Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ Српски

30.10.2013

Архиепископот охридски г.г. Јован поднесе жалба до Апелациониот суд.

Во текот на минатата седмица, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, Епископите, монаштвото и верниците на Православната Охридска Архиепископија, ја добија писмената пресуда, којашто судијата Ивица Стефановски им ја соопшти на 02 Јули, оваа година.

Со пресудата, Архиепископот охридски Јован е осуден на три години затвор, а сите останати на две години затвор условно, доколку во следните пет години не го повторат делото!

Во пресудата е запишано дека Основниот суд пресудил дека го конфискува имотот на Православната Охридска Архиепископија и истиот ѝ го предава на расколничката МПЦ, во нејзина трајна сопственост!

На оваа пресуда од Основниот суд Скопје I, Архиепископот охридски Јован напиша жалба до Апелациониот суд во која се осврнува на непобитниот факт дека осудените се припадници на иста Црква, која токму судот што ги осуди одбива да ја регистрира, настојувајќи преку затворски казни да ги одврати членовите од Црквата, а со конфискацијата на имотот да го спречи развојот на Црквата.

Заради ваквиот дискриминаторски однос, како што веќе е забележано од мноштво меѓународни институции, прогонот врз Архиепископот охридски Јован е од религиозна, а не од злосторничка природа.

Следствено, и споменатава пресуда е противречна, нејасна, без решавачки факти и без ниту еден доказ, со што претставува школски пример за пресуда нарачана од извршната власт, бидејќи е донесена за политичка потреба и остварување предност при пазарењето за признавањето на расколничката МПЦ!

Судот целосно го извитоперува наодот и мислењето на Бирото за вештачење, кој предочува дека не е возможно да се утврди со колкав износ на средства можел да располага Архиепископот охридски Јован. Како е возможно некој да биде осуден за перење на пари, а притоа да не се утврди точната сума што би можела да биде предмет на кривичното дело!!! А, згора на тоа и да се конфискува имот, којшто е купуван со легални средства!!! После ваквите противзаконски судски одлуки за одземање имот, секој сериозно би размислил пред да инвестира во Р. Македонија!

Судот само папагалски ја повторува реченицата дека дел од обвинетите имале ниски примања и не можеле да бидат дарители, но од документите доставени до Бирото за вештачење се гледа сосема спротивното. Затоа, во својата жалба, Архиепископот охридски Јован ја изразува длабоката убеденост дека ваквите политички пресуди за некое време ќе бидат преоценети и ќе претставуваат училишен пример за тоа како неправедно се пресудувало во овој историски период, кој по сите одлики е понеправеден од оној во периодот на комунизмот.

Во прилог на реченото оди и фактот што судот поклонувајќи му целосна доверба како вештак го користи претставникот на расколничката МПЦ, како да станува збор за претставник на државна институција, а не на спротивставена страна! Згора на тоа, после завршните зборови, кога беше закажано изрекувањето на пресудата, судијата Ивица Стефановски скандалозно повторно го отвори процесот и повика сведок за којшто не дозволи да се прибават полномошната за кои сведокот тврдеше дека ги поседува, со што и до денес тој го нема поткрепено својот исказ со материјални докази и го нема докажано својот идентитет! Потоа, спротивно на начинот на водење на судска постапка, судскиот совет ја напушти судницата и се врати по триесетина минути, по што и следеше соопштувањето на пресудата!

Корумпираното и подложно на политички влијанија македонско судство, како што најчесто го определуваат меѓународните известувања, останува последниот сегмент кој, со својата тоталитаристичка матрица, го кочи нашето општество на патот кон напредните демократии.

Во продолжение го објавуваме и целосниот текст на жалбата, којашто Архиепископот охридски Јован ја испрати до Апелациониот суд во Скопје:

Архиепископ охридски Јован - Жалба до Апелациониот суд