Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
Протокол бр. 44 до 03 Април 2006

Основниот суд во Велес, денес на 03 Април 2006г. објави ослободителна пресудата по обвинението на Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован од страна на јавниот обвинител во Велес, за кривично дело затајување по чл. 239 ст. 4 в.в.ст. 1 в.в.чл. 45 од Кривичниот законик. Повеќе од сигурно е дека гонењата кои ги приредува власта на Р. Македонија во режија на расколничката организација МПЦ нема брзо да престанат, но денешната пресуда е огромна сатисфакција не само за Архиепископот, туку и за сите Епископи и свештеници на Православната Охридска Архиепископија, како и за верниот народ. Имено, со ова се потврди она што досега на многу пати беше кажано, дека сите процеси кои се водеа против Неговото Блаженство во суштина беа политички процеси. Злобна и пакосна беше целта на расколничката организација МПЦ, во соработка со власта на Р. Македонија да го прикаже Архиепископот како крадец. Уште понесериозно беше тоа што средствата за информирање се приклучија на прогонот и вршеа континуиран притисок врз јавноста таа да стекне слика дека Архиепископот е крадец. Прво, благодарејќи на Бога, но благодарејќи и на тоа што овој судски процес беше поврзан со сметководство кое е математика, а врз која многу потешко влијае политиката, иако за нашите власти и тоа не е неможно, се докажа она што Неговото Блаженство од почетокот го зборуваше, а тоа е дека не само што ништо не украл од МПЦ, туку МПЦ него му должи повеќе од 10 000 Евра. Во оваа сума не се пресметани компјутерите, печатарите, копир апаратите од Х. О. Воскресение, телевизор, и друга покуќнина, како и пет пара архијерејски одежди, мандија, митра и други богослужбени предмети во сопственост на Архиепископот Јован кои расколничката МПЦ ги задржа кај себе кога го прогнаа насилнички од Велес.

Денес се покажа колку е значајно човек да верува и да го живее она што се вели во псалмот: „Подобро е да прибегнеш кон Господа, отколку на човек да се надеваш” (Пс. 118,8). Кон кого друг можеше да прибегне Неговото Блаженство и од кој друг да очекува помош во неговото неправедно прогонство?

Затоа, слава му на Бога за сè.

Од канцеларијата на
Православната Охридска Архиепископија