Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

14.11.2011

Јеромонахот Атанасиј Арсоски е замонашен и ракоположен во ѓаконски чин на 08 Август 2004г. од Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован. Во времето кога Архиепископот Јован беше по втор пат во затвор во 2006г. јероѓаконот Атанасиј замоли да отиде во друга помесна Црква заради тешките услови во кои се наоѓа Охридската Архиепископија, а кои биле неподносливи за него. Со посредување на игуманот на Григоријатскиот манастир на Света Гора, Архиепископот Јован му даде отпусно писмо за Митрополијата на Китира и Антикитира во Грција. Таму беше ракоположен во чин јеромонах. Од Јануари 2011г. избегал од Митрополијата на Китира и Антикитира и се населил во Скопје со образложение дека неговиот брат кој работи во кабинетот на Претседателот на државата не добивал решение во службата само затоа што тој работел како свештеник во Грција. Митрополитот на Китира и Антикитира го советувал она што вели Господ во Евангелието дека: „кој го љуби таткото или мајката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене.” Но, јеромонахот Атанасиј одбил да се врати, а во меѓувреме смислувал подли планови како да премине кај расколниците во Р. Македонија, а притоа да не биде расчинет. Се обидел прво да премине во клирот на Романската Црква, но никој од Епископите на Романската Црква не се согласил да го прими. Потоа се обратил кај видинскиот Митрополит во Бугарија, и заедно со расколничкиот Архиепископ Стефан побарале прием кај Митрополитот видински г. Дометијан. Расколничкиот Архиепископ Стефан барал од Митрополитот видински да му даде прво канонски прием на јеромонахот Атанасиј од Митрополијата на Китира и Антикитира, а потоа да го отпушти за расколничката Црква во Скопје. Митрополитот видински не се согласил да му даде писмо за некоја епархија на расколничката организација во Р. Македонија и му дал општо отпусно писмо без да се наведе за која епархија се однесува отпустот.

Јеромонахот Атанасиј со таквото отпусно писмо бил примен во клирот на скопската Митрополија на расколниците во Р. Македонија и деновиве служеше во некои скопски храмови. Во Православната Црква нема пракса да се даваат отпусни писма без да се наведе за која епархија се отпушта клирикот, и затоа Митрополитот видински не може да се изземе од вината за поттикнување неред во Црква што не е под негова јурисдикција. Но, вината на јеромонахот Атанасиј е неспоредливо поголема зашто тој, погазувајќи ги свештените канони и свештеничкото достоинство без ронка грижа на совеста преминал во клирот на расколничката организација во Р. Македонија. Во својот мрачен план Атанасиј Арсоски не видел дека каноните предвидуваат расчинување за оние клирици што ќе свештенослужат на канонска територија за која немаат дозвола за служење од надлежниот Архијереј. Во краен случај залудно се мачел да смислува план како на „канонски” начин да премине во неканонска црква.

Прашањето кое си го поставува секој човек кој барем малку ги познава црковните работи е следново: Ако јеромонахот Атанасиј Арсоски е замонашен и ракоположен во ѓаконски чин од Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован (а тоа е факт, види: http://www.poa-info.org/vesti/2004/08/20040808.html), и како што се гледа од последниве настани нема никаков проблем тој да биде прифатен од расколниците во Р. Македонија со чинот што го стекнал, како и да сослужува со нив, тогаш според кои канони и според која теологија тие го примиле во општење споменатиот јеромонах кога тој е ракоположен од Епископ што токму тие го сметаат за расчинет?

Тешко е да се очекува дека расколниците ќе дадат одговор на ова прашање зашто ниту нивото на нивното теолошко образование, ниту пак несериозниот пристап кон црквените проблеми даваат ветување дека тие еднаш ќе профункционираат одговорно како Црква.

Користољубивоста на Атанасиј Арсовски брзо ќе ја видат и оние што до сега не ја виделе. Тој исползува сè што му понуди привилегијата да се биде во канонска Црква. Заврши факултет во Србиње, дипломата му беше призната во Грција, во Грција беше на државен платен список само затоа што е во канонска Црква и што завршил факултет што е признат од Православната Црква. Воспостави врски со духовници од Света Гора и Грција и тоа сè само затоа што беше во канонска Црква. Само човек кој е крајно користољубив игра на начин како што изигра јеромонахот Атанасиј. Прашањето кое тој треба да си го постави е следново: Дали таквиот начин на живот му одговара на повикот кој слободно го примил, односно дали со таквиот начин на живот не мисли дека е сличен на оние за кои Господ вели дека треба да си стават воденички камен на вратот и да се фрлат во море? Од денес па натаму црковната полнота може да набљудува што се случува со човек што им плукнал во лице на тие што го ракоположиле.

За да го заштити словесното стадо од соблазна, Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски донесе одлука да го стави под забрана на свештенодејство јеромонахот Атанасиј на канонската територијата на Архиепископијата охридска и Митрополија скопска во рок од 30 денови, со почеток од 14 Ноември 2011г. Во исто време се поведе и црковно-судска постапка за расчинување на гореспоменатиот јеромонах.

Од канцеларијата на Архиепископијата охридска и Митрополија скопска