Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

30.08.2014

Коментар на измамничкото писмо на г. Стефан, објавено на повеќе јазици и лиферувано ширум Православието.

Таканареченото „ѓаволско докажување“ во правото се користи како термин во една постапка кога тужителот (во случајов МПЦ) докажува дека е сопственик на предмети (пари и имот), кои наводно се наоѓаат во фактичка власт на тужениот („присвоени“ од Архиепископот г. Јован, а „стекнати“ со кривично дело затајување).

Тоа „ѓаволско докажување“ г. Стефан го вршеше изминатите 12 години, поминати низ судските лавиринти на корумпираното македонско судство, докажувајќи дека Архиепископот г. Јован е криминалец, па малку му беше тоа, за сега да реши своите „ѓаволски докажувања“ да ги објави и ширум Православието, преку писма, наместо со покајание да се соземе и врати во канонскиот поредок на Црквата.

Се прашувам, како ли сега, споменатите во неговото писмо „аргументи“, г. Стефан ќе ги докажува пред црковниот суд, каде што наскоро ќе треба да се појави?

Но, да почнеме со ред.

Г. Стефан лиферува едно нецелосно, еднострано, површно писмо. Тоа се гледа од фактот, што тој на почетокот, свесно изостава да признае дека прогонот против Архиепископот г. Јован започна, не за финансиски криминал, туку по обвинение на МПЦ против Архиепископот г. Јован за наводно предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост. Само заради тоа што Архиепископот г. Јован одлучил да не биде повеќе член на МПЦ, туку стана член на друга Црква. Исто така, и поради напишан текст во верскиот календар на ПОА, каде МПЦ е наречена „последен бастион на комунизмот во Македонија“, календар, кој патем речено не беше во јавна продажба, туку исклучиво за членовите на ПОА. За истото дело, Архиепископот г. Јован беше осуден на 18 месеци затвор во 2004 год., и таа казна ја издржа во затворот Идризово.

Откога г. Стефан виде дека не може да го скрши Архиепископот г. Јован на овој начин, уште додека тој беше во затвор, измисли и почна да ниже лажни обвиненија врз обвиненија, за наводни затајувања пари.

Понатаму, г. Стефан пишува за Архиепископот г. Јован, дека е расчинет епископ на МПЦ со пресуда САС бр. 250, од 2003 година. Но, никаде не сака да наведе, дека всушност МПЦ воопшто не спроведе канонско судење, т.е. постапка за негово расчинување, туку Архиепископот г. Јован беше еднострано осуден, без присуство на 12 Епископи како што налагаат каноните, и без да му се даде право на одбрана! Тоа ќе остане за историјата. Ваква одлука би паднала на секој суд, па и пред повисок црковен суд.

За разлика од тогаш, сега, г. Стефан ќе биде уредно поканет да ја даде својата одбрана пред 12 Епископи на црковниот суд, кој ќе заседава поради него.  

Тој и понатаму во писмото продолжува со сличниот стил на подла манипулација. Така, за да направи смут, само таксативно наведува повеќе ставки од наводните големи суми „затаени“ средства, чиј износ е еднаков на четирите годишни буџети во епархиите во кои г. Јован бил Епископ. Но, само прост човек може да се убеди дека г. Јован би можел да си ги присвои сите буџети во сите епархии во кои бил, без притоа да има потреба за било каков расход во епархиите за тие четири години и, згора на сѐ, тоа никој да не го забележи!?

Г. Стефан, исто така, во своите клевети, заборава да одговори дали реално Архиепископот г. Јован можел да присвои толкави средства, ако се знае дека цели две години, од вкупното негово четиригодишно епископство во МПЦ, г. Јован беше само помошен Епископ, а со тоа и не беше потписник на сметките на епархиите во кои ја извршувал функцијата помошен Епископ! Ова е многу важен момент, бидејќи наредбодавател и потписник на сите сметки бил тамошниот надлежен архиереј, г. Петар. Всушност, сѐ за што е обвинет Архиепископот г. Јован, најпрво морало да помине низ рацете на неговиот надлежен архиереј, г. Петар и доколку има затајување, г. Петар е тој што всушност треба прв да биде обвинет.

Потоа г. Стефан добро знае дека сите завршни сметки на епархиите, со кои раководел г. Јован, биле уредно доставувани до неговиот Архиепископски Управен Одбор и без никакви забелешки биле усвојувани од истиот и сметани за коректни! Значи, додека г. Јован бил дел од МПЦ, сѐ било во ред со извештаите за финансиското работење на епархијата, но откако тој си заминал од МПЦ, државниот Јавен обвинител решил да покрене обвинение за „затајување” и тоа не на целиот Епархиски Управен Одбор (ЕУО) како колективно тело кое ги усвојувало истите извештаи, туку само на претседателот на ЕУО, г. Јован. Како би можело да се нарече таквото гонење, ако не политичко? Но, г. Стефан, не сака тоа да им го предочи на Архиерејите до кои се обраќа во писмото.

На крајот, иако ги споменува како затаени, односно присвоени добра, за кои Архиепископот г. Јован е веќе осуден на затворски казни, г. Стефан не сака да ја потврди фактичката состојба која ја има денес, за тоа каде всушност се наоѓаат возилата меѓу кое и споменатото БМВ што ги купил г. Јован, и дали не ги возат денес нив токму претставниците на МПЦ? Каде се резбарените кабинети - не ги красат ли тие собите во Повардарска епархија? Каде се споменатите, реконструирани мермерни столбови - не се ли тие денес во храмот „Св. Димитриј“ во Битола? Каде се мермерните бордури и резбарените библиотеки - не се ли оние истите што и сега постојат во кабинетот во зградата на Македонската архиепископија? Кој управува со купената зграда „Малина“ во центарот на Велес, и во чија сопственост се наоѓа? Каде се 57.180 евра, пари од донацијата на Трифун Костовски, ако не се вратени во касата на МПЦ? Итн, итн.

Затоа ова писмо, коешто го испратил г. Стефан низ Православието е едно подло подметнување, едно лажно, искривено, еднострано претставување на работите. Намерата на г. Стефан е плиткоумна. Тој сака преку неколку делумни и неточни информации да „лови Епископи во матно“! Но, очигледно заборавил дека Светиот Дух дише во Црквата, Кој веднаш ги препознава и разобличува ваквите заблуди и злобни намери. Така, бездруго, светодуховски постапи и Митрополитот Сисаниски и Сијатиски г. Павлос, комплетно симнувајќи ја маската од лицето на г. Стефан, упатувајќи му ги и следниве зборови: „во путирот пред кој „служите“ не се наоѓа Крвта Господова, туку крвта на вашиот брат кого го убивате и таа крв засекогаш ќе ве оддели од Канонската Црква“.