Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ Српски

19.03.2012

После две ослободителни пресуди од страна на Основниот суд во Велес (Април 2006 г., и Април 2007 г.), и после одбивањето за екстрадиција и ослободителната пресуда на Апелациониот суд во Софија, Р. Бугарија (Јануари 2011 г.), на упорно барање на синодот на расколничката Македонска православна црква (МПЦ), за истиот предмет за којшто, како што е посочено, беше ослободуван, на 12 Декември 2011 год., Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, повторно беше уапсен и затворен во централниот затвор Идризово.

Монтираните судски процеси и државниот прогон врз верска основа против Архиепископот Јован, судовите во Р. Македонија и расколничката МПЦ ги започнаа пред десет години само заради различните верски убедувања на Архиепископот Јован, поради што од страна на Amnesty International, уште во 2005 год., тој беше прогласен за “затвореник на совеста”.

При најновото затворање, после нешто повеќе од два месеци поминати во затворот Идризово, на 17 Февруари 2012 год., Архиепископот Јован беше префрлен во истражниот затвор Шутка, каде што му беше определен притвор во траење од еден месец.

Кога се очекуваше дека барањето за ослободување од притвор ќе биде усвоено, бидејќи согласно на законот, за делото за коешто е обвинет, не се предвидува  мерката притвор, та Архиепископот Јован ќе има можност да се брани од слобода, на инсистирање на расколничката МПЦ, којашто и го покренува споменатиов судски спор, во последен момент, на 17 Март 2012 год., со факс испратен до затворот Шутка, на Архиепископот Јован му е продолжен притворот за уште еден месец, значи, до после Велигден, до 17 Април 2012 година.

Од правните советници, коишто по службена должност имаа можност само еднаш да го посетат, дознаваме дека на Архиепископот Јован му се извадени врвките од чевлите, со нив можел да зборува само преку стакло, нема никаква можност да прима посети од блиски луѓе, нема можност за благовремена грижа за здравствената состојба и примањето лекарства, голем дел од храната којашто му се испраќа за периодот на постот бива вратена, не постои никаква можност да му биде однесена света Причест...

И покрај сето тоа, Архиепископот Јован се чувствува жизнерадосно и на припадниците на Православната Охридска Архиепископија им го испраќа својот архипастирски благослов.  

Меѓународната заедница години наназад, преку своите извештаи (а, последен пат на 15 Март 2012 год., тоа го направи и комесарот за проширување на Европската Унија, г. Стефан Филе), им укажува на сите македонски влади на суштинскиот недостаток, којшто го оддалечува македонското општество од цивилизираните демократии. Несомнено, станува збор за отсуството на владеењето на правото и за корумпираноста на судовите.

Токму тоа пословично, корумпирано судство, во политички монтирани процеси, низ последниве десет години по шести пат го става Архиепископот Јован зад решетки, и упорно одбива да ја регистрира Православната Охридска Архиепископија. Најновото продолжување на притворот за Архиепископот Јован е само уште една во низата потврди дека властите во Р. Македонија не само што не ги почитуваат верските слободи на сите граѓани подеднакво, туку наместо да изнаоѓаат решенија за грубото загрозување на верските слободи, тие дополнително продуцираат проблеми и предизвикуваат нестабилност.