Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija


04.01.2011

На отворено заседание на Апелациониот суд одржано на 4-ти Јануари 2011 год. во Софија, Р. Бугарија, судот одлучи да не дозволи екстрадиција на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован од причина што екстрадицијата би била спротивна на член 7, точка 4, од Законот за екстрадиција и Европската заповед за апсење. Според тој член од Законот, екстрадицијата се откажува кога гонењата се извршуваат врз политичка, расна и верска основа.

Во случајов, преку доказите, коишто беа приложени во Судот, и распитот на сведоците, јасно се докажа дека гонењата против Архиепископот г.г. Јован се врз политичка и религиозна основа.

И покрај тоа што последната пресуда со којашто Р. Македонија бараше екстрадиција, навидум нема политички карактер, Судот утврди дека таа е само производ на континуираните политички гонења, коишто траат од 2002 год. до денес.

Судот оцени дека постои опасност во случај на екстрадиција на Архиепископот г.г. Јован во Р. Македонија, политичките гонења да продолжат. Заради тоа, според гореспоменатиот член од Законот, бугарскииот суд одлучи Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован да не го екстрадира на властите во Р. Македонија. Одлуката е конечна и ниедна страна нема право на жалба.