно да се соединиме со нашите родени браќа, свештениците, кои опслужуваат голем дел од руските емигранти.

Ситуацијата во Украина, за жал, претставува пример за тоа каква катастрофа може да предизвика отсуството на црковноста и строгото почитување на канонскиот поредок (но и влијанието на сепаратистичката политика).

Сите синови и ќерки на Руската Православна Црква особено се обеспокоени од црковниот раскол во Украина. Притоа, на прво место не се наоѓаат тесно духовните или литургијските, туку политичките и етничките чинители. Еден дел од граѓаните на Украина историски е наклонет на Полска, а друг на Русија, и тоа се одразува на сликата на верската состојба, којашто некои политичари и новинари ја претставуваат како судир на доктрините на римокатолицизмот и Православието, па во функција на божемен „стабилизатор“ настојуваат да ја вкоренат непризнатата Украинска Православна Црква на Киевската Патријаршија. Притоа, обрнете внимание на тоа колку далеку одат амбициите на расколниците, кои сакаат по секоја цена да имаат свој патријарх! Расколниците така стануваат монета за поткусурување на националистичките политичари, исполнети со слепа омраза кон сè што е неукраинско и пред сè руско. И сето тоа се спроведува без обѕир на фактот, кој секако ви е познат, дека Киев се смета за колевка на Русија, „мајка на сите руски градови“, а самата денешна Украина претставува најстара територија на Руската држава.

Друг чинител се и унијатските католички кругови, кои прокламираа таканаречен реванш за годините на наводно присилното влегување на унијатските свештеници под јуриздикција на Московската Патријаршија. А, преголемата активност на Ватикан само го продлабочува меѓуконфесионалниот јаз на западот на Украина.

Познато е дека Московската Патријаршија, како сестринска Црква со најголемо влијание во Православната Вселена, зеде учество во преговорите одржани 2002 година помеѓу архиереите на Српската Православна Црква и претставниците на непризнатата Македонска црква. Тие преговори не дадоа позитивен резултат (Македонците го изменија ставот под притисок на сепаратистички ориентираните политичари).

Руската Православна Црква е многу загрижена поради сложената ситуација во Македонија, која по нешто потсетува на Украина. Ние како канонска православна црква не одржуваме контакти со непризнатата таканаречена Македонска црква и цврсто стоиме на ставот дека е неопходно мирно надминување на тој раскол по пат на помирување со Српската православна црква.

Веќе неколку години трае плодотворната активност на специјалните комисии на нашите две Цркви (РПЦ и СПЦ). Исто така, ние внимателно ги следиме напорите на Синодот на Бугарската Црква, која, од своја страна, може позитивно да влијае на разрешувањето на овој проблем. Не е можно да се остане по страна во ситуација кога милиони луѓе со православна вера во самото срце на Европа се наоѓаат надвор од канонското заедничарење и благодатните спасоносни Свети Тајни. Па тоа се наши православни браќа, кои, за жал, премногу им поверувале на националистичките апели на своите политички лидери.

Мислам дека, како и во Украина, овој конфликт не може да се надмине исклучиво со напорите на Црквата. Главна улога ќе играат државните власти на Македонија. Ако националистичките мотиви бидат силни како и порано, ситуацијата ќе биде конфликтна, но ако властите покажат цврстина, решителност и чувство на историска должност, мислам дека конфликтот брзо ќе биде надминат. Полагавме големи надежи на претходниот претседател Борис Трајковски, кому му беше потребно доста време да стане свесен за погубноста на црковниот раскол. Повеќе пати имавме средби со него во Русија, и стекнавме впечаток дека тој стои на сигурен пат за надминување на расколот по пат на помирување со Кириархалната Црква. Неговиот трагичен крај ги поколеба нашите надежи. Останува единствено да се надеваме дека политичките комплекси и амбиции наскоро ќе стивнат и дека во Републиката ќе настапи граѓански и црковен мир.

Денес многу секташи, лажни пророци, лажни свештеници и други го мамат лесноверниот народ и се обидуваат да основаат некои нови „цркви“. Постои ли на рамниште на Православната Вселена или на Светскиот совет на црквите некоја институција овластена да дава компетентно сведоштво за тоа кој ги исполнува канонските услови, кого е можно да наречеш свештеник, а верската организација кон која припаѓа – црква, а кој е секташ или лажен свештеник?

За жал, овој проблем јасно е видлив, како и во првите векови на Христијанството. Сепак, тогаш постоело силно апостолско сведоштво и светот бил поинаку устроен, со оглед на тоа дека постоела единствена империја, каде што императорот ги превземал врз себе функциите на арбитер во многу црковни спорови, имајќи предвид дека тоа се однесувало на неговите поданици. А институцијата на Вселенските Собори, којашто во тоа време постоела, ѝ помагала на Византијската Империја да го дефинира односот на епископатот кон новите учења и ересите, и да изгради државен пристап кон тие проблеми.

Денес се други времиња, кога животот на Црквите протекува во рамките на нивните историјски територии и национални држави. На нашето канонско заедничарење никој не поставува пречки, но ние не можеме директно да се мешаме во работите на било која помесна Црква и да влијаеме на нејзиниот живот. Та, иако од средината на XX-от век постојат Сеправославни советувања, тие, како и собранијата на Светскиот совет на црквите, не поседуваат апсолутен императивен характер, и како такви, не треба на било кого да наметнуваат конкретни решенија.

Ние, како канонска Црква, мораме само едномислено да делуваме во духот на светите заповеди Христови и Црковни канони донесени на претходните Собори, кои го определиле животот на Православието низ текот на илјади години.

Наоѓајќи се во такво канонско заедничарење, ние ги признаваме одлуките на Соборите и Синодите на помесните Цркви и ги осудуваме сите расколници, зашто тие внесуваат смут и потпаѓаат под осуда на канонските Цркви.