17.03.2011
Соопштение
Врховниот суд на Р. Македонија на 17 Март 2011 год., ја потврди пресудата за двеипол годишната затворска казна, којашто од страна на Основниот суд во Велес му беше изречена на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Митрополит скопски г.г. Јован.
Пресудата воопшто не изненадува доколку се земе предвид фактот дека македонското судство во сите извештаи на меѓународната заедница бива посочено како најкорумпираниот сегмент од општеството, и воедно како судство на коешто допрва му претстои реформа и усогласување со европското судство.
Доказ за тоа дека македонско судство врви во дијаметрално спротивна насока од европското судство е фактот што токму за истиот случај за којшто Врховниот суд сега ја потврдува осудителната пресуда, Апелациониот суд во Софија, Р. Бугарија, одби да го екстрадира Архиепископот Јован во Р. Македонија. Во одлуката на судот од Бугарија пишува: „финансиските малверзации за коишто се товари Архиепископот Јован не претставуваат ништо друго освен продолжен политички прогон врз верска основа.“
На крајот, останува чуденката дали државниот прогон врз верска основа, пројавен преку политички нарачаните судски одлуки претставува свесно промовирање на аутизмот на македонското општество или, пак, е одраз на капацитетот на политичко-судските чинители!
Од Канцеларијата на Архиепископијата охридска и Митрополија скопска