ПАСХАЛНА ПОРАКА
до чесното свештенство, преподобното монаштво и побожниот народ на нашата најсвештена Архиепископија
Зракот од светлината на воскресението што незапирливо продира насекаде, посакуваме да ве осветли, и просветли сите вас, љубени чеда во воскреснатиот Христос. Оваа пасхална порака иако ви ја испраќаме од затвор, од место значи, што според сè потсетува на темнина, страв и несигурност, се молиме да ви донесе воскресенски блесок, бодрост, радост и сила. Не затоа што зборот што ќе го чуете од оваа порака сам по себе е моќен да преобразува. Дури и да беше испратен од многу поугледно место отколку што е тоа затворот, дури и да е напишан од многу поголем уметник на говорот отколку што е тоа нашата смиреност, без оглед значи на неговиот естетски и материјален облик, тој нема трајна вредност, и вистинска смисла ако истиот не е причасник на воскресението. Само оној логос кој и самиот е учесник во воскреснатиот Христос, само зборот значи, што учествува во вечниот Божји живот, може да ги просветли, да ги поттикне, да ги преобрази и да ги восоврши оние кон кои е упатен.
Но, и тоа е неможно без вера. Без вера, зборот за воскресението е обесилен. Без вера, дури да сме на местото на стражарите кои го чуваа гробот Христов, дури и први да сме виделе дека после воскресението тој гроб е празен и го нема внатре веќе мртвото тело Господово, пак ќе останеме далеку од благовестието. Верата е одговорот на повикот Божји во нас. Бог нè повикува на личносен начин да го познаеме, да влеземе во трајна заедница со Него за да се осветиме и обожиме. Имајќи вера ние стануваме способни да го чуеме тој глас, и да му одговориме, да речеме: Амин, да речеме: Нека биде волјата Твоја Господи. Обратно, без вера ние сме глуви, и слепи, и целосно духовно бесчувствени. Ниту можеме да го чуеме повикот Божји, а уште помалку можеме да одговориме на тој повик.
Затоа оваа порака е до верните, а да се покажеш верен нема друг начин освен да веруваш во Воскреснатиот, во Оној Кој ја сотре смртта заради нас, за ние, верните во Него да наследиме живот вечен, и живот во изобилие. Воскреснатиот е меѓник на епохите. Тој го подели времето, цивилизацијата и постоењето на време до Него, цивилизација до Него, постоење до Него, и време од Него, цивилизација од Него, постоење од Него. Тоа го направи затоа што донесе нешто ново под сонцето, нешто што не само човекот, туку ниту Ангелите, ниту ѓаволите до тогаш не го виделе. А тоа е воскресението. Истото воскресение кое и денес го славиме зашто Христос воскресна еднаш за секогаш, и ние денес, после многу векови од историското Негово воскресение учествуваме токму во истиот настан, настан преку кој вечноста продре во времето и преку кој времето стана вечност.
Животот, без вера во воскресението е крајно обесмислен. Најчесто таквиот живот е исполнет со лутања и барања, со незадоволство од понуденото и потрага по нешто посуштинско. Но, ако се открие дека нема ништо посуштинско од вечниот живот, ако човек се увери дека било која животна цел која би ја одбрал е минлива, а вредно е само она што ќе го помине судот на вечноста, тогаш нема животот да се троши несмасно и неодговорно. Добиваме живот од Бога не за да го истрошиме необновливо и неповратно, туку за да се прилагодиме на вечноста, за да се извежбаме во совршенството. А, почетокот, но и крајот, алфа, но и омега секогаш е воскреснатиот Христос. Верата дека Тој воскресна од мртвите, дека ја сотре смртта и дека ни ја отвори вратата на Царството Небесно, всушност е блажениот почеток без кој сè друго би било промашување. Остварувањето пак, на нашето воскресение кое е производ на заедницата што за време на животот ќе ја воспоставиме со Воскреснатиот, е крајот. Но, и на почетокот, и на крајот образецот е Богочовекот Кој воскресна од мртвите.
Ако тој образец стане образец на нашиот живот, ако светлината на воскресението која излезе од гробот Христов ја осветлува нашата секојдневица, тогаш нема несреќа што може да нè доведе до очај, нема затвор што духовно ќе нè пороби, нема болест што ќе нè погуби. Насочувајќи го животот кон заедница со Воскреснатиот, секоја замка и секое искушение станува совладливо, секое затворање и телесно ропство издржливо, секоја болест и страдање стануваат работилница за вечноста.
Затоа, возљубени во Господа, „ведрата проповед за воскресението“ денес да ја научиме како што Господовите ученички ја научија од Ангелите, и да се пофалиме пред светот, као што тие им се пофалија на Апостолите. На благочестивиот не му приличи да се фали со ништо друго, освен со воскресението и Воскреснатиот. Така и ние да се пофалиме, покрај со нашите слабости како што тоа го правеше Апостолот, и со воскресението Христово. Единствено тоа е излез од сите безизлези со кои сме опкружени, единствено тоа е смисла во сите бесмисли со кои сме оградени, единствено тоа е радост во сите очајанија кои нè притеснуваат. Христос воскресна за да се надминат сите поделби, воскресна за да се соедини небото и земјата, Бог и човекот. Не воскресна за да подели, за да растури и за да погуби. Ете зошто секоја схизма, секој раскол е против Христа, против единството на створениот свет во Него, а со тоа и против воскресението. Расколот е разделување, разлагање и конечно смрт и пропаст. Воскресението е соединување, единство и конечно вечен живот.
Да се насочиме кон ова второво, љубени чеда во Воскреснатиот, да работиме на единството на Црквата за да наследиме воскресение и живот вечен, и заедно со цела Црква во еден глас да речеме: Христос воскресе.
На Пасха 2007
Од затворот Идризово
Ваш горешт молитвеник пред воскреснатиот Христос
+Јован по милоста Божја Архиепископ охридски и Митрополит скопски