Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

До
Неговото Високопреосвештенство
Митрополитот велески и повардарски
и егзарх охрдски г. Јован

М О Л Б А

За канонски прием во Православната Охридска Архиепископија

Сообразно на новонастаната состојба во нашата татковина Р. Македонија, поточно фактот дека постои Синод на Автономната Православна Охридска Архиепископија, канонски признат од целиот православен свет, чувствувајќи ја првенствено пастирската одговорност пред Христа Бога и мојот народ кој е држен намерно и насилно во лага дека пребива во "автокефална Црква", а од друга страна медиокритетското квазипастирство на расколничката МПЦ, јас, презвитер Борјан Витанов со домашната црква, и својата паства, замолувам да бидам примен под јурисдикција на Едната Света, Соборна и Апостолска Црква во крилото на единствената канонски призната Православна Охридска Архиепископија на територијата на Република Македонија.

Сакајќи да му служам на Бога со сето свое срце, без срам, но слободно, а не лицемерно, како презвитер на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква - не можам да останам слеп и нем пред очигледната реална состојба во којашто се наоѓа мојот народ заради крајната пастирска неодговорност на неколкумина расколнички архиереи на самонаречената "автокефална" МПЦ.

Откако и во нашата татковина Р. Македонија, слава Му на Бога, се формира Црква која е во служба и мисија на Христовото Евангелие, во канонска заедница со останатите православни сестрински цркви, безумно е да се остане надвор од Телото Христово кое е Црквата. Оти Црквата е Една и иста насекаде и не е од овој свет. Само слеп водач на слепи може да биде оној пастир кој го промашува своето стадо со тоа што му угодува компромисно легализирајќи му ги страстите и падот од кој треба да биде избавен и исцелен.

Пресудна причина да го направам овој чекор е жедта за Христа Бога и учеството во заедничарењето во крвта на мачеништвото кое го принесуваат архиереите на Православната Охридска Архиепископија, служејќи им на небесните интереси на нашата небесна Татковина во којашто царува Отецот преку Синот во Светиот Дух - нашиот триипостасен Бог. Нема Црква којашто е стекната без мачеништво и крв како што вели божествениот Павел.

Бивајќи свесен дека на Бога неможе да Му се служи со стомак, туку со чисто срце и смирен дух, се отповикувам на призивот од страна на Православната Охридска Архиепископија да служам како македонски клирик во оваа канонска Црква, со искрена и љубовна надеж дека и останатите мирски клирици коишто се во раскол, ќе го разберат подвигот на нелицемерната жртва којашто мора да се принесе за да се спаси нашиот македонски народ од духовното ропство во коешто ги држи расколот.

Слава на Пресвета Троица - нашиот Бог и Пресвета Богородица што одново на овие македонски библиски простори засветли Нејзината несоздадена благодат преку мисијата што ја има Православната Охридска Архиепископија, како Црква на македонскиот народ и сите православни кои живеат во Р. Македонија.

14.09.2004
Параклис Благовештение на
Пресвета Богородица,
Клинички Центар - Скопје

Презвитер Борјан Витанов