Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija


18.03.2008

Канцеларијата на Православната Охридска Архиепископија соопштува дека само на неколку денови пред да почне да важи новиот закон за верски заедници (1-ви Мај 2008 год.), според кој Православната Охридска Архиепископија конечно треба да биде признаена како Црква во Р. Македонија, власта во нашата земја, наместо да ги гледа проблемите кои ги има преку глава, започна нова хајка против првојерархот на Охридската Архиепископија, најверојатно за да го сврти вниманието на јавноста од проблемите кои таа ги има. Имено, судот во Велес, вчера му изрече мерка притвор на Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован бидејќи не се јавил на судско рочиште. Во една крајно незаконска постапка судот ја изрече споменатата мерка иако немаше никаков законски основ за тоа, затоа што ниту Архиепископот Јован беше уредно поканет, па избегнал да се јави на судење, ниту неговиот адвокат г. Васил Ѓорѓиев беше уредно поканет, па одбил да дојде на судењето.

Архиепископот Јован е по службена должност надвор од државава и нема никакви сознанија дека судот се обидувал да му достави покана за судска расправа. Од друга страна, неговиот бранител уште пред дваесетина дена го известил судот во Велес дека на 17-ти Март е ангажиран како бранител во судско рочиште за организиран криминал кое има приоритет над другите судски рочишта.

Но, и покрај сето тоа, судот во отсуство му одредил на Архиепископот Јован мерка притвор. Со тоа, судот наместо да ги спроведува законите, повторно подлегна под влијанието на извршната власт и како многупати до сега во случаите со Архиепископот Јован, донесе незаконита одлука.

Не е ли веќе бескрајно срамно она што го прави власта во Р. Македонија, секогаш кога сака да го сврти вниманието на јавноста од сопствените проблеми да ја употребува за тоа Охридската Архиепископија и нејзиниот провојерарх? Треба ли уште жртви да поднесе Неговото Блаженство, Архиепископот Јован за да ѝ постане јасно на власта дека ниту со една неправда која му ја прави на Архиепископот нема да го предомисли и да го врати од патот на единството на Црквата по кој тргнал? Треба ли уште страдања да му се приредат нему и на Охридската Архиепископија за расколничката МПЦ да го задоволи својот бес? Ако МПЦ смета дека патот до единството со другите православни Цркви е во неконтролираното излевање омраза и јавно манифестирање на бес, нека биде сигурна дека на тој пат нема да ги сретне другите Цркви.

Од канцеларијата на Архиепископот охридски и Митрополит скопски