Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Врска 16-30/20 од 03.11.2004

Преку
Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи
до
Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на внатрешните работи, судството, државната управа, локалната самоуправа и работите од верски карактер

ЖАЛБА

на решението 16-30/20 од 03.11.2004 од Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи со кое се одбива пријавувањето на Православната Охридска Архиепископија како религиозна група

Во целост го обжалуваме решението од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи со кое се одбива пријавувањето на религиозна група под име Православна Охридска Архиепископија од причини што истото е несогласно со меѓународните конвенции за слобода на вероисповеста на кои потписник е Р. Македонија, но исто така несогласно е со Уставот и Законите кои важат во Р. Македонија.

Со решението направена е:

Самото решение претставува политичка одлука да се оневозможи постоењето на религиозна група која не сака да припаѓа на од државата поткрепуваната верска заедница МПЦ иако според решението на уставниот суд У.бр. 10/2004 е многу јасно и очигледно дека според Уставот тоа е дозволено.

Но, заради историска доследност и печат на црковната борба за постоењето на Православната Охридкса Архиепископија на просторот на денешна Р. Македонија, како и заради општо уверување дека овој предмет најверојатно ќе стигне пред меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, нека ни биде дозволено жалбава да ја започнеме со еден историски пресек.

После неприфаќањето на Согласноста од Ниш од страна на САС на МПЦ, Велеската и повардарска Света Митрополија, предводена од нашата смерност Митрополит велески и повардарски и Егзарх охридски Јован, заедно со сето свештенство и побожниот народ на Митрополијата стапи во литургијско и канонско единство со Пеќката патријаршија. За тоа дека со такавата одлука се согласнија сите свештенослужители на Митрополијата ви испраќаме копија од записникот и потписите на истите.

Но, само неколку дена после тоа, без постоење на судски налог, полицијта на Р. Македонија изврши смеќавање на владението во зградата на Митрополијата во Велес во која живееше Митрополитот Јован со неколку други лица. Сите тие беа брутално избркани на улица, со гурби закани, псуења и хулиганско однесување од страна на полицијата. Од тогаш започна грубото мешање на државата во црковните работи кое кулминира до таму, припадници на Православната Охридска Архиепископија да бидат судени и да лежат во затвор заради своите верски убедувања, да бидат гонети и секојдневно малтретирани, а нивните домови да бидат претресувани во кое време ќе посака полицијата, често пати и на полноќ, да бидат палени манастири (иако не е докажано, постојат сомневања дека во насилството на монахињите во с. Нижеполе и палењето на манастирот учестувале маскирани лица прпадници на полицијата), а монасите и монахињите да бидат бркани на улица на сред зима на полноќ, како и тоа да бидат одземени од страна на полицијата сите доказни факти на Митрополитот Јован со кои тој треба да се брани на судењата кои јавниот обвнител ги конструира против него и истите сеуште да не не му бидат вратени. Конечно издаде и една политичка декларација за штитење на МПЦ од страна на Собранието на Р. Македонија, а со која пак се ускратуваат верските права на оние кои не сакаат да припаѓаат на од државата штитената МПЦ.

Сево ова го наведовме за да се има претстава колку грубо државата се меша во црковните работи, колку недозволени дејствија превзема за да ја зацрврсти позицијата на МПЦ, но истото на штета на правата на слобода на вероисповест и на штета на угледот на државата. Во контекст на горереченото треба да се гледа и решението на Комисијта за односи со верските заедници и религиозни групи да не се прифати пријавувањето на Православната Охридска Архиепископија како религиозна група.

Со тоа што Уставниот суд на Р. Македонија ги поништил скоро половината од членовите на постоечкиот Закон за верски заедници и религиозни групи се докажува дека истиот бил крајно недемократски и нема да погрешиме ако речеме тоталитаристички. Така, ако од Уставниот суд е укинат членот 3 ст.1 во кој се вели дека „Верски работи и верски обреди во Република Македонија може да врши само регистрирана верска заедница, односно религиозна група”, тогаш која е смислата на постоењето на Комисијата за односи на верските заедници и религиозни групи, како и тоа какава е смислата на решенијата која таа ги издава кога укинувањето на овој член од страна на Уставниот суд значи дека нема ама баш никакво значење регистрирањето на некоја верска заедница или религизна група од страна на Комисијата. Благодариме на Бога што е така, оти во спротивно до сега државата по плоштадите и пазариштата ќе ги печеше живи припадниците на Православната Охридска Архиепископија. Во прашањето зошто тогаш постои споменатата Комисија кога практично нема никакви овластувања не би сакале да навлегуваме, со него нека се занимаваат оние кои го контролираат буџетот на Владата. Она што е од интерес на Православната Охридска Архиепископија, како и она заради што е поднесена пријавата за регистрирање на истата како религиозна група, не е од причина некоја Комисија да го потврди постоењето на Православната Охридска Архиепископија. Таа постои уште пред Цанче да се роди, а како стојат работите, таа и ќе го испрати од овој свет. Така, ниту црковно, ниту правно ништо не значи дали Комисијата примила на знаење дека Православната Охридска Архиепископија постои или сеуште е во безсознание по однос на тоа. Но, за нас беше важно, а за тоа се обидовме да се информираме преку две писма кои во теков на оваа година ги исративме до Комисијата, а на кои на жалост не добивме одговор, како е можно Православната Охридска Архиепископија на нејзино име да го регистрира имотот кој го поседува. Тоа е суштинското заради што го обжалуваме споменатото решение и бараме Комисијата за решавање во управна постапка од втор степен да нè упати на кој начин можеме да го решиме споменатитот проблем.

Сепак, за да не остане дека не сме ја приметиле незаконитоста и нелогичноста на решението од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, нека ни биде дозволено во продолжение да го прокоментираме истото.

Подносител на пријавата за регистрација на Православната Охридска Архиепископија е Митрополитот велески и повардарски и Егзарх охридски Јован. Тоа е неспорно од олуката на основачите, но исто така и од пријавата која е потпишана од Митрополитот Јован. Факт е дека пријавата не ја однесе лично во Комисијата Митрополитот Јован, но каква разлика има помеѓу тоа пријавата да биде испратена преку пошта и истата да биде однесена во просториите на Комисијата од игуменот Давид (Нинов). Никаде во законот не пишува дека подносителот на пријавата треба истата да ја однесе лично во Комисијата. Затоа луѓето измислиле пошти, имаат свои писмоносци и курири, а денеска тоа се прави и преку електронска пошта. Во кое време живее потписникот на решението кое го обжалуваме може да се открие и од опишанава паралогичност.

Доказ: Пријавата за регистрирање на Православната Охридска Архиепископија

Втората паралогичност која го достига и рангот на глупост е споредувањето на основањето на Православната Охридска Архиепископија кое беше извршено на 01.09.2004 од страна на свештенослужители и лаици (цивили) и од кое произлезе барањето за регистрирање на Православната Охридска Архиепископија со основањето на Свет Архијерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија на 25.12.2004 кој е составен само од Епископи и во него не учестуваат лаици (цивили). Каква врска постои помеѓу едното и другото само на пророчиштето во Делфи и евентуално на Ванѓа, но и на пророците во Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи им е познато. Каква врска поставуваат во Комисијата помеѓу основачкото собрание на Православната Охридска Архиепископија и Светиот Архијерејски Синод на истата по однос на поднесувањето на пријавата, нашето скромно познавање на правото не можеше да утврди. Но, само заради појаснување, во Правилникот за уредување и организирање на работењето на Православната Охридска Архиепископија кој го приложивме со пријавата, во член 6 определено е дека истата ја има структурата: Епископ, свештеник, ѓакон и народ Божји. Бидејќи Светиот Архијерјски Синод ја нема такавата структура која е потребана за да постoи Православна Црква, што има врска што е тој контитуиран во декември 2003, а Православната Охридска Архиепископија бара регистрација како религиозна група на нејзиното основачко собрание во септември 2004?

Доказ: Усвоениот Правилник за уредување и организирање на работењето на Православната Охридска Архиепископија

Тоа, пак дека Православната Охридска Архиепископија нема ама баш ништо со МПЦ која е непризната од ниту една Православна Црква, сведочи Заклучокот од Светиот Архијерејски Синод на Српскта Православна Црква кој беше доставен во предметот за регистрација, а во кој се вели: „Следствено на ова, Православната Охридска Архиепископија и МПЦ немаат исто вероисповедание. Првата (Православната Охридска Архиепископија) е канонска Црква, како и сите други помесни Православни Цркви, а втората е расколничка организација која е надвор од општењето со Православните Цркви.” После едно вакво децидно прецизирање на разликите помеѓу Православната Охридкска Архиепископија и МПЦ да каже некој дека Православната Охридска Архиепископија произлегувала од „веќе регистрирана и пријавена верска заедница МПЦ, чие место и улога се утврдени со Усавот на РМ” е прилично тенденциозно, богами и глупаво.

Доказ: Заклучокот од Светиот Архијерејски Синод на Српската Православна Црква

Споменатото решение од Устаниот суд јасно упатува на тоа дека оние кои не сакаат да припаѓаат на некоја од веќе регистрираните верски заедници може да побараат да бидат пријавени како религиозна група. Членовите на Православната Охридска Архиепископија, од верски и морални побуди не сакаат да припаѓаат на веќе регистрираната МПЦ. Православната Охридска Архиепископија е сосем нова религиозна група која нема и не сака да има ама баш никаква врска со МПЦ. Од решението на Комисијата произлегува дека оние кои ја поднесуваат пријавата, а тоа е Православната Охридска Архиепископија и Светиот Архијерејски Синод на Српската Православна Црква кој достави свој Заклучок до Комисијта не знаат дека немаат исто вероисповедание Православната Охридска Архиепископија и МПЦ, а пророците во Комисијта тендециозно и злонамерно тврдат дека Православната Охридска Архиепископија сакала да формира паралелна верска заедница во Р.М.

Доказ: Решение на Уставниот суд на Р. Македонија У.бр. 10/2004

Проблемот пак на замешателство кој се прави со името на Православната Охридска Архиепископија е кулминација на несериозноста на оние кои го донесле решението, под услов, ако истото не е донесено во политичката лабараторија на СДСМ, а кутриот Цанче само го потпишал. Внимавајте добро, тоа што МПЦ поднела барање до Државниот завод за индустриска сопственост да се регистрира името: „Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија”, а државниот завод откако видел дека во меѓународната класификација на производи и услуги не е пријавен тој наслов како трговска марка, ја регистрирала МПЦ со тоа име, се зема како главен аргумет за тоа дека Православната Охридска Архиепископија не можела да го носи името кое веќе е регистрирано како трговска марка, е голема пофалба на глупоста. Добро бе луѓе, овие во Комисијата, природно се такви ... или одат на спремање? Тоа што МПЦ се регистрирала како фирма за увоз и извоз да биде пречка што Православната Охридска Архиепископија сака да се регистрира како религиозна група? МПЦ од секогаш работела како приватна фирма за продавање на ветер, кога со повеќе, кога со помалку профит, но што има тоа врска со оние кои сакаат да бидат во доменот на верата? Факт е само едно, дека во регистрарот кој се водел во Комисијта за односи со верските заедници и религиозни групи, но повеќе не се води зашто тој член од Законот е укинат од Уставниот суд, регистрирана е Македонската православна црква исклучително под тоа име, како што исклучително под тоа име е наведена и меѓу верските заедници во Уставот на Република Македонија. Друг факт и да постои е ирелевантен. Дали под тоа име се регистрирала некоја фирма, трговско здружение како што тоа го направила МПЦ, или некоја хуманитарна организација е сосем неважно. Тие се регистрирале по друг закон. Законот за односи со верските заедници и религиозни групи не бара името на некоја верска заедница да не биде регистирано како фирма или некоја друга организација која се регистрира по друг закон, туку да не биде исто со името на некоја од веќе регистрираните верски заедници или религиозни групи (чл.12 од законот). Името, Православна Охридска Архиепископија не го користи ниту една до сега регистрирана верска заедници или религиозна група. Тоа што Цанче сака од решението на Комисијата да направи учебник по историја е проблем на проблематичен човек. Но, неговите хипотези дека МПЦ била Православната Охридска Архиепископја немаат никаква правна вредност пред поставеното барање за регистрација на Православната Охридска Архиепископија. Ние во барањето не го замоливме др. Цанче да ни држи часови од црковна историја и еклисиологија, која патем речено воопшто не ја познава, туку да утврди факти дека постои Православна Охридска Архиепископија која уредно доставила пријава за регистрација како религиозна група, дека под тоа име нема регистрирано друга верска заедници или религиозна група и да издаде решение дека истата е регистрирана. Да се толкува уставот на МПЦ во половината од текстот на Решението и некој да се јавува во улога на ѓаволов адвокат, мислиме дека нема никакво суштинско значење за одлуката.

На крај, од сета квази историја тенденциозно толкувана во решението извлечен е квази заклучок дека: „пријавувањето на религиозна група Православна Охридска Архиепископија” било „само формално покривање на вистинската суштина - организирање и дејстување на паралелна православна верска заедница”. Каде е тогаш слободата на вероисповест загарантирана со конвенциите за човекови права? Каде е слободата на вероисповест загарантирана со Уставот на Р. Македонија? (Види чл. 19 од Уставот на Р.М.) За жал, во Р. Македонија сето тоа е само добра бајка. Како е можно да има слобода на вероисповест кога секогаш кога не сакаш да припаѓаш на некоја веќе установена верска заедница или религиозна група и сакаш да организираш друга религиозна група те обвинуваат дека си сакал да создадеш паралелна верска заедница. Додуша, дури и Уставниот суд со решението У.бр. 10/2004 потврди дека е можно формирање на религиозна група од страна на оние кои не сакаат да припаѓаат на веќе регистрирана верска заедници или религиозна група, но, политичката корумпираност и тоталитаристичкото расположение на оваа Власт тоа го кршат и не почитуваат дури ни уставна одлука.

Што се однесува на примедбата дека согласно на чл.9 од законот за верски заедници, религиозната група била непрофитна организација, а во Правилникот за уредување на организацијата и работењето на Православната Охридска Архиепископија во чл 7 и 8, било наведено дека религиозната група за која станува збор можела да стекнува и располага со имот, упатуваме да се прочитаат чл. 16 и 18, како и чл. 22 ст.1 од законот за верски заедници и религиозни групи во кои се регулира токму сопственоста на верската заедница и религиозната група. Изгледа прилично несфатливо дека некој човек поставен на одговорна функција може да помисли дека непрофитноста на некоја организација, религиозна или хуманитарна да речеме која се регистрира по друг закон, значи истовремено дека истата не може да стекнува имот и да располага со него.

Толкувајќи ги чл. 1 и 2 од Правилникот за уредување на организацијата и работењето на Православната Охридска Архиепископија приложен при поднесување на пријавата, Комисијата вели дека затоа што Православната Охридска Архиепископија се управувала автономно во рамките на канонското подрачје на Пеќката Птријаршија била странска црква, а според чл.9 од Законот за верски заедници, само граѓаните на Р. Македонија можеле да основаат верска заедцница или религиозна група, а не странска црква и држава. Ова последново секако никаде не се наведува во споменатиот член, но од каде Цанче најде дека Православната Охридска Архиепископија била основана од странска Црква и странска држава тоа му е познато само на неговата генијалност. Во таков случај, освен расколничката МПЦ која нема заедница со ниту една друга црква во светот, сите други верски заедници и религиозни групи во Р. Македонија се основани од странски цркви и држави. На римокатоличката црква центарот й е во Рим, на Методистите во Швајцарија, на Евреите во Израел, на Муслиманите во Арабија, на Адвентистите и Јеховините сведоци во Америка и.т.н. Впрочем тоа е најприродно. Секоја вероисповест се мери по тоа колку е распространета во светот и колку е во единство со другите цркви од истата вероисповест. Цанче го гледа примерот со МПЦ која е за локална употреба и изолирана од сите, па затоа веројатно се збунил. Но, за тоа што се збунил, ние не му се лутиме. Толку може човекот, дава сè од себе.

Согласно на сево ова предлагаме, Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на внатрепните работи, судството, државната управа, локалната самоуправа и работите од верски карактер да утврди дека со обжаленото решение се повредени основните човекови права на слобода на вероисповеста, загарантирани со меѓународни конвенции за човекови права и Уставот на Р. Македонија, жалбата ја усвои и да се прифати пријавувањето на Православната Охридска Архиепископија како религиозна група од страна на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

17 ноември 2004
Битола

Подносител на жалбата
М И Т Р О П О Л И Т
+Јован велески и повардарски и егзарх охридски
ул. Кочанска 2/23
Битола