Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ English

→ Српски

06.06.2012

За најновиот државен терор врз верска основа спроведен кон Православната Охридска Архиепископија, домашната јавност имаше можност да биде информирана еднострано и идентично од полицијата и медиумите, коишто, пак, според најновиот Извештај за човековите права на американскиот Стејт Департмент, заедно со судството, се означени како најпроблематичните сегменти на македонското општество.

Во продолжение, на кратко ќе ги посочиме причините за најновите полициски претреси и малтретирања, како и судските мерки против Епископите, свештеномонасите, монахињите и верниот народ на Православната Охридска Архиепископија.

На Православната Охридска Архиепископија во два наврати, и според стариот, и според новиот закон, ѝ беа одбиени барањата за регистрација во судскиот регистар на цркви и верски заедници. За тој случај и Обвинителството одби да ја заштити законитоста. Православната Охридска Архиепископија е сеправославно призната Црква, што има своја структура во којашто луѓето остваруваат дејности и, едноставно, не е возможно тие граѓани да престанат да постојат само затоа што државата, во последниве 10 години, неправедно ги тероризира врз верска основа и одбива да ја регистрира Црквата.

Од тие причини, легално беше регистрирано Здружението на граѓани „Анастасија“, чијашто основна дејност е унапредувањето на верските слободи во Р. Македонија. (Преку остварувањето на своето законски загарантирано право, самото формирање на Здружението и неговото дејствување е во согласност со Законот за здруженија на граѓани и фондации, та следствено, според чл. 2, Здружението има право на добивка, на донации наменети за остварување на цели и активности, согласно Статутот и Законот). Доколку, судот дозволи регистрација, тогаш Православната Охридска Архиепископија нема да има причина своите дејности да ги остварува преку здруженија на граѓани. Здружението „Анастасија“ (коешто е основано од монахињи), направи договор за купување на простор кадешто припадниците на Православната Охридска Архиепископија ќе можат да ги остваруваат своите верски потреби. За таа цел, донатори, припадници на Православната Охридска Архиепископија одлучија да го помогнат Здружението со исклучиво сопствени, лични средства. Јавното обвинителството, пак, целосно неиздржано, против законски и без постоење на апсолутно никаков доказ врз којшто би се засновало постоењето на основано сомневање за кривично дело „перење пари“, сака да претстави дека средствата на донаторите се средства коишто Архиепископот охридски Јован ги присвоил од расколничката Македонска православна црква (МПЦ)! Но, дека станува збор за државен терор врз верска основа, јасно укажува и фактот дека во судскиот процес против Архиепископот Јован, беше инсистирано на инструкциите од Апелациониот суд дека кривичното дело затајување не подразбира оти  некој стекнал имотна корист за себе, а вештачењето и ослободителните пресуди за Архиепископот Јован покажаа дека тој не присвоил никакви средства. Конечно, на судот му е познато дека епархискиот автомобил, библиотеката, мермерните столбови во битолскиот храм „Свети Димитриј“, зградата „Малина“ во Велес, црковната екомонија „Воскресение“ и сиот подвижен и неподвижен имот за којшто расколничката МПЦ го обвинува Архиепископот Јован, во ниту еден момент не бил негов приватен имот, туку и денес е неотуѓива сопственост и имот на расколничката  МПЦ, поради што, како што посочивме, и Основниот суд во Велес на двапати го ослободуваше Архиепископот Јован, а, исто така, и судот во Софија, Р. Бугарија, одби да го екстрадира Архиепископот Јован во Р. Македонија, со чудење како воопшто е возможно  Архиепископот Јован да ги „проневерил“ дури и оние средства, што како надлежен Епископ им ги исплаќал како лични доходи на вработените, и како е возможно да ги проневерил дури и исплатените епархиските сметки за струја и комуналии! Токму затоа, бугарскиот суд ја одби неговата екстрадиција со образложение дека: „финансиските малверзации за коишто го товарат Архиепископот Јован не се ништо друго туку политички прогон врз верска основа“.

Дека станува збор за монтиран државен прогон јасно се гледа од судското решение за истражна постапка во коешто дури при ниту едно од обвиненијата,  поединечно не стои изразот дека се претпоставува оти постои „перење на пари“, туку решението за прогон изгледа како органите на истрагата веќе да ја напишале пресудата. Притоа, Министерството за внатрешни работи (МВР), сите информации, спротивно на законот, ги пласираше во јавноста со што се прејудицира контрадикторна постапка, којашто треба да се води пред судот. Исто така, МВР во никој случај не смееше со сигурност да тврди  дека било сакано да се исперат пари, бидејќи доказите за тоа дополнително се прибираат и се гради обвинителниот акт. Истовремено, судот и полицијата не ја почитуваат пресумпцијата на невиност и, со јавното прикажување на лични податоци и приведувањето со лисици на рацете и пред камери, како веќе да ги осудија дарителите на Православната Охридска Архиепископија! Згора на тоа, полицијата малтретираше и удираше монахињи. При претресот ги одзема матичните книги со крстени и венчани, деловодните книги со севкупната кореспонденција на Православната Охридска Архиепископија, од исклучиво црковен карактер, и многу други документи и предмети, исто така од исклучиво црковен карактер! Каква врска има тоа со „перењето пари“! Впечатокот е недвосмислен дека државниот апарат, со тоталитаристички методи, ги гони припадниците на Православната Охридска Архиепископија, без закон и без суд.

Во европското законодавство, во однос на перењето пари, постои уште еден дополнителен, прецизен израз: перење на валкани пари. Тоа се средства стекнати од дрога, проституција и други недозволени активности. Во македонското законодавство дури и самиот закон гласи: Закон за спречување на перење на пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам.  

Во овој случај, ниту постојат такви средства, ниту се испрани такви средства. Станува збор за лични средства на донаторите, коишто со договор за донација, по сопствена волја и лична желба ги уплатиле на сметката на здружението „Анастасија“, исклучиво заради остварување на своите верски потреби. За таа цел, пак, здружението „Анастасија“, има потпишано договор за купување на простор. Во Р. Македонија постојат и многу други дарители, коишто во секој момент се подготвени да донираат за Православната Охридска Архиепископија! Со оглед на новонастанатите околности, очекуваме власта да почне да ги затвора и тероризира сите луѓе, коишто се припадници на Православната Охридска Архиепископија!

На тој начин, властите во Р. Македонија вршат селективно применување на законите. Свештениците од државно спонзорираната расколничка МПЦ за своите дејности, крштевки, венчавки, служби на гробиштата, продавање свеќи и сл., на граѓаните не им издаваат фискални сметки, така што државата нема никаква контрола врз нивните приходи и начинот на којшто истите се остварени, но никој од нив не бил спектакуларно затворен како припадниците на Православната Охридска Архиепископија, коишто даруваат лични средства на легален начин! Исто така, за секуларната власт сите религии треба да бидат исти, но во случајов, МВР последната акција против Архиепископот Јован, Епископите, свештеномонасите, монахињите и верниот народ ја именува: „Расколник“, со што свесно и недвосмислено се стави во служба на расколничката МПЦ, зашто само таа го смета Архиепископот Јован за расколник; притоа, треба да се истакне дека расколничката МПЦ нема доктринално и евхаристиско единство со православните цркви во светот, коишто МПЦ ја сметаат за расколничка црква, за разлика од Архиепископот Јован и Православната Охридска Архиепископија, коишто го имаат доктриналното и евхаристиско единство со сите помесни православни цркви. 

Р. Македонија е единствената земја во Европа, којашто, нанесувајќи огромна неправда, во последниве десет години веќе по шести пат го има затворено Архиепископот Јован, којшто е Претстојател на призната православно-христијанска Црква. И, додека тој е во затвор, по којзнае којпат покренува ново обвинение против него! Сега, продолжувајќи да нанесува неправда, им ги одзема пасошите и започнува нов судски процес во којшто со затворски казни им се заканува и на уште двајца Јерарси, Епископот Марко и Епископот Давид, на свештеномонасите Мојсеј и Иринеј, на игуманијата Кирана, на настојателката Олимпијада, на монахињите Магдалина и Пелагија и на уште не мал број граѓани припадници на Православната Охридска Архиепископија.

Државниот погром врз верска основа, во 21-век, во Европа, во Р. Македонија продолжува.