Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija


26.05.2005

Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква којшто започна со Света Литургија на 15-ти Мај во манастирот Житомислиќ крај Мостар, ја продолжи својата работа во зградата на Патријаршијата во Белград и после исцрпувањето и донесувањето на одлуки за сите теми предвидени за Соборот заврши на 26-ти Мај 2005 година.

Православната Охридска Архиепископија којашто е автономна Црква во склопот на Пеќката Патријаршија на Соборот ја претставуваше Претседателот на Светиот Архиерејски Синод на истата, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот велески и повардарски и Егзарх охридски г.г. Јован.

После долгиот период на чекање, за расколничката иерархија да се врати во единство со Едната Света Соборна и Апостолска Црква и откако Пеќката Патријаршија ги исцрпи сите методи за разговор со нив, се констатираше дека епископатот на таа расколничка организација не е зрел да понесе одговорност за било каков вид на самостојност на Црквата.

На Соборот, Неговата Светост Архиепископот пеќки Митрополитот белградско-карловачки и Патријарх српски г.г. Павле досегашниот Митрополит велески и повардарски и Егзарх охридски г.г. Јован го потврди за Архиепископ охридски и Митрополит скопски. Согласно на Спогодбата од Ниш, му издаде и Патријаршиски и Соборски Томос за автономија на Православната Охридска Архиепископија. На чинот на објавувањето на Томосот присуствуваа сите Архиереји на Православната Охридска Архиепископија коишто за таа прилика специјално допатуваа во Белград.

Усвојувајќи ја одлуката бр. 20, од 06-ти Мај 2005 г., донесена од Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија со којашто, прекинот на заедничарењето со епископите и свештениците на расколничката македонска православна т.н. црква започнат уште во 1967 г. се проширува и над верниците коишто остануваат во религиозна врска со нив, Светиот Архиерејски Собор одлучи да го прекине секој вид на богослужбено општење и со народот во Република Македонија којшто останува во религиозното заедничарење со епископите и свештенослужителите на расколничката организација во Р. Македонија којашто себе си лажно се претставува како Црква.

Бидејќи тајните и молитвословијата коишто ги извршуваат расколничките епископи и свештенослужители се надвор од благодатното подрачје на Црквата Божја и не се признати како валидни од Православната Црква, истите остануваат без обновувачката сила на благодатта и надвор од восовршувачката сила на Светиот Дух. Просто речено, чинодејствијата извршени од расколничката иерархија не се разликуваат од дејствијата на некој актер во театар којшто облекол епископска или свештеничка одора, а учеството на народот во таквите чинодејствија не се разликува од учеството на публиката во некоја театарска претстава.

После објавувањето на Томосот за автономија на Православната Охридска Архиепископија и потврдувањето на Претстоителот на Светиот Архиерејски Собор на истата за Архиепископ охридски и Митрополит скопски, Светиот Архиерејски Собор одлучи целиот имот на Пеќката Патријаршија во Р. Македонија да го отстапи на Митрополијата и Епархиите коишто ја сочинуваат Православната Охридска Архиепископија.

Исто така, на Соборот се одлучи, секој иден разговор за автокефалија на Црквата во Р. Македонија да се води само со иерархијата на Православната Охридска Архиепископија.


Од Канцеларијата на Архиепископот охридски и Митрополит скопски