Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Преподобен Јован Касијан

Во Палестина, во пустината помеѓу Ерусалим и Мртвото море, варвари одненадеж нападнале некои монаси и погубиле многумина. Како Бог допуштил да се изврши такво злодело над Неговите слуги? Тоа прашање обично ги смутува душите на оние коишто немаат многу вера и знаење и кои мислат дека добродетелите и подвизите на светителите се наградуваат во овој времен живот. Ние, пак, коишто не само во овој живот се надеваме на Христа за да, според Апостолот, не бидеме победни од сите луѓе (1Кор. 15, 19), не треба да паѓаме во заблудата на таквите размислувања. Инаку, може да се случи, заради неточното одредување на вистината во однос на таквите случувања, да се најдеме во ужас и смутување од искушенијата коишто и нас нè сретнуваат, со своите нозе да скршнеме од патот на правдата (Пс. 72, 2), или, што е страшно и да се каже, на Бога да ја Му препишеме неправдата и негрижата за делата човечки, т.е. како Он да не ги избавува од искушенијата светите луѓе кои живеат праведно, па не им возвраќа на добрите со добро, а на злите со зло во сегашниот живот. Со тоа би заслужиле осуда заедно со оние на коишто пророкот Софониј им се заканува во името на Господа говорејќи: Ќе се одмаздам на оние коишто говорат во срцата свои: „Господ не прави ни добро ни лошо”. (Соф. 1, 12), или би имале еднаков удел со оние кои преку жалбите изрекуваат хула на Бога: „Оној што прави зло е добар пред Бога и тој му угодува. И каде е Бог на правдата”, додавајќи и друго богохулење коешто го опишува пророкот: „Залудно е служењето на Бога, и каква корист имаме, ако ги пазиме наредбите Негови и одиме со жална облека пред лицето на Господа Саваот? Ете, гордите ние ги сметаме за подобри: напредуваат оние што вршат беззаконие, па иако Го искушуваат Господа, си остануваат незасегнати” (Мал. 3, 14-15). Според тоа, за да го избегнеме незнаењето коешто е причина и корен на најрѓавите заблуди, однапред треба да дознаеме што е навистина добро, а што зло. Држејќи се, потоа, до вистинското одредување на Писмото, а не до лажното мислење на мноштвото, ние веќе никако нема да се опрелестиме со заблудите на луѓето неверници.

Трпението е особина на праведникот. Тоа му донесува награда не на оној којшто нанел смрт или страдање, туку на оној којшто трпеливо ги поднел. Првиот заслужено ќе ја поднесе казната за ѕверската суровост, додека другиот нема да претрпи никакво суштинско зло. Со храброста на својот дух трпеливо поднесувајќи искушенија и страдања, тој сè што му е нанесено со зла намера го свртува кон себе на добро и на умножување на своето блаженство во идниот живот.

Трпението на Јов не му стекна добра награда на ѓаволот, којшто го направи славен со своите искушенија, туку на него самиот којшто храбро ги поднел. И на Јуда нема да му биде дарувано ослободување од вечните маки заради тоа што неговото предавство послужило за спасение на човечкиот род. Бидејќи не треба да се гледа на плодот на делата, туку на расположението на оној што ги врши. Заради тоа ние треба да сме цврсто убедени во тоа дека на човекот никој не може да му нанесе зло доколку самиот не го привлече со слабоста на своето срце и малодушноста. Бидејќи и блажениот Апостол во еден стих потврдува: „знаеме дека на оние што Го љубат Бога... сè им врви на добро” (Рим. 8, 28). Затоа што говорејќи: „ сè им врви на добро”, тој опфаќа сè - не само тоа што се смета за среќа, туку и тоа што се смета за несреќа. И на друго место истиот апостол говори дека поминал и низ едното и низ другото: „...со оружјето на правдата во десна и во лева рака, при чесност и бесчесност, при укори и пофалби; нè сметаат за измамници, а ние сме вистинити; за непознати, а добро сме познати; нè држат како да сме на умирање, а еве – живи сме; нè казнуваат, но неможат да нè умртват; нè нажалуваат, а ние сме секогаш весели; нè сметаат за бедни, а мнозина обогатуваме” (2Кор. 6, 7-10). Според тоа, и она што се смета за среќа и што апостолот го сместува на десна страна, означувајќи го со зборовите „слави и пофалби“, и она што се смета за несреќа и што го сместува на левата страна, обележувајќи го со зборовите „срам и навреди“, за совршениот маж станува оружје на праведноста. Тој ги поднесува нанесените жалости, великодушно користејќи ги како оружје против оние коишто го напаѓаат. Со нив, како со лак, меч и најцврст штит се наоружува против оние коишто му ги нанесуваат, совршено пројавувајќи го своето трпение и храброст. Најславното торжество на својата непоколебливост тој го покажува низ самите непријателски стрели коишто смртоносно го погодуваат. На тој начин, ниту со среќата се превознесува, ниту заради несреќите паѓа со духот, туку чекори право и по царскиот пат. Со таква мирна состојба на срцето, тој, ниту со доаѓањето на радоста нема да сврти десно, ниту при нападот на несреќата и доаѓањето на жалост нема да се сврти на лево. „Голем е мирот кај оние, кои го сакаат Твојот закон, и за нив нема соблазна”, сведочи светиот Давид (Пс. 118, 165). за оние, пак, коишто се менуваат при секое случување, согласно на нивните својства и разлики, се вели: „безумникот се менува како месечина” (Сир. 27, 11). За совршените и премудрите, пак, се вели: „А знаеме дека на оние коишто го љубат Бога сè им врви на добро”. За слабите и неразумните, пак, се објавува: „Бегај од безумен човек, кај кого не забележуваш разумна уста” (Изрек. 14, 7), затоа што тој ниту пријатноста не ја користи на свое добро, ниту заради непријатноста се поправа. Силата на карактерот која е потребна за храбро да се поднесе жалоста, потребна е и поради зачувувањето на умереноста во радоста. Оној когошто од колосек ќе го исфрли една од тие случајности, несомнено нема да може да одолее на ни една од нив. Всушност, среќата повеќе го повредува човекот отколку несреќата. Бидејќи несреќата понекогаш и против волјата воздржува и смирува. Приведувајќи нè во спасоносна скрушеност, таа нè побудува помалку да грешиме, или нè принудува сосема да се поправиме. Среќата, пак, ја полни душата со погубни, иако пријатни ласкања, та со страшно опустошување ги соборува во прав оние кои заради среќните успеси се сметаат за безбедни.

Искушенијата, како што рековме, може да се двострани, т.е. да бидат пријатни и непријатни. Но, причината поради која луѓето имаат искушенија е троична: најголем дел заради преиспитување, понекогаш заради преумување, а не ретко и како казна заради гревовите.

Така, заради преиспитување, како што читаме, слично на Јов, голема тага поднеле и Авраам и многу други светители. Заради него целиот јудејски народ бил ставен на искушение во пустината, како што пишува Пророкот Мојсеј во неговата петта книга Повторени закони: „И помни го целиот пат по кој те водеше Господ, твојот Бог, по пустината еве веќе четириесет години, за да те искуша и да дознае што е во срцето твое, дали ги почитуваш заповедите Негови, или пак не“ (Пов. Зак. 8, 2). И во псалмот се спомнува: „кај водите на Мерива те испитав“ (Пс. 80. 7).

Заради преумување, пак, се случува кога Господ ги смирува праведните за направени помали и полесни гревови, или за лично превозгордевање. Со искушенијата се очистуваат од нечистите и лоши помисли и со нив се спалува секоја нечистотија во нивната внатрешност (Ис. 1, 25), како би се покажале чисти како злато на следниот испит, и да не остане нешто што би нè обременило на страшниот суд. И во таа смисла е кажано: „Бројни се маките на праведниците“ (Пс. 33, 19). Исто така: „И сте ја заборавиле утехата, која вам, како на синови, ви зборува: Сине мој, не презирај ја казната од Господа и не паѓај со духот, кога те изобличува, зошто Господ го казнува оној, кого што го сака; го бичува секој син, кого што го прима. Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син, кого таткото не го казнува. Ако, пак, останете без казна во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови“ (Евр. 12,5-9). Но, и во Откровението е кажано: „ кои Јас ги сакам, нив ги карам и казнувам“ (Отк. 3,19). И на таквите од ликот Божји, преку пророкот Јеремиј им е упатен збор: „Јас наполно ќе ги истребам сите народи, меѓу кои те прогонив, но тебе нема да те истребам; ќе те казнам по мерка, но неказнет нема да те оставам“ (Јер. 30, 11). За истото спасоносно преумување се моли и светиот пророк Давид кој вели: „Искушај ме, Господи, и испитај ме. Отвори ги утробата моја и срцето мое“ (Пс. 25, 2). Разбирајќи го спасоносниот карактер на таквото искушение и пророкот Јеремиј воскликнува: „Казни ме Господи, но по правда, не во гневот свој, за да не ме сотреш“ (Јер. 10, 24). Исто зборува и прoрокот Исаија: „Ќе те славам Господи, Ти ми беше гневен, но го одврати гневот Свој и ме утеши“ (Иса. 12, 1)

Ударите на искушенијата се испраќаат и заради гревовите. Така Господ тргна да му испрати удари на народот израелски, говорејќи: „И ќе испратам против нив ѕверски заби и отров од земни влекачи“ (Пов.Зак. 32, 24). И во псалмите се говори за нив: „Многу маки ќе го снајдат грешникот“ (Пс. 31, 10). И во Евангелието се спомнува: „Ете сега си здрав и не греши повеќе за да не те снајде нешто полошо“ (Јн. 5, 14).

Постои уште и четврта причина заради која на некои луѓе им се испраќаат страдања, позната од Светото Писмо: појавувањето на славата и на делата Божји. Така се говори во Евангелието за слепиот: „Ниту тој ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него“ (Јн. 9, 3). И за болеста на Лазар се вели: „Оваа болест не е за умирање, туку за слава Божја за да се прослави Синот Божји преку неа.“ (Јн. 11, 4).

Како да се придобијат и да се зачуваат трпението и благодушноста? Вистинското трпение и благодушноста не можат ниту да се придобијат ниту да се сочуваат без срдечно смирение. Кога трпението би излегувало од тој извор, заради избегнување на жалоста, од непријатност нема да биде потребно нити да се затвора во ќелија, нити да се крие во пустина. Утврдувајќи се во длабочината на душата на моќта на смирението, на својата родителка и чуварка, трпението веќе нема да има потреба од надворешна помош. Поради тоа, доколку се вознемириме заради некоја навреда, очигледно е дека во нас не е цврсто утврден темелот на смирението. На тој начин нашата внатрешна градба, при налет дури и на најмала бура, потклекнува на разорниот потрес. Трпението не е пофално и достојно за воодушевување во случај кога внатрешното спокојство е сочувано поради недостатоците на стрелите непријателски. Напротив, тоа е величествено и славно кога пребива непоколебливо и покрај бурите и искушенијата кои се насочени кон него. И кога, само на изглед, се руши и потресува, тоа се повеќе се зацврстува. И со тоа што на изглед ослабува, со тоа повеќе се усовршува. Затоа што, никому не му е непознато дека трпението го добило своето име од поднесувањето на жалоста. Така, никој кој без тага не поднесува сè што му се случува, не може да биде прогласен за трпелив. Затоа Соломон заслужено го фали трпеливиот: „Долготрпеливиот е подобар од храбриот. И кој владее со себе си подобар е и од завојувачот на градови“ (Изрек. 16, 32). Тој уште вели: „Кај трпеливиот човек разум има многу, а лудиот полн е со глупости“ (Изрек. 14, 29). Се случува, значи, некој да го наклеветат и кај него да се запали огнен гнев. Тогаш, како причина за неговиот грев не треба да се смета навредата која му е нанесена, заради тоа што таа е исклучително повод за исполнување на неговите скриени болести (гневови). Таква е смислата на параболата на Спасителот за двете куќи: едната втемелена на камен, и другата, втемелена на песок. На нив со еднаква сила се насочил напад на вода и бура од ветер. Меѓутоа, последиците биле различни. Затоа што, домот којшто бил утврден на тврд камен не претрпел никакви штети од силниот удар, додека оној кој бил утврден на песок веднаш се срушил. Очигледно тој се срушил не заради тоа што бил подложен на надворешен удар, т.е. од водата која се насочила кон него, туку заради тоа што бил неразумно утврден на песокот. Исто така, и светиот човек од грешникот не се разликува по тоа што е не е подложен на огромни искушенија, туку по тоа што ни големите искушенија не можат да го победат, додека грешникот паѓа и од малите. И како што рековме, храброста на праведникот нема да му биде за пофалба, доколку е без искушенија. Всушност, нема да има победи, доколку нема непријателски напади. Затоа што, „Блажен е оној човек, кој поднесува искушение бидејќи откако ќе биде испитан, ќе добие венец на животот што Господ им го ветил на оние кои го сакаат“ (Јак. 1, 12). И апостолот Павле вели: „Мојата сила потполно се покажува во слабоста“ (2Кор. 12, 9). Зашто така му зборува Господ и на Пророкот Јеремиј: „И ете, Јас те поставив денес како утврден град, како железен столб и како бакарен sид против сите цареви јудини и кнезовите на целата земја, против свештениците негови и против народот на таа земја. Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат, зашто Јас сум сум со тебе, за да те избавам – вели Господ“ (Јер. 1, 18-19). И ако со ревност ги разгледаме причините за она што се случува со нас и во нас, ќе откриеме дека не можеме да бидеме ранети, па дури и од најпакосниот и најлошиот човек, доколку самите не си внесеме немир во срцата. И доколку сме ранети, причината не треба да ја бараме во некакви надворешни непријатели, туку во нашето нетрпение. Затоа тврдата храна е корисна за здравиот, а штетна за болниот. Таа не може да го повреди оној кој ја прима, доколку неговата немоќ за нанесените повреди нејзе не ѝ додаде сила.

извадок од „Добротољубие“