Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Низ својата богата историја Црквата се соочувала со многу искушенија и безброј предизвици. Почнувајќи од прогоните врз Христијаните  во првите векови, потем преку обидите, подмолни еретички учења да бидат наметнати како вистинска вера, па сè до разните намери на некои од светските властодршци, коишто залудно посакувале, а и денес безуспешно посакуваат да ја искористат Црквата за свои дневнополитички цели.

Во нашава современост, за жал, сведоци сме на постоечкиот обид да биде нарушено Единството на Соборната, Православната Црква. Имено, Првотроната помесна Црква, Константинополската Патријаршија, се стави себе си над соборниот карактер на Црквата и си зеде за право да биде прва, не само по чест, право, кое, се разбира, никој не ѝ го оспорува, туку прва и по апсолутна власт, право, кое полнотата на Соборноста на Црквата ѝ го нема дадено. Нејзината еднострана одлука да прими во литургиско сослужување неколку непреумени, расколнички организации од Украина, згора на сѐ, без согласност на тамошната канонска Црква и без сеправославен консензус за таквата донесена одлука, очигледно не го обезбеди посакуваното решение на расколот. Напротив, таквата антиканонска постапка на Константинополската Патријаршија, предизвика остри спротивставувања кај останатите помесни Православни Цркви, спротивставувања кои не само што не стивнуваат, туку стануваат сè поизразени.

Истовремено, пандемијата предизвикана од вирусот, нашироко познат под името COVID 19, дополнително го усложнува животот на Црквата. Пропишаните мерки не се совпаѓаат со природниот живот на Христијаните, но, со Божја помош, молитва, одговорност и единство, Црквата ќе излезе како победник и од ова искушение.

Покрај сето горенаведено, низ целиот свет како гром проструи одлуката на турските власти, велелепниот христијански храм во Константинопол, посветен на Премудроста Божја, повторно да биде пренаменет во џамија, откако претходно, цели 85 години, функционираше како музеј.

Досега реченото упатува на веројатноста модерниот човек, во немилосрдната трка по економски, политички и други минливи интереси, понекогаш да подзаборави на автентичната, на исконската димензија на неговото постоење, која го карактеризира неговиот однос со Премудроста Божја.

Оттука, како поттик за незаборав на неминливите вредности, календарот за 2021-то лето Господово, го посветуваме на Премудроста Божја.

Истовремено, како и секогаш, покрај редовните месечни табели со празниците низ текот на целата година, во календарот се поместени и кратки боговдахновени мисли, изречени од Божји угодници познати ширум Едната, Света, Соборна и Апостолска Православна Црква.

Текстот, пак, кој е отпечатен на крајот од календарот, упатува токму на темата: Премудрост Божја. Сметаме дека има потреба, барем и накратко, да се изложи православното учење во однос на оваа тема. Значи, во овој календар читателот, од една страна, ќе се сретне со црковното учење за Премудроста Божја како едно од својствата на секоја од Личностите на Пресвета Троица; но, од друга страна, и како едно од именувањата на Втората Личност на Пресвета Троица, Господ Исус Христос.

Длабоко сме уверени дека и преку новите искушенија и предизвици, со коишто моментално се соочува, Црквата ќе го збогати своето искуство, и сигурно ќе ги преброди, раководена токму од Премудроста Божја.

Благословот Божји и милоста Негова нека бидат врз сите нас по Неговата благодат и човекољубие, и во ова 2021-во лето Господово и во вековите на вековите. Амин!