Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

14.01.2007

Кој е Никола Захариев, кој се претставува како искушеник во манастир на Православната Охридска Архиепископија

Никола Захариев кој на 12 Јануари 2008 год., се претстави пред средствата за информирање како искушеник во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Лагово, е сопруг на Ратка, и татко на Дејан, Ивица и Александар, со место на живеење во населбата Колонија - Идризово, покрај Скопје.

Ја информираме јавноста дека тој никогаш не бил примен како искушеник ниту во манастирот во Лагово, ниту во било кој друг манастир на Православната Охридска Архиепископија.

Споменатото лице е на шеесетгодишна возраст и меѓу луѓето од Црквата е познат дека има лабилна емотивна состојба. Има завршено средно богословско училиште, долги години бил црковен певец кај расколниците во Р. Македонија, но никогаш не бил ракоположен во свештенички чин, токму затоа што повеќепати и на повеќе места правел недолични испади.

Пред неполни три месеци, по многу натегања, беше примен во манастирот во Лагово со барање да остане, но Архиепископот г. Јован не се согласи да се впише како искушеник, бидејќи немаше отпусно писмо, односно согласност од сопругата дека таа се согласува тој да живее во манастир.

Откако после кратко време се утврди дека г. Никола не може да се вклопи во монашката средина, едно заради напорот на подвигот, друго затоа што го влечеше мислата за дома, настојателот на манастирот го замоли да си замине. Од тогаш почнаа проблемите со него, а тие траеа речиси еден месец. На крај, братството од манастирот се одлучи да повика полиција и г. Никола насилно да биде избркан од манастирот. Полицијата тоа и го стори, но следниот ден г. Никола излезе на средствата за информирање и ги изрече сите оние гадости, кои за монасите е срамно да ги помислат, а не да ги направат.

Навистина една грда постапка, без оглед на тоа што споменатото лице има одредени психолошки проблеми, но уште погрдо е тоа што средствата за информирање како едвај да чекаат било што да се случи во Православната Охридска Архиепископија, а тие да го прикажат како нешто најлошо. Веќе пет години средствата за информирање информираат дека монасите ја напуштале Православната Охридска Архиепископија, дека им се случуваат скандали, дека немаат народ, но никако да им се исполнат очекувањата на кои упорно работат, Црквата да ја снема.

Напротив, после секој „скандал”, луѓето се повеќе се будат, ја откриваат вистината, и пристапуваат кон единствената канонска Црква на територијата на Р. Македонија, а тоа е Охридската Архиепископија.

Од Канцеларијата на Архиепископијата охридска и Митрополијата скопска