Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

21.09.2004

Зар и кучињата веќе нема што да чуваат во Р. Македонија?! Зар се исполнува вистината дека е еднакво на оригиналност ако се рече за неа, за нашата татковина, дека е убава?! Особено ако предвид се земе фактот дека македонскиот медиокритетизам ја подржува и потикнува токму духовната расипаност одвнатре. Се разбира, ова се истакнува заради пустежот што околу себе го оставаат расколниците, тие духовни слепци коишто глумат дека не се слепи.

Ќе Ви пречи ли ако отвориме, да ја видите глетката? ги прашува некој којшто, факт е, поседува поглед.

Не, не, прекрасна е. Глетката е опивачка, едногласно (од матрицата) велат слепците прогонувајќи ја облеката на слободата (без којашто, така соголени, нема да влезат во Европа), фабрикувајќи притоа, против неа, купишта обвиненија. Тие се во потрага по деловна перспектива, само и само по некаква полза. Самите пресудуваат. Синџирот кај нив е механизам за спречување на бегство. Откако ќе го закатанчат човека, ним им станува полесно. Тогаш се подржуваат меѓу себе така како што се подржува пајак којшто поради ветрот се заплеткал во сопствената мрежа. „Опасноста“ што благодатта ја претставува за Р. Македонија, знаат дека првенствено важи за нив. Кога ја жртвуваат трубат колку се фини со неа.

Свети Исак Сирин пишува: „Било кое покајание до коешто не се доаѓа своеволно, во себе не содржи ниту радост, ниту се смета за достојно да биде наградено.“

Постои ли тогаш покајание без наша волја? го прашале старецот Паисиј Светогорец.

Да. Тоа е принудно покајание. Принуден е да се кае оној којшто паднал во очите на другите, или, пак, којшто нема смирение. Барам, значи, од тебе да ми простиш, само за да се извлечам од последиците, но во себе не се менувам. Лукавиот човек се преправа дека се преумил и лукаво доаѓа за да ги преклони колената со глумење на добрина, за да ги измами другите.

Кога не би биле фатени во бељата, бељата никогаш не би ја признале.

Последните посети на црковните достоинственици од Бугарија и Грција покажуваат дека умот на расколниците е ист. Непроменет. Ги малтретираа и безочно ги гонеа гостите од сестринските цркви подеднакво како и Православната Охридска Архиепископија. „По тужба од МПЦ“!!! Несреќните изјави на вдовците коишто заради ухлебие се вдомиле во расколот беа: „додека ние сме отсутни, непријателот демне“, или, „луѓе од туѓи цркви не примаме“. Ако епископите на Православната Црква се нивни непријатели и ако Православната Црква им е туѓа, знаат ли тие што воопшто сакаат и каде го водат овој народ? Знаат ли дека со овој ум што го немаат го водат во пропаст?

Но, токму поради тоа Црквата секогаш е ширум отворена за оние коишто допрва сакаат да станат Црква. Како што вратата на родителот е секогаш отворена за детето заскитано во мракот.

Дури и невозможно е човек, од сожал, да не биде отворен за оние коишто, според зборовите на старец Паисиј Светогорец, се здобиле со ефтините „дарови“ на демонот. Таквите опрелестени „пастири“ лесно ги задржуваат луѓето во нивните страсти.

Добро, се разбира, секое совпаѓање на карактерите од синодот на МПЦ со граѓаните од Dogville на von Trier е безусловно случајно. Ненамерно.

Сега мислам дека е прикладно да ги кренеме завесите.

Ние не си заминуваме. Догвил нека си замине од сите нас.

Игор Радев
(класичен филолог)