Трговската марка МПЦ® и: се е можно!!!
(повод: објавувањето на пријавите на трговските марки на подносителот „Македонска православна црква“ во службеното гласило на Државниот Завод за Индустриска сопственост 12/2 од Јуни 2005 година)
Функционерите на МПЦ со фактот што си ја регистрираа како трговска марка, го стекнаа и правото, доколку им се посака, истото име да го продадат за користење на друг производ!
Стојат ли припадниците на МПЦ, зад тоа името на нивната верска организација да се користи за наслов на хартија за бришење раце или алкохолни пијалоци!
Дали расколничките епископи од МПЦ го приведуваат народот кон Црквата или си терааат приватен бизнис, при што затворањето и судењето на Блаженејшиот Архиепископ охридски г. г. Јован им е само плашт за прикривање на нивните злодела!
На 31-ви Јуни 2005 г. во службеното гласило на Државниот Завод за Индустриска Сопственост на Република Македонија објавени се пријавите на 17 трговски марки чиј подносител е правното лице „Македонска православна црква” во класите 16 - хартија, картони и производи од нив, 33 - Алкохолни пијалоци (освен пиво), 35 - огласување, водење на работење, канцелариски работи, 36 - осигурување, финансиски работи и монетарни работи, 41 - образовни услуги, подготвување настава, забава.
Меѓу називите на пријавените трговски марки, коишто се комбинација од територјално име и тип на организација, како, на пример, Македонска православна црква - Охридска Архиепископија, Скопска епархија и т.н. пријавени се и следниве: Македонска Патријаршија, Православна Охридска Патријаршија, Православна Скопска Патријаршија, Јустинијана Прима, и други.
Секако дека како на застапник ми е прилично јасен, а воедно, како на верник, смешен овој потег на МПЦ. Сепак, би сакал подетално да го образложам, од аспект и на застапник, и верник, значењето на овој чин.
Па, како застапник би рекол:
Трговските марки се важен дел од интелектуалниот имот на една компанија. Тие се оние знаци коишто на потрошувачот му го претставуваат идентитетот на производот, а според нивниот број и нивното котирање на пазарот (остварениот профит од производите и услугите коишто ги одбележуваат), своeвидно се мери капиталот на една компанија.
Законот за Индустриска сопственст во Членот 137, вели: „Со трговска марка се штити знак кој може графички да се прикаже и кој е подобен за разликување на стоките и услугите на еден учесник на прометот од стоките и услугите на друг учесник во прометот“, што би значело дека со пријавувањето на трговските марки МПЦ ја официјализира својата маркетинг стратегија. Со ова е почната законска постапка за заштита на трговските марки коишто МПЦ планира или веќе ги употребува во прометот.
Со евентуалното стекнување на правото над овие трговски марки ќе има право да ги аплицира и употребува за означување на производите и услугите кои ќе ги пушта во промет (замислете: осигурителна компаниија - “Охридска Патријаршија“, или, ракија - “Македонска православна црква“. Ќе може да забрани пуштање во промет на производи коишто го носат овој назив на индустрија или услужна фирма којашто би се осмелила да стави таков назив на своите производи (замислете вест - “во прометот се појавиле пиратски бришачи за раце (класа 16), коишто ја носат заштитената трговска марка - Православна Скопска Патријаршија). И, конечно стекнувањето на правото значи и можност тоа да се пренесува, продава, заложува и отстапува на трето лице со меѓусебен договор или согласност од страна на сопственикот на правото. Тоа значи дека фирмата којашто ги поседува трговските марки - може да ги продаде на друга заинтересирана фирма.
Како верник би запрашал: каква врска имаат трговските марки со Црквата? На кој му текнало да заштитува со право на трговска марка, нешто што Бог го востановил? Зошто?
За да ги разберам мотивите, напрвин би одговорил на последното. Тоа е сторено од страв. Паничен страв којшто го има зафатено врвот на оваа организација! Иако стравот не би требало да биде својствен за организација каква што МПЦ сака да се претстави, тој ги натерал нејзините службеници на чекор којшто крајно ги разобличува, односно точно ги дефинира. Во паничната реакција дека некој ќе посегне по нивните економските интереси, експлицитно го изразуваат својот карактер на способни менаџери, коишто ги штитат правата на индустриска сопственост на својата компанија.
На оние, пак, на коишто им текнал овој потег можам да речам дека немаат елементарно разбирање ни за индустриска сопственост, а се сомневам дека имаат знаење за тоа што е Црква, и како таа треба да се штити.
Поважно ли е да се има признавање на називот како трговска марка, отколку да се биде признат од Едната Света Соборна Апостолска Православна Црква? Состојбата на изолација којашто доведува до синдромот на самозадоволување, што несомнено се изразува и во оваа постапка, штетна е не само за човекот, туку и за секоја средина воопшто. Верувам дека сите припадници на МПЦ не стојат зад оваа постапка, ниту ја поддржуваат, но тие се оние коишто ќе мораат да се идентификуваат со таквиот карактер на нивните врховници.
И, на крај, каква врска имаат трговските марки со Црквата? Никаква. Третирањето на верниот народ како потрошувач, а нивната организација како компанија којашто пушта во промет производи и услуги, во најмала рака претставува омаловажување на народот, и укажува на изместените поимања на она што значи Црква.
За крај ќе го додадам и следново: покрај знакот на секоја регистрирана трговска марка се става знакот ® којшто укажува на нејзиниот статус. Значи, во блиска иднина кога споменатите трговски марки ќе бидат регистрирани, ќе мора да стои МПЦ®, Православна Скопска Архиепископија® со што недвосмислено ќе се укажува на разликата дека станува збор за регистрирано трговско име, а не за Црква, и со тоа дефинитивно ќе се официјализира трансформацијата на МПЦ од неуспешна расколничка организација во успешна компанија, која поседува - дури 17 регистрирани трговски марки.
Дипл. инж. Ванчо Дамјански
(Авторот е застапник за индустриска сопственост)