Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МИТРОПОЛИТ СКОПСКИ

Протокол бр. 267 од 29 Септември 2008

Почитувани,

Иако писмово го испраќаме до Црковно – народниот собор на МПЦ, не сме убедени дека истото ќе биде прочитано на соборот закажан за 04 Октомври 2008 г., во Струга, па затоа го објавуваме отворено, на суд пред сегашноста и иднината, а секако и за сведоштво на историјата.

Веста која ја чувме од средствата за информирање пред два дена, дека Синодот на МПЦ одлучил да му предложи на Црковно – народниот Собор, на името на МПЦ да биде додадено и името: Охридска Архиепископија, искрено нè израдува. Без оглед на тоа што една од целите на оваа промена сигрно е да се оневозможи регистрирањето на канонската Охридска Архиепископија во регистарот на верските заедници во Р. Македонија.

Оваа промена, ако се усвои, а ние го испраќаме ова писмо токму како поддршка за тоа, значи многу за понатамошниот дијалог на МПЦ за нејзино признавање. Со Спогодбата од Ниш се решаваа два базични проблеми, првиот името на МПЦ, и вториот, нејзиниот статус. Секако потешкиот проблем беше со името на МПЦ. Епископите кои ја потпишаа Спогодбата, по голем притисок на Власта ги повлекоа своите потписи зашто промената на името на МПЦ директно ќе влијаела во преговорите за името на Р. Македонија.

Сега, после цели 6 години конечно се собра храброст да се промени името на МПЦ. Но, зошто требаше да поминат 6 години? Зошто требаше да претрпиме толку гонења, малтретирања, понижувања и конечно и неколку затварања, за нешто кое само по себе е јасно и недвосмислено? Името МПЦ нема црковна поткрепа, додека Охридска Архиепископија е име на прославена Црква, друго е тоа што скоро сите нејзини Архиепископи биле Грци, освен ретки исклучоци на Архиепископи со словенско или некое друго потекло, кои се бројат на прстите на една рака.

Кога ние, и Синодот на Православната Охридска Архиепископија го прифативме ова име, пред шест години, бевме прогласени за државни непријатели. Последиците од тоа ги трпиме до денес. Сеуште сме во егзил и не можеме да влеземе во Р. Македонија зашто има потерница по нас, и тоа само затоа што пред шест години го направивме тоа што претходно го прифатија тројца епископи на МПЦ и го потврдија со нивните потписи, а сега тоа го прави и Црковно – народниот собор на МПЦ.

Да не бидеме погрешно сфатени, дека ние ги поставуваме претрпените наши страдања над општата добивка од вака крупната одлука за промена на името на МПЦ, што му претстои на овој Црковно – народен собор. Велиме промена на името, иако некои ќе го толкуваат тоа само како додаток на името на МПЦ. Да бидеме искрени, ако некогаш МПЦ биде призната, никој веќе нема да ја нарекува МПЦ, туку само Охридска Архиепископија.

Но, тоа е за пофалба, иако сметаме дека уште поголемо ќе беше, уште сега МПЦ сама да се откажеше од тоа неканонско име и да го усвоеше само името Охридска Архиепископија. Тоа ќе беше на голема почест на учесниците на црковно-народниот собор. Вака доаѓа како нешто да се сака да се протурка на мала врата, а тоа не приличи на сериозна Црква. Црквата е секогаш авангарда, таа предводи во царствата, во државите во општеството. Црквата е сол на земјава.

Сепак не треба да се дозволи овие мали недостатоци да го поматат ова големо дело кое ви претстои да го направите. Да го промените името на МПЦ и таа да се нарекува Охридска Архиепископија. Наша препорака е да не се осврнувате ниту на тоа што некои веќе зборуваат дека ова значи подготовка за промена на името на државата Р. Македонија.

Додуша, јасно е тоа, и ние на многупати сме го кажувале дека МПЦ, уште од времето на нејзиното создавање од страна на комунистите во 1967 г., па сè до денес функционира како една од дирекциите во Владата на Р. Македонија. Реално, нејзините епископи ниту во минатото, а ниту сега имаат капацитет да се извлечат од нивната подвластеност на Властите. Тоа сега и не е толку важно, но што има лошо во тоа еднаш конечно да се реши и проблемот со името на Р. Македонија и земјата да почне да просперира?

Заради сево ова, топло и искрено им препорачуваме на делегатите на Црковно – народниот собор на МПЦ да го усвојат предлогот за промена на името на МПЦ во Охридска Архиепископија. Тоа нè прави на чекор до решавање на проблемот и со статусот на МПЦ. Покрај оваа промена на името, МПЦ ќе треба да го прифати уште само автономниот статус предивиден со Согласноста од Ниш и конечно, проблемот со нејзиното непризнавање ќе биде решен. Простете на нескромноста, но сметаме дека за сето ова што се прави, а и за она другото што ќе треба да следува до конечното решавање на проблемот на МПЦ, и ние дадовме скромен допринос.

Злобниците, пак, уште од сега приметуваат дека токму во месецот во кој треба да профункционира новиот закон за правната положба на верските заеднци во Р. Македонија, МПЦ го променува името во Охридска Архиепископија за канонската Православна Охридска Архиепископија да не може да се регистрира под тоа име. Како Архиепископ на Охридската Архиепископија, а со зборовите на Апостолот Павле одговараме: согласен сум дури на поголема штета, само мојот народ да се спаси.

На Православната Охридска Архиепископија не ѝ е многу важно дали и кога ќе биде регистрирана од државата. Особено што е тоа држава која е позната по непочитувањето на основните верски права. Ние веќе шест години постоиме нерегистрирани, вистина во непрестани прогонства, малтретирања, понижувања и затварања, но признати од сите други Православни Цркви. Ниту евентуалното наше регистрирање ќе ја унапреди нашата положба, ниту нерегистрирањето ќе не уназади повеќе од состојбата на која што сме. Нашето регистрирање повеќе ѝ треба на државата отколку нам, ние научивме да живееме гонети од државата, но на Р. Македонија не треба да ѝ биде сеедно што е постојано на тапет за непочитување на основните човекови права. Така, дури и под било какво друго име државата да нè запише во нејзините регистри, тоа ќе биде само за нејзина употреба, а за сите други, канонската Православна Охридска Архиепископија ќе бидеме ние.

За крај, уште еднаш сите поименично Ве поздравуваме со целив во Господа, благословувајќи го овој собор кој сите Вас, секако воколку одлучите да го промените името на МПЦ, ќе Ве запише барем во историјата.

АРХИЕПИСКОП И МИТРОПОЛИТ
+Охридски и Скопски Јован