Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

26.01.2010

Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г. Јован, откако му беше укината мерката притвор, после речиси двегодишно отсуство, на 25 Јануари, во доцните вечерни часови се врати во својата татковина.

Архиепископот г.г. Јован бараше укинување на притворот во времето кога траеше судската постапка против него, но бидејќи тоа не беше сторено, тој беше присилен скоро две години да се наоѓа надвор од Р. Македонија.

После укинувањето на притворот, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г. Јован се врати помеѓу припадниците на Охридската Архиепископија, коишто неизмерно се израдуваа на средбата со својот Архипастир.

Во меѓувреме, мноштво релевантни институции (Амбасадата на САД во Р. Македонија, Амбасадата на Европската Унија во Р. Македонија, Freedom House), јасно предочија дека во Р. Македонија недостасува практикување на законите, коишто ги гарантираат верските слободи подеднакво на сите граѓани, ставајќи акцент на судскиот прогон спроведуван врз Архиепископот г.г. Јован.

Инаку, откако велешкиот Основен суд со неколку одлуки утврди дека нема докази и донесе две ослободителни пресуди за Архиепископот г.г. Јован, Апелациониот суд постојано го враќаше случајот, сè до донесувањето на пресуда, којашто е задоволителна за расколничката МПЦ.

Предметот сега се наоѓа во жалбена постапка и сè до донесувањето на одлука од страна на Апелациониот суд, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован е слободен граѓанин.

Од канцеларијата на
Православната Охридска Архиепископија